„Фрајле„ ги воодушевија кумановци
Групата „Фрајле„, синоќа го затвори Меѓународниот тамбурашкиот фестивал, кој по десетти пат се одржа на Градскиот плоштад Куманово.

Настапот на новосаѓанките беше шлаг на торта за јубилејот, и ги воодушеви кумановци. Со својот препознатлив стил, енергични и шармантни, девојките повеќе од 2,5 часа ја забавуваа публиката од сите генерации, а двапати се враќаа на бис.
Нивните познати хитови: „Их либе дих„, „Фина„, „Штиклице„... ги знаеа повеќето присутни, но вистинска еуфорија настана, и ја дигна публиката на нозе, староградската војводинска песна „Три метара сомота„, за која рекоа дека и тие ја нарачуваат во кафеана.
Концертот на „Фрајле„ беше еден од подобрите кој досега е одржан на оваа манифестација. Организаторот направил вистински избор што ја поканил новосадската група. Девојките се фантастични, и направија невидена журка. Ја загреаа крвта на кумановските фрајли и фраери, - вели Атина Мургашанска, една од многуте посетителки на Градскиот плоштад.
Во две вечери на фестивалот настапија и групите „Кумановски тамбураши„ и „Ѓезме„ од Куманово,„Табиет„ од Свети Николе, тамбурашкиот оркестар од Осијечко-Барањски жупанија и поп пејачката Тијана Дапчевиќ.
"Тамбурашкиот фестивал веќе е бренд на Куманово и стана препознатлив не само во државата, туку и надвор од неа. Пред 10 години со многу ентузијазам го започнавме организирањето на фестивалот, па еве стигнаваме до мал, но за нас значаен јубилеј"- рече Нино Величковски, уметничкиот директор на фестивалот.
Во изминатите 9 години на Тамбурашкиот фестивал во Куманово, гостувале над 80 тамбурашки оркестри од балканските простори и Европа, а настапиле познатите музички имиња Звонко Богдан, Крунослав Киќо Слабинац, Мерима Његомир, Драган Даутовски, Влатко Стефановски, групите Гарави Сокак, Легенде, Боеми и други.
Фестивалот го организира локалната самоуправа Куманово со финансиска помош на Министерството за култура. Градоначалникот Зоран Дамјановски, по повод јубилејното издание, синоќа додели благодарници на поединци, фирми и стопански субјекти, кои во изминатите години го помагаа фестивалот.