Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
По десети пат синоќа на Градскиот плоштад во Куманово започна Тамбурашкиот фестивал. На првата вечер настапија групите „Кумановски тамбураши„ и „Ѓезме„ од Куманово, тамбурашкиот оркестар од Осијечко-Барањски жупанија и поп пејачката Тијана Дапчевиќ.
Се работи за квалитетен фестивал и многу ми е драго што вечерва сум тука пред кумановската публика. Секој чест на организаторите што успејаа да соберат квалитетни групи и изведувачи. Јас по трет пат сум во Куманово, но за првпат како водач на Жупанискиот оркестар. Нашиот оркестар го сочинуваат 30-тина луѓе, но вечерва тука се 15 квалитетни тамбураши од Осијек, претежно млади луѓе, - рече Фрањо Маторек, од групата Осијечко-Барањски жупанија.
На фестивалот, традиционално, пред домашната пубика се претставија и групите : „Кумановски тамбураши„ и „Ѓезме„.
Ние секоја година учествуваме на фестивалот, бидејќи се одржува во нашиот град. Чест и задоволство ни е да настапиме пред кумановската публика. Како секогаш ќе свириме повеќе забавна музика со тамбура и староградски песни, - изјави Горан Михајловски, од „Ѓезме„.
Вечерва на фестивалот ќе настапат тамбурашите „Табиет„ од Свети Николе, а ѕвезди на вечерта ќе бидат членките на познатата Новосадска група Фрајле.
Фрајле имаат интересна програма која е блиска до тамбурашкото музицирање, бидејќи доаѓаат од срцето на тамбурата Нови Сад, Војводина. Затоа ги поканувам кумановци да дојдат во што поголем број и да го проследат нивниот настап, -изјави уметничкиот директор Нино Величковски.
Фестивалот е со почеток во 20. 30 часот, а го организира Фондацијата за култура и Секторот за култура, подржано од градоначалникот, Советот на Општината Куманово и Министерството за култура.