Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Чувствата сами по себе не се ниту позитивни, ниту негативни, туку сосем природни. Нашата реакција и како тие влијаат врз нашата емотивна состојба е она што ја прави разликата. За да бидете најздравата, најуспешната и
најпродуктивната верзија од себе, важно е да бидете свесни за своите чувства и да умеете да ги контролирате за да тие не ве контролираат вас.
Вашите чувства влијаат на начинот на кој размислувате и се однесувате, па затоа е клучно да бидете свесни за тоа како вашата емотивна реактивност може да влијае на вашата перцепција и најнакрај, на вашето однесување.
Сите се фокусираат на физичката подготвеност и често се занемарува колку е важно да го тренирате и умот. Освен тоа, практикувањето ментална хигиена и оддржувањето и постојаното подобрување на вашите ментални капацитети е прекрасна алатка за да си го олесните животот.
Доколку научите како да ги контролирате следниве пет емоции, ќе научите и како да бидете ментално силни, да ги имате вистинските реакции во вистинско време и да го зголемите квалитетот на вашето функционирање.
1. Лутината може да ве доведе во ситуации за кои ќе се каете подоцна
Иако лутината е поднослива, дури и пожелна во спектарот од пикантна храна до револуции за кои сме благодарни денес, во секојдневните ситуации лутината може да предизвика да кажете зборови што не ги мислите и да направите нешта за кои ќе се каете. Земете здив кога чувствувате дека ве обзема бран на лутина и физички оддалечете се од првобитната позиција. Неспособноста да се контролира ова чувство ќе ве портретира како ментално слаби, но и ќе го зачини вашиот живот со низа несакани настани.
2. Нервирањето поистоветете го со губење време
Нормалните анксиозни епизоди се токму оној елемент на забава кој прави животот да не е монотон. Ова ги вклучува пеперутките пред љубовните средби, тремата пред голем настап и моментите пред важни испити или интервјуа, кои
откако поминале, сите ги паметиме со блага насмевка. Но, анксиозноста која не ви дава мир и ве тера да изгубите допир со реалноста, правејќи катастрофални сценарија и тонејќи во апсолутна загриженост е вистински проблем на кој треба да обратите внимание. Анксиозноста како ментално нарушување може лесно да ја контролирате со помош на совети од експертите и лекови на природна база, додека анксиозноста која си ја предизвикувате самите треба да ја минимизирате, заменувајќи ја со активно размислување како да го решите проблемот. Ако не постои проблем за решавање – немојте да го правите самите.
3. Фрустрацијата ќе ви помогне да се откажете
Воопшто не е необично, ниту чудно да наидете на фрустрирачки моменти во секојдневниот живот. Општествените ситуации, меѓучовечките интеракции, дури и личните комплекси можат да ве исфрустрираат до степен до кој ќе се откажете од нештото кое сте го започнале. Обрнете внимание на тоа како ова чувство влијае на вашите перформанси, ако имате потешкотии во завршување на некоја комплексна задача – одморете, не се откажувајте и најважно од се`, заменете ги негативните мисли со внатрешен дијалог наменет да ви помогне: „Можеш, ќе биде се` во ред, ќе завршиш на време, верувај во себе“.
4. Стравот ќе ве ограничи
Стравот е непријатно чувство за многу од нас и одењето во екстреми за да се избегне таквото чувство е секако нормално и јасно. Но, избегнувањето на една улица само поради страшното куче денес, утре ќе стане избегнување на важните интервјуа поради страв од неуспех. Не дозволувајте да се ограничите самите уште пред да започнете нешто. Да, понекогаш е потресно да бидете одбиени или да се соочите со своите недостатоци, но надминувањето на стравот ќе ве ослободи и ќе ве направи поспособни да се борите. А, борбата во секој случај ќе ве однесе директно до успехот.
5. Возбудата ќе ве изложи на ризик
Не само непријатните, туку и пријатните чувства можат да го отежнат вашиот живот. Кога сте премногу возбудени за нешто, вашите чувства стануваат магла од која не можете јасно да ги видите ризиците во кои се впуштате. Од ситуации како купување на нешта кои вистински не можете да си ги дозволите, започнување бизниси без добро осмислен план до импулсивно потпишување договори, возбудата може да остави лоша трага врз вашиот живот. Евалуирајте ги добрите и лошите страни пред да се впуштите во нешто и бидете храбри, но бидете и
паметни.