Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Дел од ликовите е граден според неповторливиот дух на Тиквешанецот којшто и во најтешките мигови во животот не се откажува од нему својствената препознатливост - хумор, чалгии, вино и дупла ж'та, но не која било ж'та, велат од продукцијата.
Во кавадаречкото село Ваташа вчера започна снимањето на филмот посветен на Тиквешкото востание. На снимањето на првите сцени од филмот присуствуваше и министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.
Како Министерство за култура даваме силна поддршка на филмската продукција. Сакам да изразам благодарност до режисерот и градоначалникот на Кавадарци Александар Панов за поканата да присуствувам на снимањето на првата клапа од овој мошне значаен серијал не само за Тиквешкиот регион, туку и за целата држава. Тука видов врвни уметници во музиката, актерството, сликата, фотографијата. Знам дека филмот ќе го направат беспрекорно добро. Ќе ги очекуваме овие епизоди од серијалот-изјави министерката.
Режисерот Драган Вељановски посочи дека во филмот учествуваат 44 глумци.
Во филмот ја имаме елитата на македонското глумиште како Мето Јовановски, Дејан Лилиќ, Зоран Љутков и стотици статисти. Ќе има 4-5 епизоди во траење од 45 минути до еден час, но материјалот може да се премонтира и во игран филм-изјави Вељановски.
Градоначалникот на Кавадарци, Панов истакна дека филмот е еден од начините да им се оддолжиме на луѓето кои сториле многу за Кавадарци и Македонија.- Посебно задоволство е што директор на фотографија е кавадарчанецот Тони Коцев, а меѓу актерите е и ваташанецот Диме Коцевски, како и плејада на наши повозрасни глумци. Ние како локална самоуправа во целост го поддржуваме овој проект, рече Панов На 19 јуни се навршуваат 100 години од славното востание во кое загинале околу 550 луѓе од Тиквешијата. Кавадарци веќе подготвува и споменик во таа чест.