Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Заврши 12. Меѓународен фестивал на тамбурата во Куманово. Во две вечери, петок и сабота, на градскиот плоштад се претставија 7 тамбурашки оркестри со над 120 тамбураши од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Словенија.
Годинешните учесници ја почестија публиката со целовечерни концерти што траеја повеќе од три часа, се свиреше и се пееше разновидна музика - од класика до севдах. Организаторите сметаат дека успешно помина годинешното издание на фестивалот, кое беше во знакот на големите оркестри.
„Многу сум задоволен, првенствено затоа што имаше голем број на посетители. Двете вечери имавме извонредна музичка понуда со одлична тамбурашка програма и чинам дека публиката навистина уживаше. Само по себе што во овие две фестивалски вечери настапија над 120 трамбураши говори за квантитет, но пред се' за квалитет на тамбурашка музика. Доведувањето на големи оркестри се покажа како исправно и затоа оваа пракса ќе ја продолжиме и во наредните години, но секако нема да изостане и по некое големо тамбурашко име“, изјави Нино Величковски, уметнички директор, по завршување на фестивалот.
Оркестарот на Здравко Ќосиќ од Бања Лука со своите солисти настапи двете вечери со познати хитови од народна музика, а со сплет на македонски песни обработени во тамбурашки аранжмани атмосферата ја подигнаа домаќините „Наши тамбураши“ и Нино Величковски, со специјалните гости Ивона Јовановиќ и Мартинијан Кириловски.
„Нашето досегашно искуство покажа дека музиката е универзална на просторите на бивша Југославија и пошироко. Песните се препознаваат и со задоволство се слушаат и се изведуваат. Нема некоја посебна разлика во музиката освен ако се работи за некои етно-специфики на Македонија, Босна, Краина, Словенија или Хрватска. Ние сакаме да кажеме дека свириме се' од Бах до севдах. Од македонските ја пееме, ’Море сокол пие’, така да со задоволство изведуваме македонски песни кои постојано ни се на репертоар“, вели Горан Видовиќ, член на ансамблот Здравко Ќосиќ.
„Вторпат пеам на фестивал кој има своја традиција свое место под сонцето и се надевам дека ќе трае уште долго. Јас сум голем љубител на тамбурашката музика и секогаш ќе дадам поддршка кога сум во можност“, изјави Мартинијан.
На првата фестивалска вечер ѕвезда беше Бубо Каров од К-15, специјален гостин на групата „Трио гранде плус“ од Кавадарци, а настапија и кумановската група „Амадеус“ со Игор Васиљков, градскиот тамбурашки оркестар Бранко Радичевиќ од Рума, Србија и тамбурашкиот оркестар на Здравко Ќосиќ од Бања Лука со оперската пејачка Радмила Смиљаниќ од Белград.
Вториот дел од втората вечер беше посветен на словенечката музика, преку настапот на тамбурашки оркестри „Шмартно“ од Литија и „Цирковце“ од Цирковце, Република Словенија.
Гостите од аматерскиот оркестар „Цирковце“ се претставија со 15 песни, светски евергрини и словенечки хитови и тие го затворија годинешниот фестивал.
„Со тамбурата може се' да се отсвири. До пред неколку години се сметаше дека тамбурата е само за народна музика, меѓутоа тоа не е точно. Можат да се свират сите музички стилови и затоа има посебна магија. И другите инструменти се неопходни за еден оркестар, но мислам дека тамбурицата зазема значајно место и може да се вклопи и се надополнува со современите инструменти и тоа сега е интересно“, вели Станислав Воивс од оркестарот „Цирковце“.
Меѓународниот тамбурашки фестивал во Куманово се одржува под покровителство на Општината и со поддршка на Министерството за култура.
(Утрински весник)