Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
За разлика од Фројд кој се занимава со психосексуалните стадиуми, Ериксон се насочува кон психосоцијалните стадиуми во развојот.
Според него, развојот на личност се случува во текот на целиот живот, а не како што тврди Фројд дека најважните работи се случуваат во првите пет години од животот.
Ериксон смета дека конфликтите коишто се случуваат кај детето можат да се разрешат и во текот на подоцнежните години,инт.е во текот на целиот живот. Според овој психоаналитичар, осум психосоцијални развојни стадиуми се протегаат низ целиот живот на личноста:
1. Основање на доверба наспроти недоверба
Овој психосоцијален стадиум се формира во првата година од животот на детето, односно од мигот кога детето од утробата на мајка влегува во светот преполн со неизвесност и потенцијални опасности. Во овој период доколку се задоволуваат потребите на детето, тоа се стекнува со доверба кон неговото опкружување, кое подоцна е особено важно за формирање и на доверба во самото себе.
2. Развој на автономија наспроти срам и сомневање
Во овој стадиум е особено важно да се насочи вниманието на детето кон неговата автономност, затоа што за разлика од претходниот стадиум каде беше зависен од другите, сега почнува да ја развива автономијата. Меѓутоа, во овој стадиум заедно со автономијата одат и стравот и сомневањето, затоа што детето е се' уште зависно од родителите и му е страв да се впушти во нешто за кое не знае дали е способно. Сите знаеме дека автономијата се стекнува со самоконтрола и самодоверба, па затоа што детето е токму на тенка линија помеѓу неговите нагонски потреби и социјалните потреби, се јавува стравот.
3. Развој на иницијатива наспроти чувство на вина
Овој стадиум ја опфаќа предучилишната возраст, кога детето "излегува надвор" и гледа како функционираат и неговите врсници. Меѓутоа, она што овде го создава конфликтот е чувството на вина кај детето доколку не ги задоволи очекувањата на околината. Затоа, психологијата денес се' повеќе им укажува на децата дека треба да се охрабруваат за секоја нова научена работа и да се обидуваат да им ја покажуваат и позитивната страна на некој неуспешен обид.
4. Трудољубивост наспроти инфериорност
Во овој период, детето треба да го има усогласено чувството за успешност, за да не се чувствува инфериорно во однос на другите деца. Ова е периодот кога детето тргнува на училиште, се идентификува со неговите врсници и треба да решава одредени задачи.
5. Развој на идентитет наспроти конфузија на идентитет
Ова е периодот на адолесценцијата, кога тинејџерот почнува да си ги поставува суштинските прашања: Кој сум јас? Која е смислата на моето постоење? Која е смислата на постоењето воопшто? итн. Според Ериксон, она што го спојува адолесцентот со возрасниот човек е токму неговото апстрактно мислење. Исто така, во текот на овие години, адолесцентите прават планови за иднината и доколку се тие позитивни, вели Ериксон, тогаш се постигнал позитивен идентитет.
6. Достигнување на интимност наспроти изолација
Ова е периодот кога личноста се соочува со развојната фаза за воспоставување на интимни односи. Според Ериксон: фаза каде се пронаоѓаш себеси додека се стопуваш со другиот. Во оваа фаза, љубовта се манифестира највеќе како грижа за другиот. Овде индивидуата не само што треба да го има поминато стадиумот за доверба во другите, туку треба да е способна и за преземање на ризикот дека може да биде и ранета, односно да воспостави еден однос кој не условува нечие поседување. Неуспешно поминатите стадиуми во овој период можат да предизвикаат изолација на адолесцентите.
7. Развивање на генеративност наспроти стагнација
Овој стадиум се однесува на средниот период на животот каде се формира семејство, потомство, градење на кариера, т.е воспоставување на вредности кои се пренесуваат на идни генерации итн. Ериксон смета дека, во оваа фаза од животот индивидуата треба да има развиено чувство за помош и грижа на останатите околу него, па и на помладата генерација која доаѓа зад него.
8. Интегритет наспроти очај
Ова е периодот каде личноста прави ретроспектива на својот живот, односно ова е периодот на доцната старост. Доколку личноста може да изгради позитивен став за проживеаното тогаш станува збор за интегритет, но доколку личноста е очајна тогаш станува збор за неуспешно минување низ претходните стадиуми и чувство дека животот нема никаков ред и смисла.