Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Давид Нешкоски има само 20 години, а успешна музичка кариера. Пораснал во прилепска музичка фамилија.
Музиката го опкружува речиси целиот негов живот, свири на клавир (прв негов инструмент), а подоцна и гитара. Активно како сценски изведувач е вклучен од неговата 12 година како гитарист во групата Crossroad blues band, со која има настапувано во скоро сите градови и сцени (на која се изведува стилот кој го негува оваа музичка формација) во Македонија и на Балканот.
Гитарата стана составен дел од неговиот живот благодарејќи на својот талент, упорност, а во секој случај и на поддршката која ја добива од најблиските. За кратко време музицирајќи низ градовите во Македонија, стана една од најмладите гитарски атракции.
Покрај настапите во Македонија, значајни се настапите на меѓународните блуз фестивали во Мостар (БиХ), Сента (Србија), Вараждин и Умаг (Хрватска), Копер (Словенија) каде рамо до рамо со познати светски блуз музичари ги бранеше боите на Македонија и само го потврдуваше фактот дека Македонија е расадник на музички таленти од било која област и во било кој стил на музицирање.
Неговиот талент е забележан и од многу постари и признати музичари (Венко Серафимов, Влатко Стефановски) со кои има остварено и допрва има планови за заедничка соработка.
Во тек е снимањето на авторски материјал на неговиот прв самостоен албум кој ке содржи десет композиции.
Стилот кој е застапен во музиката која ја твори Давид е мешавина од влијанија од неговите музички идоли со кои тој порасна и се оформи како музичар (Џими Хендрикс, Ерик Клептон, Стиви Реј Вон, Џон Меер, Џое Бонамаса и др.).
Композициите се отпеани на англиски јазик со што покрај македонските слушатели со неговото творештво ке можат да се запознаат и слушателите и љубителите на овој звук и пошироко. Во ова време на општа глобализација јазикот не би требало да претставува бариера за пренесување на емоциите и пораките кои ја носи музиката на Давид со себе.