×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • #ПеточнаПриказна: Митот за Пандора и Пандорината кутија

    03.09.2021 06:17 | Сара Ѓорѓиоска

    Иако во модерен контекст Пандора е презентирана како наивна убавица, која “случајно“ го исполнила светот со зло, вистинската приказна за Пандора го втемелува овој женски лик како еден од ретките целосни ликови во грчката митологија, кој има суштественост, интелигенција и е многу повеќе од само убаво лице и тело.

    #ПеточнаПриказна: Митот за Пандора и Пандорината кутија

    Приказната за Пандора започнува во грчкото златно доба, кога жените не постоеле, а човештвото неодамна било извајано од глина од вештите раце на титанот Прометеј. Идејата дека овој период е означен како златно доба доаѓа од сугестијата дека човештвото живеело во хармонија и не постоела смртта.

    Прометеј навистина ги сакал луѓето и се обидувал да им помогне на сите можни начини. Кога Ѕевс им го одзел оганот, Прометеј се качил на Олимп и го вратил, што на Ѕевс воопшто не му се допаднало и одлучил прво да го казни него, а потоа и целото човештво. Како што е веќе познато, казната на Прометеј е да биде врзан со синџири за карпа и орел да го јаде неговиот црн дроб еднаш дневно, но бидејќи Прометеј е титан, неговата внатрешност се обновува, така што маченичкиот циклус продолжува во бесконечност. Откако Прометеј е казнет, Ѕевс сака да ги казни и луѓето со казна која ќе потрае. Поради таа причина, ги вика сите богови од Олимп да му помогнат во моделирањето на замислената казна. Хефест, богот на ковачката вештина, прави заносно тело од глина, кое го оживува со помош на четирите ветрови, Атена ја дарува со мудрост и прекрасна облека, Афродита ѝ дарува сензуалност и шарм, Хермес, гласникот на боговите, ѝ дава лукавост и ја учи како да лаже и ја именува Пандора, што во превод значи онаа дарувана од сите. Така се раѓа Пандора, исклучително заносно суштество, кое плени со својата убавина и е опасност за човештвото поради своите малициозни нагони. Во нејзината кутија, Пандора ги чува сите зла наменети за човештвото и во оригиналната верзија на овој мит, таа е совршено свесна за содржината на својата кутија, за разлика од модерните, подоцнежни верзии на Пандора, кои ја отсликуваат како наивна, подводлива девојка, која е поразена од сопствената љубопитност. Ѕевс му ја подарува Пандора на Епиметеј, понаивниот брат на Прометеј, кому иако Прометеј му кажува да не прифаќа подароци од Ѕевс, тој сепак со задоволство ја прифаќа Пандора.

    Во моментот кога Епиметеј ја зема Пандора, таа ја отвора кутијата и човештвото засекогаш потонува во море од најразлични зла, како смртта, породилни болки, завист, лакомост и омраза, меѓу останатото. Единственото нешто кое останува во кутијата е надежта, како симбол дека луѓето секогаш ќе се надеваат на подобри денови.