Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Социјалните интеракции и квалитетните дијалози помеѓу децата и покомпетентните врсници се неопходни за децата да ги усвојат начините на мислење и однесување кои се одраз на културната заедница во која живеат.
Лав Семјонович Виготски, руски психолог, втемелител на првобитната холистичка теорија на човечкиот културен и биосоцијален развиток, смета дека децата доаѓаат до знаење преку социјалните интеракции, односно дека едно дете многу побрзо ќе ја развие својата когнитивна (сознајна) способност доколку е подучувано од некое повозрасно лице, со што детето и ќе види како треба нештото да се направи, а притоа и ќе сфати дека тоа во културата особено се вреднува.
Според Виготски когнитивниот развој,(умствени процеси како што се внимание, паметење, создавање и разбирање на јазик, учење, расудување, решавање на проблеми и одлучување), зависи од совладување на симболите или системот на знаците кој е заеднички за културата во која живее. Исто така сметал и дека детското симболичко учење е збир од повеќе стадиуми. Како и дека човековото доживување, мислење, дејствување, однесување итн., дека не може да се разбере надвор од индивидуалното, социјалното и културното ниво.
Односно овие теоретичари сметаат дека развојот на детето е невозможен надвор од општествените рамки.
Затоа, откако детето ќе пристигне во светот внатре во општеството, тоа веќе е подложно на симболизација.
Развојот, вели Виготски, е социјален, односно се одвива вон нас, т.е во социјалното поле.
Во оваа теорија се познати термините: интернализација и екстернализација. Интернализација претставува процес во кој индивидуата некој колективен симбол го приватизира, односно му дава свое приватно, интимно значење. Додека пак екстернализација се однесува на користење на симболи за посредување во сопствените активности. Пример: говорот.
Едноставно, Виготски сметал дека за да се преминува успешно од еден во друг когнитивен стадиум дека е неопходно детето да биде водено низ тој процес. Како што кажува и самиот теоретичар, кога детето работи самостојно тоа го покажува вистинското ниво на неговите способности, но кога работи заедно со возрасна личност, тогаш се открива потенцијалното ниво на неговите способности.
Тој покажал и дека возрасните во текот на интеракцијата со децата го приспособуваат своето однесување спрема нивните потреби и карактеристики. Тој вели дека децата може да имаат богати но несистематизирани и спонтани концепти, па преку дијалогот со повозрасните овие концепти стануваат посистематизирани и логични и за нив и за другите.