Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Доколку сакате да бидете успешни во кариерата, мора да бидете позитивни, сметаат многубројни експерти во коучингот.
Кога имате позитивен став, велат тие, ќе ја забележите промената во вашиот живот. Околностите околу вас ќе добијат посветла боја, односно ќе почнете да размислувате дека имате поголеми можности за исполнување на својот план или пак сон. Многу брзо ќе забележите дека можностите ви се зголемуваат, а проблемите намалуваат. Односно, ќе се смени начинот на којшто вие ќе се справувате со препреките или пак ќе станете поотпони на одредени околности.
Ако гледате на работите позитивно, тогаш и светот околу вас ќе почнете да го гледате како поубаво место за живеење. На крајот на краиштата, зарем целта не целиот наш живот не е да бидеме среќни и задоволни?
- Ако сакате да бидете позитивни почесто потсетувајте се на следниве работи:
1. Не се обесхрабрувајте по низа пречки
Кога човек ќе наиде на една пречка, најчесто ја поминува успешно, но кога ќе наиде на повеќе пречки последователно, станува несигурен во себе и почнува да мисли дека тој е „тотален баксуз“. „Тотален баксуз“ е всушност фраза којашто честопати знаеме да ја користиме зашто, на некој начин, со неа и се ставаме во позиција на жртва каде сиот свет, па и некои „космички сили“ како да се борат ние да не успееме. А која е тогаш фразата кога последователно ни се случуваат убави работи и напредуваме во кариерата? Среќници, веројатно? Суштината во позитивното мислење не е во тоа дека нам ако мислиме позитивно постојано ќе ни се случуваат позитивни работи, туку дека со позитивниот став ќе отвораме и други „прозорци“ кога мислиме дека сме „тотален баксуз“.
2. Не престанувајте да верувате во себе
Иако честопати околината знае да ни поставува сопки со кои „ќе не` испружи на земјата“ и ќе ни покаже дека сме многу мали, зарем ние не можеме да ѝ покажеме колку сме големи со тоа што ќе станеме и ќе продолжиме понатаму? Но, тргнувањето понатаму во животот не е можно ако не веруваме во себеси.
3. Ако некој ви влијае премногу негативно, избeгнувајте го
Честопати се наоѓате во близина на луѓе кои се жалат за се` и сешто, а притоа не преземаат ништо за да ја подобрат ситуацијата? Тогаш, тоа не е средина за вас. Тешките моменти се дел од сечиј живот, но исто така и нивното надминување. Животот не е точка, туку брановидна линија низ која треба да се движиме. Точката значи смрт.
4. Не дозволувајте да ви се одзема достоинството во разговорот
Луѓето честопати знаат и во најобичниот разговор да направат да се чувствувате недостоинствено за средината во која се наоѓате. Сте биле сведоци на некои гости коишто сте ги угостиле, а притоа сте добиле коментар дека имате премногу книги, а сепак живеете скромно? Возвратете им дека токму книгите вас ве научиле да живеете скромно и позитивно. Не дозволувајте да ви се одземе достоинството, затоа што на тој начин ќе собирате фрустрација во себеси и ќе ви биде многу тешко да останете позитивни во текот на денот или пак неделата.
5. Останете опкружени со позитивни луѓе
Вашето опкружување не може секогаш да го бирате, но може да бирате најчесто во какво опкружување ќе бидете. Понекогаш е подобро да испиете шоља турско кафе сами во топлиот дом, отколу да сте во друшство на луѓе кои немаат никаков слух за нешто повеќе од просечното.
6. Не работете за награда
Многумина работат за награда, затоа што најчесто работат професија којашто не им се допаѓа, па наградата им е нешто што како утеха. Но, зарем не може да направите промена, доколку работите некоја работа којашто не ја сакате поради економски причини, тогаш обидете се нештото што го сакате да го работите како хоби. Тогаш вашата позитивност ќе ве направи сама по себе успешни и нема да очекувате награда, иако таа најчесто потоа доаѓа сама по себе.