Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Младите кумановци, браќата Мартин и Глигор Стојанови, со својата група „Ту плеј„ ја освоија кривопаланечката публика со извонредниот настап на рок фестивалот „Џои Фест„ што пред три дена се одржа во Крива Паланка.
Тие први го пробија ледот на големиот рок спектакл, што се одржа на главната градска улица „Свети Јоаким Осоговски„, во чест на големиот и општински празник, посветен на патронот и заштитникот на Крива Паланка. Кривопаланчани беа одушевени од Кумановците и ги поздравија со огромен аплауз, а на рок забавата подоцна со групата „Стоп„ неколку хитови испеа и нивниот татко Миле Стојанов, кој долги години е присутен на кривопаланечката музичка сцена. Семејството Стојанови се заблагодари за поканата за учеството на „Џои Фест„, на кој имаше можност да биде дел од локааните и популарни македонски бендови, кои го одбележаа премиерното издание на овој музички настан.
На фестивалот настапија и локалните бендови Витези и Акорди, Апачи и Стоп, кои ја имаат донесено и афирмирано рок културата и првата електрична гитара во Крива Паланка. Специјално за „Џои Фест„ по 40 години се собраа од земјава и странство „Витези и Акорди„, кои се втемелувачи на рок музиката во градот во 60-тите години од минатиот век, а по 20 години на кривопаланечката сцена настапија и членовите на групата „Стоп„, со која растеше помладата кривопаланечка генерација. Огромно воодушевување, пак, предизвикаа настапите на популарните локални бендови „Вертиго„, „Партали„, „Рефлекшн„, како и младите кумановци „ Ту плеј„.
Вистинска еуфорија меѓу младите настана кога на сцената излезе првиот македонски идол Иван Раденов, кој направи одлична атмосфера со својот бенд Аквариус, како и Некстајм, кои се фотографира со бројните обожаватели. и кажаа дека ова за нив е извоноредна вечер во прекрасна празнична атмосфера.
Рок спектаклот доживеа кулминација со настапот на извонредниот Бени и Нон стоп, кој беше пречекан со овации, а публиката заедно со него пееше, играше и одлично се забавуваше. Бени ги пофали кривопаланчани дека се прекрасна публика и покажа навистина што знае и умее да направи за да ја запали публиката од сите генерации, со неговата неповторлива рок изведба. Во текот на концертот, после 5 испиени пива, како што се пошегува самиот, запеа и популарниот актер Гораст Цветковски, кој беше водител на „Џои Фест„.
Публиката и учесниците беа презадоволни, како и организаторите кои ги собраа сите честитки за извонредниот рок фестивал, а тие најавија уште поголем спектакл за идната година.
http://www.facebook.com/joyfestmk