Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Големиот македонски гитарист Влатко Стефановски и српската етно пејачка Биља Крстиќ, ќе бидат ѕвезди на годинешниов јубилеен Меѓународен тамбурашки фестивал Куманово, кој наредниот викенд ќе се оддржи на Градскиот плоштад во Куманово.
Петнаесетото издание на фестивалот ќе трае две вечери (петок и сабота, 23 и 24 август), а ќе настапат осум оркестри од земјава и од регионот.
Првата вечер ќе настапат Тамбурашките оркестри: „Кумановски тамбураши“, со вокалните солисти Сандра Милковска и Нино Величковски, „Велос“ од Нови Сад, „Пљевља„ со солистката Тања Шетер, од Црна Гора, Големиот тамбурашки оркестар на РТ „Војводина“ од Нови Сад, со специјалната гостинка Биљана Биља Крстиќ.
Втората вечер во сабота, концертот ќе го отвори тамбурашкиот оркестар „Трио гранде“ од Кавадарци, потоа “Хрватски дом Велс“ од Австрија, а фестивалот ќе го затвори Влатко Стефановски- трио и Мандолински оркестар Скопје, диригент Ерхан Шукри.
Двете вечери концертите започнуваат во 20.30 часот.
Меѓународниот тамбурашки фестивал Куманово, го организира Фондацијата за спорт и култура, со финансиска поддршка на Општина Куманово и Министерството за култура. Годинешново издание е дел од програмата 500 години Куманово.