Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Редакцијата на весникот „Дневник“ вечер во Македонскиот народен театар ќе му ја врачи наградата „Актер на годината“ за 2012-та на Петар Горко за улогата на Хенри Шести во истоимената претстава на Народниот театар-Битола.
Петар Горко играше во третиот дел од трилогијата на Шекспир „Хенри Шести“, во режија на Американецот Џон Блондел, со кој неговиот матичен, Битолски театар, во мај 2012 настапи на „Светот за Глоуб“. Фестивалот беше во рамки на Културната олимпијада во Лондон, на кој беа изведени сите 37 драми на Шекспир на исто толку различни јазици.
Првите два дела од трилогијата ги одиграа театрите од Белград и Тирана. Македонскиот дел беше највисоко оценет од рецензијата на британски „Гардијан“.
Претставата ги освои срцата и на критиката. Беше именувана како „инспиративна“, „бистра“, „стилска“ и „жизнерадосно инвентивна“. Нашиот Горко предизвика универзално одушевување и одобрување. Сцените на Хенри кон крајот на првиот чин беа изведени мудро и елоквентно донесени. Со тоа се согласи и престижниот „Гардијан“. Во својата анализа на настапот на битолчани, рецензентот вели тоа е „храбра продукција, со убави режисерски решенија и со добра глума на сите актери, каде што со стихот се владее суверено и прецизно, со до милилитар пресметана доза на хумор и иронија во мрачниот текст“, наведува „Дневник“ во образложението за наградата „Актер на годината“.
Во чест на наградениот Горко, МНТ вечер ќе ја изведе претставата „Декамерон“ во режија на Боњо Лунгов.