Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
На Градскиот плоштад во Куманово синоќа беше отворен деветиот по ред Тамбурашки фестивал Куманово 2013.
Пред кумановци настапија битолската група „Деспина“ и „Зоруле“ од Србија. Втората вечер од фестивалот е насловена вечер на македонската тамбура на која ќе настапи Нино Величковски со „Кумановски тамбураши“, „Октет Куманово“ и други познати пеачи од земјава.
Тамбурашкиот фестивал е бренд во однос на останатите манифестации кои ги организира локалната власт од Куманово и очекуваме дека сите три вечери ќе имаме одлична посетеност - изјави Жика Крстевски, раководителот на секторот за култура и спорт во Општина Куманово.
Уметничкиот директор Нино Величковски, пак, истакнува дека кумановските тамбураши пред девет години ја започнале реализацијата на идејата за организирање Меѓународен тамбурашки фестивал во Куманово со цел да се спаси од заборавот кој и се заканувал на тамбурашката музика.
Меѓународниот фестивал го отвори првиот човек на Општина Куманово, Зоран Дамјановски.
Куманово веќе девет години успева да ја негува оваа музика. Наредната година овој фестивал ќе одбележи деценија. Изминативе години имавме врвни имиња од Балканот кои настапија на фестивалот. Очекувам и наредната година на фестивалот да настапат звучни имиња од Македонија и балканските држави, а можеби во чест на децениското опстојување ќе организираме и ревија на досегашните учесници - рече Дамјановски.
Фестивалот ќе го затворат оркестрите од Црна Гора „Звуци од Рибници“ од Подгорица, Здравко Ѓурановиќ и пријателите, со оркестарот на Дејан Илиќ.
Прв пат настапуваме во Куманово, а претходно во два наврати настапувавме во Македонија. Преку вакви фестивали се обидуваме да ја сочуваме од заборав тамбурата која е составен дел на културата на Балканот. Не само да ја сочуваме од заборав туку да ја унапредиме и да им пренесеме на младите генерации нашата култура и традиција - вели Бојан Тренчиќ, член на тамбурашкиот оркестар „Зоруле“ од Нови Сад.
Фестивалот е под покровителство на Општина Куманово, со поддршка на Министерството за култура и дел од локалната бизнис заедница.