Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Романскиот филм „Позата на детето“ на романскиот режисер Kалин Петер Нетцер ја освои највисоката награда, „Златната мечка“, на 63-тиот меѓународен филмски фестивал „Берлинале“.
Свечената церемонија се одржа викендов во филмската и концертна сала во дворецот „Потсдамер плац“, во центарот на германската престолнина, во присуство на 1.600 гости.
Главните херои на филмот се 34-годишниот Барбу и неговата деспотска богата мајка Kорнелија. Синот може да биде осуден на 15 години затвор затоа што прегазил и усмртил тинејџер. Мајката се обидува да го спаси синот барајќи врски и изразувајќи сочувство кон родителите на загинатото момче. Барбу, меѓутоа, во овие дејства на мајка си гледа лага и не ја поднесува нејзината претприемливост и контрола.
Наградата од жирито му беше доделена на босанскиот режисер Денис Тановиќ, за неговиот нов филм „Епизода од животот на собирачот на железо“, кој го опишува животот на семејство босански Роми, кои се играат сами себе.
Наградата од жирито се смета за втора најпрестижна награда на кинофестивалот, по „Златната мечка“.
Наградата „Сребрена мечка“ за најдобар актер ја освои невработениот босански Ром, Назиф Мужиќ, кој во филмот на Тановиќ се игра самиот себе.
Чилеанката Паулина Гарсија беше наградена со „Сребрена мечка“ за најдобра актерка.
Американецот Дејвид Гордон Грин ја освои „Сребрената мечка“ за најдобар режисер, за комедијата „Принц Авеланч“.