Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Ученици од Гимназијата „Гоце Делчев“ и СОУ „Перо Наков“, победија на XI меѓународен натпревар по литературно творештво, во конкуренција на 427 натпреварувачи од целиот свет, откако влегоа во финалето.
На натпреварот, кој се оддржа на 21 и 22 април во Санкт-Петербург, Русија, средношколците Мартина Радевска, Кристина Величковиќ, Јована Јовановска, Ангел Ангеловски, како и Андриана Петровски беа прогласени за најдобри преведувачи од македонски на руски јазик.
Учениците се натпреваруваа во категорија превод на литературни дела од жанровите: проза и поезија. Од страна на Гимназијалците на жири комисијата и беше претставен превод од расказите: „Убавините на мојата татковина“ и „Во прегратките на летото“, чија авторка е Марија Геневска од Скопје, како и поемите „Пролет“, „Есен“, „Мај“, од истоимената авторка.
Во категорија публицистика Стефан Зарковски од СОУ „Перо Наков“, за кого ова е втора меѓународна победничка диплома годинава, даде свој осврт од современа тема за важноста од знаење на повеќе странски јазици преку своето дело насловено како: „Колку јазици знаеш, за толку луѓе вредиш“.
„Инаку, жирито, составено од врвни руски книжевници, беше одушевено од преводот на „Баладата за загинатите херои“ во изведба на Андриана Петровски, а е посветена на немилите настани од Диво Насеље во 2015 год. Автор на оваа творба е кумановскиот писател Иле Наумов, кој што од дното на душата, со многу емоции ги воспеа случувањата, порачувајќи: Никогаш да не ни се повтори Диво насеље! Од кумановскиот писател беше преведена на руски јазик и „Современа басна“, - изјави професорката по руски јазик Билјана Коцевска.
Научната и творечката дејност од страна на учениците, која резултираше со победа, како и успешно промовирање на Македонија, македонската литература и градот Куманово во странство е поттикнат од предметниот наставник Коцевска.
(С.Трендевска)