24. 06. 2020 22:10

Ниту Мизрахи, ниту Чулев биле разрешени со ,,насилно сценарио”

Ниту Мизрахи, ниту Чулев биле разрешени со ,,насилно сценарио”

Пишува: Ване Трајков

Порталот Република oбјави напис со наслов ,,Мизрахи: Истото сценарио за разрешување, власта го пробува и кај Чулев’’  во која  екс министерката за труд и социјална политика Рашела Мизрахи, тврди дека власта се обидува да го разреши Наќе Чулев на истиот начин како што тоа го сториле во нејзиниот случај. Како што се наведува во текстот, станува збор за пренесена изјава од телевизиско гостување.

Но, не е точно дека разрешувањето на Мизрахи е спроведено насилно, туку во регуларна собраниска процедура.

Мизрахи која беше поставена на функција министер за труд и социјална политика на почетокот на ова година, согласно Пржинскиот договор за техничка Влада, е разрешена од Собранието на предлог на техничкиот премиер Оливер Спасовски. Како што беше наведено во тој предлог, разрешувањето беше побарано заради кршење на Уставот на Република Северна Македонија по вербалната нота што ја испрати Грција.  Собранието со 62 гласа ,,за” и 26 ,,против” одлучи Мизрахи да биде разрешена и од ВМРО-ДПМНЕ беше побарано да предложи нов кандидат за таа министерска позиција. Во оваа процедура нема ништо ,,насилно”.

Имајки предвид дека почна изборната кампања за избор на нов пратенички состав во Собранието а со тоа и нова Влада, не е возможно техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев  да биде разрешен воопшто, а камоли со некакво ,,исто насилно’’ сценарио. Мандатот на Чулев му завршува со изборот на нова Влада. Од тука изјавата на поранешната министерка за труд и социјална политика Мизрахи  во гостувањето на Алфа а за кој пишува порталот Република е извртување на вистината за нејзиното разрешување и алудирање дека се спрема исто сценарио за Чулев со цел да се прикаже извршната власт како насилничка со неистомислениците

Приложениот текст со насловот на читатлите им нуди манипулација  и креирање на искривена слика за начинот на кој била разрешена поранешната минситерка за труд и социјална политика и дека истото сценарио се подготвува и за министерот за внатрешни работи.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.