Царинските службеници на Табановце ќе носат мобилни камери, снимките ќе се користат како доказ во постапки
На трите гранични премини, Табановце, Блаце и Ќафасан, Царинската управа воведе во употреба телесни камери кои треба да помогнат во зајакнување на борбата со криминалот и корупција.
Со новите камери царинските службеници при вршење на својата должност ќе имаат право да ја снимаат целата постапка, а снимките ќе можат подоцна да се користат како доказ во прекршочни и кривични постапки.
Системот на телесни камери е донација од Министерството за правда на САД, а денеска го промовираа директорот Бобан Николовски и вршителката на работите на Амбасадата на САД во државава, Никол Варнс.
„Со обезбедените 30 телесни камери, заедно со целокупниот систем и инфраструктура, добивме систем кој треба да овозможи поголема заштита на царинските службеници, превенција и ефикасна борба против корупција и поголема транспарентност и доверба во системот. Царинската управа мора да биде модерна, професионална и институција во која граѓаните имаат доверба, но и институција во која секој чесен и професионален царински службеник знае дека неговата работа е заштитена и препознаена“, истакна директорот Николовски.

Вршителката на работите на Амбасадата на САД, Никол Варнс, вели дека силните институции се основа за безбедно и просперитетно општество, а денешното предавање на опрема е израз на заложбите на Владата на САД да гради ефикасни односи кои истовремено ги унапредуваат интересите на САД и интересите на нивните сојузници.
„ Мобилните камери ќе помогнат Царинската управа да ја подобри транспарентноста, да ги спречи нелегалните активности и да изгради јавна доверба, клучни цели во заедничката борба против трговијата со дрога и луѓе и организираниот криминал. Знаеме дека царинските службеници се првата одбранбена линија кога станува збор за нелегални супстанци, забранети стоки, и криминални дејствија кои ги преминуваат границите. Опремувајќи ги царинските службеници со модерна технологија, ги оспособуваме да ги извршуваат своите должности со поголем интегритет и ефикасност. Ова пак ѝ овозможува на Македонија да ги исполни своите обврски како стабилен партнер во регионалната и глобална безбедност“, истакна Варнс.