Куманово домаќин на детски турнир со екипи од Лацио, Рома, Порто, Бенфика и Торино
Младински екипи од Лацио, Рома, Порто, Бенфика, Торино, Дерби Каунти и други екипи од регионот и земјата, од 3 до 5 октомври ќе учествуваат на меѓународен детски турнир во фудбал во Куманово.

Турнирот го организира ФК „Куманово Еуроспорт“, а ќе учествуваат деца родени во 2014, 2016, 2018 година. Од клубот најавуваат фудбалски празник не само за нив, туку и за градот и за земјата.
„Голема чест ни е како клуб да ги угостиме големите фудбалски европски гиганти како Рома, Лацио, Бенфика, Порто и останатите тимови кои уште го потврдуваат своето учество и се пријавуваат. Искрено не верувам дека досега не само во Куманово, туку во Македонија имало вакви фудбалски тимови кои гостувале на едно место“, изјави претседателот на клубот Александар Маневски на прес конференција.
Клубот досега успешно организирал четири турнири, но сега им претстои огромен предизвик кој не ги плаши, напротив, сигурни се дека реализацијата ќе биде според планираното и на задоволство на целиот тим.
„Ние како домаќини ќе се погрижиме се да помине во најдобар ред и гостите од цела Европа, да се чуствуваат како дома. Зборуваме секогаш за инклузивноста во општеството и затоа на нашиот турнир ќе направиме едно мало изненадување за дечињата со посебни потреби, кои ќе можат да ја почувствуваат магијата на фудбалскиот терен и фудбалската игра“, додаде Маневски.
Членот на организацискиот одбор Филип Наумов, кажа дека турнирот ќе се одржи под мотот „Играме заедно, победуваме заедно“ и ќе биде посебен затоа што има за цел да ја промовира инклузивноста и еднаквоста низ спортот.
„Преку овој турнир сакаме да испратиме силна порака дека секое дете заслужува можност да игра, да се развива и да биде прифатено од целокупната општество. Инклузивноста на децата со посебни потреби е важна тема што се однесува на правото на секое дете да учествува рамноправно во општеството, без оглед на неговите физички, интелектуални, сензорни или емоционални разлики. Ова значи создавање на прифатлива и поддржувачка средина во која секое дете има еднакви можности за учење, играње и развој“, изјави Наумов.
Натпреварите ќе се играат на трите стадиони во Куманово и тоа: ФК Башкими, фудбалскиот стадион покрај Спортската сала во Куманово и на Арената на ФК Куманово "Еуроспорт".
Организаторите апелираат до сите фирми и релевантни институции доколку си во можност и имаат простор да помогнат во овој голем настан кој е од особено важност за спортот не само во нашиот град туку и на целата држава.