Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Археологот кој го откри Кокино, а воедно и директор на Музеј Куманово, Јовица Станковски вели дека нашиот крај изобилува со знаменитости и локалитети, кои на гостите треба да им ги понудиме со издржана туристичка понуда.
Според важноста, посетеноста, како би ги рангирале спомениците и археолошките наоѓалишта во околината на градот?
За мене први се „Свети Горѓи„, црквата во Старо Нагоричане и мегалитската опсерваторија Кокино. Тие се две светски богатства и се очекува Кокино да биде под заштита на УНЕСКО. Значајна е и црквата „Свети Никола„, каде има икони кои претежно потекнуваат од 19-тиот, а дел од 17 и 18 век. Тоа многу од граѓаните не го знаат. Џамијата во Куманово датира од 16 век. Во Македонија локалитети има, ама се недоистражени. Не можеме да понудиме само голи споменици. Мора тоа да биде во комбинација со некои други активности. Тоа подобро го знаат туристичките работници, и затоа понудата треба се да спакуваат во еден пакет. Туристот кој оди во Египет не оди само за да ги види пирамидите. Може во еден ден на пример да се види и Охридско и Преспанско езеро, и околните цркви кои се стари, од 14 или од 11 век. Нашите цркви се од византиско време, и таа уметност е рана и придонела за развој на светот.
Каква е структурата на туристи кои доаѓаат во Куманово и кумановско?
Доаѓаат археолози од Австрија, Америка, Италија, Холандија и тие тоа го учеле, ја познаваат материјата. Ама само со нив не се прави туризам. Тоа се само 2 одсто од вкупните посетители и Обично доаѓаат организирано. Со селскиот туризам треба да се направи нешто. Се тоа да се комбинира со здрава храна. Меѓутоа и ние треба да вложиме. Патот од Драгоманце до Кокино треба да се прошири за да можат два автобуса да се разминат. Местото да се уреди. Не мора да има ресторан, бидејќи во околината има два ресторани, ама сепак некоја кафетерија, да седнат луѓето, да се напијат нешто. И сувенирница да има добро би било. Кога би имало потреба ние би оставиле и кустос на Кокино. Засега ни се јавуваат, па одиме некој од археолозите, им праќаме водич, во спротивно ќе си заминат разочарани.
За Куќата на Христијан Карпош некои граѓани не ни знаат дека такво нешто постои во градот?
Да, има спомен куќа на Христијан Карпош, во која има поставка од Втората светска војна. Во нашиот музеј има експонати од праисториско време. Тука обично доаѓаат ученици, бидејќи имаат таква обврска преку училиште. Во денешно време летот од Париз до Лондон е многу ефтин, или од Лондон до Пекинг, а секој кој доаѓа од страна гледа што може да види и колку е оддалеченоста меѓу тие точки. Некој од Запад ги гледа тие врски. На секој план треба да бидеме конкурентни. Државата треба да понуди ефтини летови. Може да има неколку пунктови во државата, во Охрид , во Штип, во трет град.
Можат ли рекламите и љубезноста да помогнат?
Љубезноста секако, па и за рекламите. Гледаме дека туристите кога ќе дојдат велат биле инспирирани од она што го виделе во весник или на телевизија. Градот е урбан, нема многу што да се види тука, бидејќи старата архитектура се губи. Треба да им се покаже место кое има печат, има душа. Пелинце е добро посетено, бидејќи има игралиште за рекреација, ресторан, Меморијалниот центар на АСНОМ. Тука се одржува кумановската колонија која е со интернационален карактер, каде неколку дена уметниците престојуваат и творат. Во депото има преку 1000 слики.