Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Интервју Даница Петровска, поетеса
Што ве нервира во Куманово?
Се разбира ме нервира што градот е нечист и пешачките патеки се несредени и се се помали и помали. Возачите паркираат кој кaде ќе стигне и затоа пешаците мора сами да се снаоѓаат, да одат обиколувајќи го тротоарот полн со дупки. Убаво е да има патеки за велосипеди, а не додека возиш да мислиш дали некој е пред тебе или зад тебе. Има и други работи, но ете нека биде доволно.
Што би сменила во градот?
Многу нешта сакам да изгледаат поинаку. Треба да има места каде човек ќе може да се прошета, без автомобили. Такво место е кејот. Но тоа не е доволно. Треба да има барем уште една локација. Паркот кај автобуската станица е идеален, само треба да се среди. Нормално дека тоа може да се направи ако се има желба. Средства се има, но треба да се насочат и кон затворениот дел на градот. Недостасуваат зелени површини, некако е штуро, празно без зелени дрвја. Реката кај автобуската личи на дива депонија и треба да се исчисти. Да се обрне внимание на канализација, па при пороен дожд да не плива во вода градот. Центарот за култура “Трајко Прокопиев“ треба да се прошири, да биде уште поубав. Куманово се разбира заслужува уште еден таков центар. Сега во летниот период би можело да има повеќе културни манифестации, па така младите не би оделе во други градови да се забавуваат.
Што никогаш не би покажала на пријателот кој прв пат доѓа во Куманово?
На пријатели секако не би ја покажала Автобусата станица која е во жалосна состојба. На се личи, само не на автобуска станица.
Од што се срамите?
Ќе повторам уште еднаш , се срамам од нехигиената на мојот град.
Со што се гордееш и што го прави градот посебен?
Куманово има прекрасни спортски центри и два базена кои се во изградба. Тоа ќе биде супер за младите, но и за нас постарите. Градот е поинаков од другите по тоа што е раздвижен. Тоа го прави посебен. Менталитетот на луѓето е како секаде на друго место. Секој со своите грижи. Мило ми е што и покрај оваа економска криза луѓето не се предаваат. Моменталните нетрпенија го гушат градот, но од секој поединец може да се извлече насмевка.