Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Интервју Сања Росевска, волонтер во Црвен Крст
Куманово е мојот роден град и секако дека немам што лошо да кажам за него, но има работи кои не ми се допаѓаат како што се реката Кумановка и дивите депонии кои се најголемиот извор на заразни болести. Но за нечистотијата низ градот се криви самите луѓе кои го фрлаат ѓубрето наоколу. Не ми се допаѓа и пренагласената изградба на станбени згради, но за жал така е низ цела Македонија не само во Куманово. Како 20 годишна девојка би сакала да има повеќе места за излегување и секако да има граница каде и до кое време можат да излегуваат малолетните лица.
Куманово и не е некој град од кој посетителите би можеле да се воодушеват, а тоа е поради местата кои од ден во ден пропаѓаат како што се Спортската сала во која се организираат настани кои вреди да се погледнат и оштетениот споменик Костурница. Друго нешто што би сменила е Автобуската станица која навистина има потреба да биде обновена, нема никаква велосипедска патека, пешачките премини како да ги нема, а исто така и семафорите кои 1 ден работат, 3 дена не. Има голем сообраќаен метеж, на градот исто така му недостига и кино сала со најсовремена технологија, отворање на дисперзирани студии, нова индустриска зона и центар за неформално образование.
Хмм... најчесто посетата во Куманово се сведува на обиколка низ старите делови на градот. Би ги посетиле мегалитската опсерваторија Кокино, Меморијалниот центар на АСНОМ во Пелинце, Зебарњак и плоштадот кој не е многу голем, но доволно среден за нашиот стандард, да не ја заборавиме и црквата Св. Ѓорѓи во Старо Нагоричане, црквите во с.Скачковце и секако ќе ги одведам во некоја кафеана и кафиќ.
Не би покажала на пријател кој прв пат доаѓа во Куманово, тоа се Спортската сала, спомен костурницата и Автобуската станица, а сакале или не таа е првата слика за секој што влегува во градот. Тука се и раскопаните улици, но мораме да поминеме по нив за да стигнеме до саканата дестинација, расфрланиот смет на улиците и во коритото на реката Кумановка, кучињата скитници наоколу.
Среќна сум што сеуште има паркови и места на кои можеме да се дружиме со пријателите, исто така и градбите од историско значење за нашиот мал но убав град. Дијалектот е она по што не препознаваат луѓето надвор од градот, смислата за хумор е неизбежен дел од секој граѓанин. Мораме да признаеме има и преубави луѓе, кои се разликуваат од другите. Некогаш се случува кога ќе сум надвор од градот да почувстувам носталгија за да се вратам. Улички насекаде, а сите на крај водат до плоштадот. За луѓето од другите градови, Куманово е како Мека за чевли. Некогаш се случува кога ќе сум надвор од градот да почувстувам носталгија за да се вратам,едноставно градот има некаква магична привлечност.