500x100-1

Сакам Куманово да стане оаза на културата

Сашо Тодоровски

Не треба само Центарот за култура и Театарот да бидат култура, туку култура може да бидат и дел од напуштените објекти, поранешни фабрики, складишта кои ги има премногу во Куманово. Доколку се има слух, тие може да прераснат во извонредни културни катчиња за развивање на разни културни активности. Тие места ќе бидат оази на убавото и така постепено ќе се менува и сликата за градот. Преку тоа можеме да станеме препознатливи и конкурентни во културата, вели Сашо Тодоровски, кој веќе две години е директор на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.

*Во 2019 година Куманово беше прогласен за град на култура, а во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ се одржаа најголемиот дел од културните збиднувања. Колку Вие сте задоволни од изминатата година и дали успеавте да реализирате сe` што беше планирано?

- Така е. Куманово претходната година беше град на култура, а Центарот зa култура со право беше еден од објектите каде што се реализираа многубројни настани кои беа предвидени во програмата. Имавме гостување од Македонска опера и балет, институција со која сакаме и да ја продлабочиме соработката. Куманово заслужи и ја оправда довербата да биде град на култура и доколку повторно аплицираме за таа „титула" сигурен сум дека повторно ќе ја добиеме, бидејќи доставивме многу квалитетна програма. Комисијата даде коментар дека одамна не виделе така обемна и стручно подготвена програма. Повеќе од 80 отсто од програмата беше реализирана со оглед на тоа што имавме и наши тековни настани, но секако задоволни сме од реализацијата.

*На „Деновите на комедија“ гостуваа и театри од странство, имаше над 10.000 посетители. Како сте задоволни од реализацијата и дали се договорени претставите за 2020 година?

- Оваа година имаше повеќе театри кои настапија на Фестивалот. Ние како институција сме презадоволни, но многу поважно е да биде задоволна публиката, бидејќи Фестивалот е за и на граѓаните. Токму тие ја даваат силата и значењето на Фестивалот, аплаузот на кумановската публика за која сите врвни актери од нашата држава и од останатите земји имаа само зборови на пофалба. За оваа тековна 2020 година имаме веќе некои првични преговори, деновиве ја очекуваме одлуката на Министерството за култура со колку финасиски средства ќе го подржи Фестивалот за да можеме да направиме конкретни планови. Ќе имаме и некои позитивни изненадувања за Фестивалот и очекуваме поуспешен Фестивал во оваа 2020 година.

*Единственото нешто што фрли сенка на организацијата на „Деновите на комедија“ беше продажбата на билети за претставите. Тоа редовно се случува и за домашните и странски хит претстави. Има ли решение за овој проблем?

- Капацитетот на салата е 670 места, а скоро сите билети беа пуштени во продажба. Така ќе биде и оваа година. Ќе се обидеме да направиме онлајн продажба, меѓутоа верувам дека пак ќе има незадоволни гледачи. Сепак, треба да знаеме дека секаде во светот ограничениот број на билети е нормална состојба и се прифаќа на најнормален начин. Не би требало околу тоа да се прави проблем. Разбирам дека тоа е единствен фестивал во Куманово и дека многумина сакаат да ги гледаат претставите. Меѓутоа, ајде да ја земеме како пример „Златна Бубамара", сите се „тепаат“ за билети и на крајот нема за сите, но не се дига толкава врева. Според мене најнормално е да нема билети за сите кога бројот на местата е ограничен, а претставата се игра само еднаш. Сепак, Куманово сигурно има трипати повеќе љубители на театарската уметност отколку што е капацитетот на нашата сала. Во секој случај е убаво што има голем интерес за претставите и убаво е така да остане. Токму поради тоа и трае Фестивалот, затоа што има интерес од публиката.

*По повод големиот јубилеј на градот беше возобновена претставата „Бегалка“, но облечена во „помодерно руво“. Чија беше идејата и какви беа реакциите на публиката?

- Оваа година по повод 500 години Куманово имавме идеја да се возобнови култната претстава „Бегалка“ и тоа го направивме. Идејата беше на градоначалникот Максим Димитриевски кој уште пред две години рече дека сака да ги собере сите кумановски актери за да играат во тој т.н „римејк“ на „Бегалка“. Седнавме и поразговараме, ги направивме подготовките со актерите, режисерот и резултатот мислам дека е одличен. Сите го вложија својот максимум во проектот, работеше деноноќно и актерската екипа и режијата, сценографот, костимографот, сценските работници, па ефектот е тука - полни сали и барање билет повеќе за таа претстава која би сакале да живее долго во Театар Куманово. Реакцијата на публиката мислам дека е одлична, самиот факт што вработените на билетара ми кажуваат дека има луѓе кои ја гледале претставата и доаѓаат повторно по билет, зборува доволно. Секако има и сограѓани кои се незадоволни бидејќи билетите брзо се распродаваат, но верувајте дека сите билети ги пуштаме во продажба на билетарата на принциот прв дојден-прв услужен. Во секој случај, ќе споменам тука еден интересен коментар на еден наш помлад сограѓанин кој не успеал да купи билет за „Бегалка“ и ми се јави и ми рече: „Па ова е одлично, подобро да има тепачка за билети за Театар отколку за „Јала Брат“. Јас не паметам дека луѓето волку се тепале за билети во театар.“. Верувајте, ние секогаш сакаме да излеземе во пресрет на публиката, да имаме можност би направиле сите да ја изгледаат претставата одеднаш, но тогаш би ја снемало магијата. Поради тоа всушност е и театарот и претставата, да траат.

*Еден дел од публиката беше разочаран затоа што очекуваше да ја види класичната битова драма „Бегалка“, а не комедија?

- Тоа беше идеја на режисерот кој сакаше да внесе нов момент и нова енергија во претставата. Сочувани се сите елементи на текстот. Разговарано беше и со синот на Васил Иљоски, кој исто така даде согласност за да се направи претстава која ќе ги задржи основните битови елементи и темели на текстот, а сепак ќе биде модернизирана и прилагодена на денешните услови и време. Претствата им се допадна и на актерите  Љубица Гојковиќ и Ѓорѓи Андов, кои ги глумеа Ленче и Бошко во „Бегалка“. Рекоа дека начинот на кој е направена е интересен и необичен.

*Вие особен интерес насочувате и кон детски настани, кои како што велат нивните родители, веќе прераснуваат и во манифестации кои децата ги исчекуваат со радост. Од каде идејата за правење на вакви едукативни работилници за децата?

- Децата се оние на кои ќе остане културата и токму затоа се обидуваме да ги поттикнеме креативните страни кај најмладите, да ги поканиме во институцијата, да им дадеме можност да се изразат, да творат, да креираат. Сакаме тие постојано да бидат тука, тие да го освојат Центарот за култура, бидејќи само така ќе создадеме млади луѓе кои ќе сакаат да доаѓаат на културни настани. Се обидуваме да имаме и имаме детски претстави. Имаме идеја за оформување на некои детски, младински групи, со кои ќе раководат дел од нашите вработени, дел луѓе од надвор, но тоа би го оставил како идеја која се` уште ја оформуваме. Кога ќе биде се` готово ќе ја претставиме на јавноста.

*Сите сме засегнати од културата во која растеме и која од нас создава луѓе. Во каква културна средина би сакале да прерасне Куманово?

- Културата е нешто преку кое се гради личноста, можеме да кажеме и дека се станува човек. Тоа е една коцка од мозаикот која го издига животот на човекот на еден повисок стадиум, отвара можности за согледување на реалноста од еден поинаков аспект, создава од нас мислечки битија. Сакам Куманово да прерасне во средина каде ќе се почитува и негува културата. Не треба да биде само Центарот за култура и Театарот култура, туку култура може да бидат и дел од напуштените објекти, поранешни фабрики, складишта кои ги има премногу во Куманово. Доколку се има слух, тие може да прераснат во извонредни културни катчиња за развивање на разни културни активности. Да им се дадат на младите и да се преадаптираат во изложбени салони, простори за уметничко креативно изразување. Знам дека тоа е поскап проект, но доколку се вложи, а може преку проекти кои ќе бидат издржани, верувам дека така комплетно ќе го смениме погледот кон и за нашиот град. Тие места ќе бидат оази на убавото, таму ќе се случуваат убави работи. Можеби на некој ќе му звучи како невозможна мисија но не е така, потребна е идеја, пари и добар проект за да се реализира сето тоа од кое бенефит ќе имаат сите во градот. Така постепено ќе се менува и сликата за градот. Преку тоа можеме да станеме препознатливи и конкурентни во областа на културата. Знам дека тоа сега не е приоритет во Куманово, но верувајте дека само така ќе започнат да се градат и средуваат и другите работи во Општината.

*Кои се најголемите потреби во моментот на Центарот за култура и Театар Куманово на кои работите и дали имате поддршка од централната власт и локалната самоуправа?

- Во моментов најголемата потреба во Центарот за култура е да се заврши проектот за реконструкција на системот за затоплување на објектот и потоа да започнеме со обезбедуване на финансиски средства за негова реализација. Театар Куманово како зграда не е чепнат уште од неговото основање и навистина на тој објект му е потребно обемно и целосно реконструирање и адаптирање. Основниот проект е при самиот крај, средствата за реализација се обезбедени и имаме цврсти писмени уверувања од Министерството за култура дека тој проект ќе се реализира. Заедно со дел од вработените го видовме проектот кој е во завршна фаза и можам да кажам дека навистина се запазени сите елементи да добиеме модерен театар. Во секој случај со реконструкцијата ќе се добие простор кој ќе ги исполнува критериумите за разлика од сегашнава состојба. Поддршка има и од централната и од локалната власт, особено за решавање на овие два проблеми.

*Што да очекуваме од Центарот за култура и Театар Куманово во 2020 година?

- Сигурно ќе има многу културни настани, очекуваме одлични проекти со кои сакаме да станеме навистина институција во која граѓаните ќе сакаат да доаѓаат. Проекти и од инвестициски и од уметнички карактер. Тука е и Фестивалот „Денови на комедија 2020“, Музичкото караоке шоу кое премиерно го имавме во 2019 година, нешто кое сакаме да го подигнеме на повисоко ниво оваа година. Во Театар Куманово секако ќе имаме шест до седум театарски премиери на задоволство на публиката.

*Кои вештини се неопходни кои еден директор треба да ги поседува за да ја стимулира работната средина во рамките на институцијата?

- Директор, тој збор ми е премногу официјален и ограничувачки. Можеби многу поубаво би се поистоветил со синтагмата прв меѓу еднаквите. Сакам да слушам, да пронаоѓаме заеднички решенија, но понекогаш знам, бидејќи работиме често со рокови и да понудам решение доколку заеднички не успеваме да го пронајдеме. Би требало да имате разбирање за повеќето разни потреби кои ги има една институција од културата, што секако е разбирливо. Најбитното е да се сослушаме, запознаеме и изнајдеме соодветно решение за постоечката состојба. Во нашата институција има два театри тука се македонската и албанската драма. Имаат иста дејност, но сепак потребите знаат да бидат различни. Сакам да прифатам идеи кои однапред укажуваат дека тоа ќе биде нешто добро и ќе биде во интерес на публиката, на институцијата. Во институциите од културата имаме еден интересен склоп на професии, а со тоа и на карактери кои треба да се усогласат за да може крајниот проект и резултат да биде позитивен. Тука е и работното време кое во културата доста често и не постои, односно нема ограничување од–до. Исто така и тука треба усогласување, прилагодување. Понекогаш може да трае до многу доцна во ноќта...

*Што Ве мотивира да продолжите со работа кога „ништо не Ви оди од рака“?

 - Мотивот го даваат колегите, вработените кои доста често знаат да кажат дека ќе успееме, ќе најдеме преодно решение за некој неуспех доколку се појави. Ве мотивира и некој кога ќе видите дека посветено сака да ја сработи работата за истата да биде завршена, знаејќи дека само така ќе имаме резултат. Пронаоѓајќи понекогаш и алтернативно решение за успех. Тука е секако и публиката која сака да ги посетува културните настани, нивната поддршка која најмногу охрабрува и дава позитивна енергија. Љубовта кон она што го работите. Мислам дека се` што работите со љубов и посветеност треба да даде резултат. Среќавањето на улица со некои непознати луѓе кога ќе ве застанат и убавите зборови кога ќе слушнете дека тоа што е направено е добро, а секако и критиките за тоа како може да биде уште подобро. Во секој случај отворени сме за соработка со секој кој има идеја. Сепак, тука сме заради граѓаните.

*Пред да станете директор на културната институција „Трајко Прокопиев“, Вие бевте професор по македонски јазик во средно училиште. Што Ви недостасува од тоа време?

- Што ми недостасува? Можеби ми недостасува тоа што не можам да им препорачувам убава литература за читање на учениците, но сигурен сум и знам дека има наставници кои тоа го прават. Исто така искреноста на децата, на учениците и нивните искрени укажувања и размислувања за секој клучен аспект од општеството.

*За крај, бидејќи сте постојано во допир со промоции на книги и во рамките на институцијата со која раководите, кои се книгите кои Ви го имаат сменето животот?

- Многу ми е тешко да издвојам книги. Секоја книга има оставено на мене некој посебен впечаток. Можеби уште не сум наишол на таа книга која би ми го сменила животот. Едноставно книгите според мене го обликуваат вашиот живот, па преку читањето вие се обликувате и го обликувате светот околу вас. Сепак, како дело би го издвоил книжевното дело на нобеловецот Иво Андриќ, чија литература се` уште ја читам и мислам дека ќе ми треба уште многу време да исчитам се` што неговото перо има напишано. А книгите кои би ги препорачал и кои секогаш би ги препрочитал се „Клетници“ (сите шест томови) од Виктор Иго, дело кое длабоко ќе ве замисли, а секако после неа светот и луѓето пред се` ќе ги гледате на друг начин, како и книгата „Игра во `ржта“ од Џером Селинџер која би ја препорачал доколку имате потреба да влезете во еден поинаков свет, различен од се` друго, а во исто време близок до секој од нас.

(Фросина Марковска)