Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Игор Андреиќ (27) е млад уметник од Куманово. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, отсек сликарство со конзервација и реставрација. Учесник е на повеќе ликовни изложби и колонии: „Самоуки“, „Кумановски ликовни уметници“, „Делиблатски песак“ во Србија, а последните две години и на ликовната колонија „Ars Timacum“.
Одреден период работел како ликовен педагог, а покрај сликањето, пасија му е и работата на стари предмети и скулптури. На почетокот на нашиот разговор го вративме во детството, за да дознаеме дали се сеќава на првите цртежи и слики.
Да, се сеќавам дека на четири години нацртав цртеж на кој автомобил поминува низ природа, тогаш користев водени бои и туш, останати од татко ми кога се занимавал со уметност, но тоа беше мал цртеж. Исто така, на седум години татко ми ми купи книга со слики на Салвадор Дали. Дали знаете каква радост е тоа? Почнав да ги прецртувам сликите, се сеќавам дека го прецртав „Исус на крст“, ептен сериозни теми. Потоа, прва слика на платно со масло ја направив на девет години. Воедно, цртав и ликови од цртан филм, веројатно и затоа сега сакам да гледам аниме.
Во текот на студиите како и после студиите имаш учествувано на ликовни колонии и надвор од нашата држава, што е тоа што ти го научи надвор од границите на нашата држава, а ние го немаме во нашето образование?
На ликовните колонии на коишто јас имам учествувано се учи брзината во сликањето, а брзината е од големо значење во модерното општество. Најчесто ликовните колонии се од шест до седум дена и за тоа време вие треба да изработите две слики. Јас веќе почнав да изработувам и по три слики, за разлика од порано кога за изработка на портрет ми требаше и цел ден, веќе ми се потребни само два-три часа. Сега можам да нацртам и два портрета, па да се посветам или на цртање на пејзаж или апстракција. Иако, да речеме, од вас не се бара ремек-дело, сепак се бара сликата да биде квалитетна, инаку не би ве поканиле повторно.
Кој стил на сликање од македонските уметници, најмногу ти се допаѓа?
Можам да речам дека тоа е Кашавелски, па и Константин Качев. Кај нив ми се допаѓа сенчањето на девојката, т.е нивното претставување на девојката. И кај Кашавелски има реализам, но со додадени елементи на надреализам.
Дали делата кои ги создаваш се моментална инспирација или внатрешен процес кој траел со денови, месеци, години?
Сега за сега го сакам чистиот реализам, уметноста, да речеме на 18 век. Сакам во центарот да биде жената. Меѓутоа, денес фотографијата е новиот модел. Веќе речиси никој модел не седи со месеци во атељето, најчесто се слика од фотографија. Не дека е подобро, ама тоа е реалноста. Што се однесува до мене: jас ги сакам мистеријата и контрастот. Овој период сум сконцентриран на моментална инспирација, односно кога нешто ќе ме инспирира јас седнувам и цртам, подоцна ја гледам смислата која несвесно ја имам внесено. Знаете што е многу важно доколку сакате да сликате реализам? Тоа е трпеливоста и долгогодишниот занает. Треба да можете и по дванаесет саати да седите затворени во четири ѕида и само да цртате.
Кога нешто ќе насликаш имаш ли чувство како да даваш дел од себе?
Па да, ќе се вклопат многу работи во текот на животот и тоа ќе се преточи во нешто. Јас тие слики што ги имам кога ги гледам се сеќавам како се имам чувствувано, ама кога не ги гледам јас не се сеќавам на чувствата, зашто имам фотографска меморија.
Сметаш ли дека уметниците се разликуваат според државата од која потекнуваат или уметноста е универзално нешто кое не подразбира граници?
Не, сите цртаме исто, можеби, мотивите ни се разликуваат. Вие можете да имате подобри модернисти во една држава од друга, но денес она што го има на еден крај од светот го има и на другиот. Денес постои и интернетот каде можеш да видиш што се случува и на крајот на светот. Сепак, од моето досегашно искуство јас имам забележано дека и кога жанровски се разликуваме дека, пак, некои мотиви ни се исти.
Која е сликата која ти би сакал да ја имаш насликано?
Има многу квалитетни слики, реално. Но, еве, прва што ми паѓа на памет е „Мадам Икс“, оваа слика има спој од суптилна голотија и темен фустан на жената. Тоа е мистеријата и контрастот кој јас ги сакам.
Како изгледа денот на еден уметник?
Кога ќе станам прво пијам кафе, па потоа почнувам да функционирам. Цртам реализам, гледам научна фанстастика, па се префрлам на Вангелис, гледам некои алтернативни документарци, астрономија, зен будизам, читам за христијанство, па имам мандала дома, знаеш контраст. Многу работи се вклопени во тоа што го истражувам. Не само тоа и гледам за здрава исхрана, па некои филозофии за медитации. Или пак писатели: од романтични, на сериозни, па научна фантастика. Мешавина од с? во едно. Па цртам сериозна слика, па поромантична, па некои девојки од друго време (18-19 век), па се префрлам на модерно сликање со модерна облека што се носи сега, но гледам да се покласично облечени: во кошула итн. Поинтересно ми е времето кога девојките носеле корсети и долги фустани, кога не ја истакнувале голотијата. Поромантично, поженствено изгледа. Машките носеле костим со шапка. Тоа било друго време, врв на целина ако гледаш така. На пример: да се појави таква девојка сите ќе ја гледаат, тоа е контрастот за кој зборувам. На Jутуб каналот најдов една писателка која веќе живее така, но не само она туку и други. Има еден дечко кој се облекува така, но тоа само за дома.
Дали ти би можел да се облечеш така?
Јас би можел домот да го издекорирам во тој стил, но да се појавам така надвор од дома би било смешно, со таков саат на половината во елек итн. Јас можам да се облекувам класично, но модерно. На пример на сакото имам брош, што ретко кој носи. Порано слушав и панк, рок музика-додека бев тинејџер, сега слушам покласична, пример „Вангелис“. Некако е модерно, но и класично во исто време. Модерно дека е правено на синтисајзер, зашто не е само на пијано. Порано што имам слушано рок музика имале добри текстови, секакви бендови имам слушано, немам идоли.
Игор, ми спомена дека од твојата соба имаш атеље во кое се самиот си изработил. Како изгледа?
Па, јас сакам да купувам стари работи кои сакам да ги преправам или доработувам, најчесто тоа се скулптури кои биле искршени. Исто така кога подолго време се занимавате со сликарството, самото сликарство од вас прави занаетчија кој може и сам да си направи рамка или пак држач за четки и итн. за разлика од Гиљермо Дел Торо (за која знаеме да муабетиме) јас немам готски стил. Гиљермо Дел Торо ги сака чудовиштата, јас сакам да собирам евтини слики купени од улични продавачи.
Освен што постојано работиш на твоето формално и неформално образование, ти имаш работено и како професор по ликовна уметност. Кои беа работите кои ти ги внесе во наставата за да ја направиш поинтересна и поквалитетна?
Се обидував да направам поинтерактивна настава, односно сакав и учениците да се вклучуваат во работата, а не јас да сум „главниот“. Често знаевме на лаптоп заедно да гледаме документарец, некој филм или да им покажувам како се изработуваат скулптури. Се трудев да ги научам дека сликарството е и занает, а не сам талент. Исто така, сакав да развијат и чувство на припадност и чувство на одговорност кон професијата, па затоа додека цртаа учениците, цртав и јас.
Фросина Марковска