×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Буѓав лебац

    Емил Ташевски

    Во еден салон во Тексас, претпоставувам дека тоа е историски факт, некогаш имало натпис: „Не пукај во пијанистот, тој се труди колку може!“ Овој слоган како да е напишан за нашиот премиер и неговата влада. Луѓе, не ги осудувајте толку. Толку се нивните капацитети. Во нивните светови тие мислат дека така треба затоа што не знаат за друг начин. Си играат држава како да е некоја рекреативна игра.
    Песната и апсолутниот балкански хит “Буѓав лебац” е настаната од вистински настан. Драган Ковачевиќ – Жабац кој е креатор на овој текст во едно интервју раскажува за еден момент од својот живот каде му останале пари да си купи леб, но тој решил сепак да си купи пиво бидејќи во станот во кој живеел имало некаков си леб-буѓав.

    Кај нас ситуацијата е друга. Премиерот Ковачевски со една своја избрзана и популистичка одлука ги остави рафтовите за леб празни. Ние за разлика од Жабац немаме ни шанса да си купиме леб, но и немаме доволно пари да си купиме пиво.

    Пред неколку дена се згрозив од несреќата во соседната Грција во која имаше жртви со возови. Одговорот за брзото нерешавање на случајот од страна на владата беа масовни протести во Атина. Ќе употребам реченица на уште едни наши соседи: “Кад неќе милом онда силом”. Протести во нашата држава се спорадични и очајнички.

    Навикнати сме веќе подолго време да ги трпиме одлуките кои не засегаат самите нас. Тоа долгорочно е многу лошо за нашето општество затоа што ситуацијата на трпење доведува до колективна тапост и трајна нечуствителност на било каква криза.

    За снаоѓање околу буѓав лебац беа оставени и здравствените работници и целиот друг персонал во болниците кои 20-тина дена немаа добиено плата повторно заради грешка на самата влада. Од нив се бара максимална посветеност на работните места но никој не ги праша дали имаат за леб тие денови (кој впрочем или има висока цена што би рекле од владата или го нема по рафтовите по одлука на владата).

    Ситуацијата е таква што сега производителите спремаат тужба против самата влада, произведуваат лебови со помали грамажи кои ја задоволуваат цената на владата и на крај пак крајниот купувач го јаде најдебелиот стап. Во случај да ја добијат државата, пак пари од народот ќе треба да ги бидат исплатени.

    Премиерот и владата никогаш нема да сфатат дека не е приоритет, ниту некаква си политика да ги замрзнете цените на производите туку да создадете услови и за производителите и за купувачите да можат непречено да функционираат. Лебот не треба да е со замрзната цена туку треба купувачите да имаат заработено добро за да не ги интересира колку чини самиот. Треба да создадете услови најпрвин да е задоволен селанецот кој произведува пченица, а не да се сликате до полни рафтови
    леб како пазарите и да водите гол популизам.

    Впрочем кој нормален пазари леб во одело?

    Емил Ташевски Дипломиран инженер по информатика на ФИНКИ

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*