×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Ќе се извини ли СДСМ на кумановци???

    Бране Петрушевски

    Живееме во време кога државата, ама буквално, ни тоне на секој можен план. Нарушено ни е она есенцијално, најсуштинско и егзистенционално чувство што постои во секој еден човек, а тоа е чувството на безбедност. Десетина убиства, случени среде бел ден, остануваат неразјаснети, а власта преку своите медиуми се обидува истите да ги сокрие или да ги релативизира. И покрај тоа што ми навираат солзи, ми се кочи вилицата и ме стега грлото за Саздо, тука ќе застанам за убиствата. Нема ничија трагедија и смрт да ја злоупотребувам во политички теми, како што дел од функционерите на СДСМ и некогашните „шарени“ – денес високи владини функционери, го правеа во минатото исклучиво за политички поени, затоа што јас се разликувам од нив и знам што значи морал, етика, човечност...

    Но, замислете, живееме во време кога градоначалници учествуваат во кафeански тепачки, шверц на цигари и мафијашки престрелки! За жал, полека но сигурно, се враќа оној стар СДСМ од мрачните 90-ти години, надграден и уште подеструктивен. Додека во државата владее безредие и хаос, економијата ни тоне, а граѓаните секојдневно осиромашуваат, Зоран Заев и оваа Влада од петни жили се трудат да реализираат само еден единствен проект - уништување на сè што е македонско. Користејќи ги медиумите за колективна хипноза, власта се обидува да создаде илузија во која капитулантскиот договор со Грција, наместо како распродавање на највисоките државни и национални интереси, сака да го претстави како розова слика во која сите ќе живееме убаво и проблемите инстантно ќе ни исчезнат. Конечната нивна цел треба на сите да ни е јасна: со вакви пропагандистички трикови и спинови треба да се покрие криминалот и неспособноста на актуелната владејачка гарнитура.

    Реформите во судството, кои треба да ги спроведе тело со кое раководи самиот премиер (нешто досега невидено во ниедна држава), не само што ги нема (забележано и во извештајот на Европската комисија), туку судството го претворија во алатка за спроведување на политички реваншизам, преку политичка пресметка и притисок врз членовите на ВМРО-ДПМНЕ и нивните семејства. Сите сме сведоци на нееднаквиот аршин во изнесувањето на судските пресуди.

    На планот на економијата веќе една година сме во континуирана девастација и целосен колапс. Од една страна платите се намалуваат, додека пак од друга страна  цените се зголемуваат. Државниот завод за статистика официјално потврди дека цените на мало во јуни оваа година се повисоки за 2.8% споредено со јуни минатата година, додека трошоците за живот во истиот период пораснале за 1.4%. Растот на БДП е една огромна нула, а откако СДСМ е на власт цената на горивото се зголеми за дури 30%. Реализацијата на капиталните инвестиции, согласно извештајот на Министерството за финансии, по првите пет месеци изнесува 13,82 % што е катастрофално и рекордно лошо ниво на реализација. Ваква катастрофално лоша реализација на капиталните проекти, нотирана во извештајот на Министерството за финансии за реализација на буџетот, укажува дека нема да се оствари предвидениот раст на БДП од над три проценти за годинава, зашто токму овие јавни инвестиции се негов главен двигател.

    Ништо „порозова“ не е состојбата ниту на локално ниво, во општина Куманово. Имаме општина која работи под минимална судска резерва, заради големата заглавеност во долгови, кои заедно со јавните претпријатија, вкупно надминуваат 1.000.000.000 денари. Замислете, СДСМ менаџирајќи со општина Куманово, во целиот период од осамостојувањето до денес, успеала да направи долг од една милијарда денари! Долг кој сите ние ќе го враќаме. Општината исто така, се соочува со сериозни комунални проблеми, поради неспособноста на локалната администрација и нивниот слаб кадровски и стручен потенцијал. И оваа оценка за администрацијата не ја давам јас, туку токму актуелниот градоначалник на општината и тоа на последната седница на Советот на општина Куманово! Истиот тој градоначалник кој на митинзите пред локалните избори ги критикуваше директорите на општинските јавни претпријатија поради неефикасноста и неработењето, за сега, на повеќето од нив да им ги продолжи договорите. Со тоа докажува дека сите критики биле популистички и немал намера реално да се зафати во костец со проблемите. Истиот тој градоначалник ветуваше и прекинување на принципот на вработувања по партиски клуч, а денес секој граѓанин гледа дека се вработуваат исклучиво и само истакнати активисти на СДСМ или членови на нивните семејства. За способните и за вистинските професионалци место во администрацијата нема! И нормално е што нема развој во општината, нормално е што наликуваме на касаба од 19-тиот век. Затоа јавно прашувам, ќе им се извини ли некој од СДСМ на кумановци за ова уништување на градот, поради причините констатирани од самиот градоначалник???

    Овој актуелен градоначалник веќе е навлезен во осмиот месец од својот мандат. Не дека некој во овој период очекуваше реализација на спектакуларни проекти, но никој не очекуваше дека ветените проекти ќе се заборават и ќе останат само во изборната програма на градоначалникот. Граѓаните со право прашуваат, до каде е изградбата на цевководот од Липково до Куманово? За овој проект нема предвидено средства ниту во општинскиот, ниту во државниот буџет. Впрочем се нема „мрднато со мал прст“ да се започне со реализацијата на истиот. Градоначалникот треба да одговори и до каде е реализацијата на капиталниот проект за справување со отпад и дислокација на постоечката депонија? Како оди довршувањето на гасификационата мрежа и зошто се навраќа на концептот за јавно приватно партнерство, кога, да го потсетам, во минатото како советник во општина Куманово гласаше против овој концепт? До каде се работите со ветените две нови градинки, едно ново училиште и една нова спортска сала или и нив ги заборавил актуелниот градоначалник? Се сеќава ли градоначалникот дека ветуваше индустриска зона во општината? Можеби тој не се сеќава на ветените проекти, но граѓаните се сеќаваат и си ги бараат. И не е лошо, помеѓу позирањата за на Facebook, градоначалникот да најде време, да си седне и да си ја прочита програмата ветена пред кумановци. Последново најдобронамерно, од причина што скоро за сè што стои во капиталните проекти, воопшто не се отпочнати ниту иницијалните активности за нивна реализација. Затоа уште еднаш ќе прашам, ќе им се извини ли некој од СДСМ за изгубените години на кумановци заради нивната неспособност да раководат со општината, потенцирам, оценка на актуелниот градоначалник???

    На крај сакам да им се обратам на кумановските социјал – демократи. Не се мачете да пишувате реакција на оваа колумна. Базично, колумната е статија во која се изразува лично мислење. А правото на лично мислење ми е гарантирано со Устав. Ароганцијата која ја истурате врз медиумите, преку реакции за пренесени ваши зборови задржете си ја за себе. Од друга страна, однапред ви ги знаеме тезите, и јас, и граѓаните. Не мора да кажувате што ВМРО-ДПМНЕ (не)правело во минатото и како не ви давало пари. Како прво, со реминисценција на минатото нема напредок. А како второ, не ви било ВМРО-ДПМНЕ виновно, туку вашата неспособност да создадете асален проект со кој би аплицирале до министерствата и би ви се одобриле финансии. Впрочем сега СДСМ е на власт и на централно ниво, па за ваша жал го изгубивте џокер оправдувањето – ВМРО-ДПМНЕ е виновно за сè. Сега вие сте тие кои ја имаат севкупната одговорност.

    Па на крај повторно ќе ве прашам: Каде ви се проектите? Каде ви се парите и „рекуперацијата“ за Куманово? Ќе се извините ли на кумановци? Не се мачете, не реагирајте на колумнава зошто и онака веќе никој не ви верува! Подобро е да си ги засукате ракавите и да се зафатите со работа.

    Бране Петрушевски претседател на ОК ВМРО-ДПМНЕ

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*