Големото незадоволство од работењето на владата со години не е некоја голема новина или откритие. Но, ајде да се обидам низ една анализа да предочам еден од изворите на овој проблем. Да ја разгледаме врската помеѓу излезноста на изборите и перформансот на народните претставници во едно демократско општество, какво што треба да биде и нашето. Постои рационално тврдење дека феноменот на „лошите“ политичари, кои доаѓаат на власт, често е резултат на апатијата и ниското учество на гласачите, а не на некаква вродена маана во изборниот систем. Неспорно е дека квалитетот на избраните функционери одредува колку добро ќе биде владеењето или колку ефективно ќе биде во служба на електоратот. Во таа смисла, излезноста на гласачите е главен фактор за перформансите на владеењето, бидејќи во демократијата граѓаните имаат можност да ги изберат своите претставници. Затоа велам, рационално е тврдењето дека апатични или рамнодушни гласачи добиваат „лоши“ политичари на функција. Апатичноста и рамнодушноста доаѓа од добрината и чесноста на овие луѓе, кои ги генерализирам како добри луѓе, и не сакајќи да влегуваат во дневнополитичкиот фолклор или да замижуваат пред очигледните неправди, погрешни политики и криминалот, одбираат да не гласаат, како казна за политичарите.
Многу демократски земји, меѓу кои и нашата (ако може да се квалификува како демократска) доживуваат широко распространета апатија помеѓу гласачите и сериозен недостаток за граѓанска партиципација во изборниот процес. Во ваквите случаи многу граѓани избираат да се откажат од ова основно човеково право, иако ја имаат можноста да ја обликуваат својата влада преку гласачките кутии. И неспорно е човек да биде апатичен поради чувството на незаинтересираност за политика, разочарување од политичкиот процес, криминалот или перцепцијата за ефикасност на власта. Но според мое длабоко убедување, таквите помалку наивни објаснувања, би можеле да донесат катастрофални последици, доколку се прифатат од позначаен дел од општеството. Намерно велам наивни, затоа што нашиот изборен модел, а и повеќето во демократските земји, немаат изборен праг, со што тезата дека со негласање ќе се казнат политичарите паѓа во вода.
Кога значителен дел од гласачите со право на глас се воздржуваат од учество на избори, тоа создава нерамнотежа во изборниот процес. Во таков случај, гласовите на малцинството, кое гласало, добива непропорционално зголемено влијание. Последица на тоа е дека на власт можат да се искачат кандидати или партии кои нема да ги застапуваат пошироките интереси на населението. Видливо е ова во Македонија? И те како. Ваквото погрешно претставување на интересите на граѓаните доведува до неоптимални политички одлуки, несоодветен надзор на владините активности и општ пад на квалитетот на управувањето. Еклатантен пример – нашата држава!
Сепак, неопходно е ангажирање на незаинтересираните, што ќе помогне да се намалат појавите на апатија и ќе се зголеми излезноста на гласачите. Според мене, може да се применат неколку стратегии за да се мотивираат повеќе граѓани да учествуваат во демократскиот процес. Преку едукација и поголема политичка писменост би им се помогнало на граѓаните да бидат поинформирани при носење на одлуката за кого ќе гласаат. Добро информираните гласачи најчесто избираат кандидати кои се во согласност со нивните вредности и интереси.
Иако демократскиот капацитет на Македонија е далеку од европските демократии, сепак вреди во иднина да се размисли за имплементација на нови начини за гласање, како што се предвремено гласање или онлајн регистрација и гласање. Достапноста на гласачките места за сите категории граѓани, особено за оние со мобилна попреченост секако ќе ја зголеми излезноста.
Понатаму, промовирањето на иницијативи за граѓанско ангажирање во локалната заедницата може да им помогне на граѓаните да се чувствуваат повеќе поврзани со политичките процеси. Поттикнувањето на дијалогот и учеството на граѓаните во локалните прашања може да овозможи поголем одѕив на гласачите на државните избори.
На крај, кампањите насочени кон јавната свест со цел да убедат повеќе граѓани да се приклучат на процесот на креирање политики преку гласање, ќе помогнат да се зголеми интересот на граѓаните за гласање.
Да резимирам, излезноста на граѓаните е суштински поврзана со квалитетот на избраните функционери. Тезата дека лошите политичари се избрани од добри луѓе кои не гласаат ги истакнува штетните последици од апатијата и неучеството на гласачите. Мора да се справиме со изворите на овој проблем во Македонија, преку имплементирање на стратегии за ангажирање на незаинтересираните, и да тежнееме сите кон политички пејзаж кој подобро ќе ги застапува различните интереси на населението и ќе промовира ефективно владеење. Затоа што поттикнувањето на секој граѓанин да гласа не е само граѓанска должност, туку и клучен исчекор кон поздрава демократија.
Бране Петрушевски пратеник од ВМРО-ДПМНЕ
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*