×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Корупција во здравство - канцер на општество

    Бране Петрушевски

    Корупцијата во нашиот јавен здравствен систем е сеприсутен и подмолен проблем, кој ги поткопува темелите на едно праведно и правично општество кон кое тежнееме, но очигледно многу бавно се стремиме. Таа корупција го загрозува здравјето и благосостојбата на граѓаните, ја нагризува довербата во државните институции и ги пренасочува виталните ресурси далеку од обезбедување на основни здравствени услуги. Ова мое писание има за цел аналитички да даде барем мал придонес кон расветлување на штетното влијание на корупцијата во јавниот здравствен систем, како и предизвикување на надлежните институции да се заложат со строги мерки за борба против ова зло.

    Несомнено корупцијата генерално прави голема штета на општеството, но корупцијата во јавното здравство го компромитира квалитетот и пристапноста кон здравствените услуги, како еден од најбитните сегменти во општественото живеење. Подолу ќе наведам некои од начините на кои корупцијата се манифестира во нашиот здравствен систем:

    Проневера на средства: Средствата наменети за развој на здравствената инфраструктура, набавка на медицински материјали и платите на здравствениот персонал во голема мера се проневеруваат и завршуваат во џебовите на елитите на власта, поради што здравствените установи се неопремени и со недоволно вработени. Согласно достапните информации и анализи, токму здравствените институции се едни од најнетранспарентните во делот на трошење на финансиските средства. Во ваквото наше секојдневие дијабетичарите со месеци молат за лекови и медицински средства, болните од Цистична фиброза за терапија за живот, а за хуманитарните акции за помагање за лекување на деца во странство да не зборам. Пари има, но завршуваат на погрешно место!

    Поткуп и изнуда: Пациентите, особено оние од маргинализираните заедници, често се подложени на изнуда и поткуп од давателите на здравствени услуги, што дополнително го влошува нивното страдање и им го ускратува правото на здравствена грижа. Убеден сум дека секој читател на оваа колумна се има најдено во ситуација да биде жртва на поткуп за да добие здравствена услуга за него или за негов близок.

    Криминални јавни набавки: Коруптивните практики во набавката на медицинска опрема и лекови доведуваат до надуени цени, но и супстандардни производи, што на крајот им наштетува на пациентите, а се трошат скапоцени ресурси. Најдете пример во Европската унија каде ќерката е директор на здравствена институција, а веледрогеријата на татко ѝ да е главниот добавувач на лекови!? Ова е можно само во Македонија!

    Фиктивни вработени и фиктивни пациенти: Фиктивните здравствени работници се луѓе кои фигурираат на платните списоци, но не одат на работа. Јавна тајна е дека овој „македонски“ феномен не ги одминува ниту здравствените институции. Преку фиктивни пациенти, пациенти кои само се водат на списоци како што е случајот на Онкологија, се овозможува на корумпираните поединци да присвојуваат огромни финансиски средства, на штета на вистинските пациенти на кои им е потребна соодветна здравствена нега.

    Толеранцијата со години од страна на надлежните институции на овие недоследности кои ги наведов погоре, доведуваат до скандалозни случаи како Модуларната болница во Тетово, скандалот на Онкологија и други.

    За жал, последиците од корупцијата во јавниот здравствен систем се далекусежни:

    Намалување на довербата: широко распространетата корупција ја нагризува довербата на јавноста во здравствените институции, што доведува до намалено користење на здравствените услуги и полоши здравствени резултати. Претпоставувате дека на ова се „радуваат“ приватните здравствени институции. Зошто? Ќе разработам во некоја друга прилика.

    Здравствена дискриминација: Корупцијата несразмерно ги погодува ранливите популации, продлабочувајќи ја здравствената нееднаквост, предизвикувајќи циклуси на сиромаштија и лошо здравје со генерации.

    Слабеење на здравствениот систем: Корупцијата го ослабува капацитетот на здравствениот систем да одговори на кризи, како што се пандемии, природни катастрофи и појава на болести. И затоа не е за чудење што Македонија е една од земјите која најлошо се справи со Ковид пандемијата.

    Загуба на животи: На крајот најважното, корупцијата во јавниот здравствен систем води до непотребно страдање и загуба на животи кои можеле да се спасат со соодветни здравствени услуги. Како последен пример за ова, повторно ќе го наведам скандалот на Онкологија.

    Како понатаму? За борба против корупцијата во јавниот здравствен систем, според мене треба да се спроведат неколку клучни стратегии:

    Транспарентност и отчетност: Мора да воспоставиме механизми за транспарентно буџетирање, набавка и распределба на ресурсите во здравствениот сектор, за да се минимизираат можностите за корупција.

    Заштита на укажувачите: Преку соодветни законски измени да се стимулираат, охрабрат и заштитат укажувачите во здравствениот систем, кои откриваат коруптивни практики, обезбедувајќи им законски заштитни мерки и стимулации.

    Зајакнување на надзорот: Независните надзорни тела и ревизии треба да се спроведуваат редовно, за да се следат и истражуваат наводите за корупција. Нивните извештаи мора да имаат соодветни импликации, а не да бидат само напишани на хартија.

    Едукација и свест: Мора да се подигне свеста кај давателите на здравствени услуги, администраторите и јавноста за штетните ефекти на корупцијата и важноста на етичкото однесување.

    Дигитални решенија: Неопходно е искористување на технологијата, како што се електронските здравствени досиеја и дигиталните системи за плаќање, но и нови креативни решенија за да се намалат можностите за корупција и да се зголеми транспарентноста во здравството. Доколку на Онкологија се користел КАТО системот набавен уште во 2016 година, можностите за крадење и препродавање на скапата терапија ќе биле далеку помали.

    Корупцијата во јавното здравство во Македонија е сериозна и загрижувачка, па потребно е итно внимание. Последиците не се само фискални, туку, уште поважно, човечки, бидејќи го загрозуваат здравјето и благосостојбата на граѓаните. За да изградиме фер и праведно општество, каде здравствената заштита е достапна за сите, императив е да се преземат решителни активности за да ја искорениме корупцијата, да промовираме транспарентност и да ги почитуваме принципите на одговорност во нашите јавни здравствени институции. Само тогаш можеме да обезбедиме секој поединец да има пристап до квалитетната здравствена заштита која ја заслужува.

    Бране Петрушевски пратеник од ВМРО-ДПМНЕ

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*