×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Flex Credit

    Детронизација во бастионот

    Бране Петрушевски

    Вистинската политиката е умешност за која е потребна и интелигенција. Немајќи ги ресурсите и алатките на противникот, кој е укотвен 30 години во администрацијата, ти останува само интелигенцијата за да ги победиш. И да, победа во Куманово е детронизацијата на СДСМ, токму во нивниот бастион. Победа за и на кумановци. И повеќе ништо нема да е исто во Куманово!
        Митот за непобедливоста на СДСМ во Куманово е срушен. Во историјата на градот ќе останат запишани фактите дека Оливер Илиевски е првиот кандидат за градоначалник од СДСМ кој ги загубил изборите. Ќе остане запишано и дека Максим Димитриевски е првиот градоначалник избран со поддршка од ВМРО-ДПМНЕ, иако само во вториот круг. Од овие факти бегање нема, што и да се случува понатаму!
        Сега следува потешкиот дел - демонтажа на овој тоталитарен режим во Куманово и воведување на нови принципи во управување со градот. Да се елимира праксата на вработување на наставен кадар во училиштата само со потврда за доволна активност во СДСМ. Или молењето на функционери од СДСМ да се запише дете во градинка. Или потпишување за поддршка на СДСМ за да се асфалтира улица, изгради водовод, канализација... Партиско поправање оценки и што ли уште не. Токму овие пракси се најголемиот пораз на СДСМ во Куманово, но и најголемото понижување на кумановци. 
        Крајно време е Куманово да се ослободи од овие стеги, од оваа зависност од СДСМ... Крајно време е да заврши транзицијата во Куманово од еднопартиски систем во демократија. И ова мора да се случи, и ќе се случи, го сакале тоа од СДСМ или не! Доста е од политикантство во локалната политика, политикантство кое е параван за богатење на поединци, кои во нормални услови неуспешно би раководеле со „биртија“, а не да располагаат со милиони, стекнати за неколку години, на крајно криминален начин. Не да е доста, претерано е!
        Куманово е доволно голем град, со доволно ресурси за да се развива и да овозможи достоинствен живот за сите. Само треба усул на луѓето во власта, треба повеќе да го сакаат градот и да не крадат. Впрочем, дали знаете како се гради една градинка? Многу едноставно и лесно, само не треба да се украдат парите наменети за изградба на таа градинка. 
        Затоа апеларам до идната локална власт, имате историска шанса да го вратите Куманово на кумановци. Работете со повеќе љубов спрема Куманово и резултат ќе е незибежен. И уште нешто. Немојте да дозвилите никогаш повеќе Куманово да биде бастион на ниту една политичка партија. Среќно!

    Бране Петрушевски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*