Она што е забележливо од овој речиси четврт век независна Македонија е дека системот не продуцира една стабилна и нагорна линија на развој, туку напротив, постојани циклични кризи кои доведуваат до сериозни општествени ломови. Кумановски кажано, шлаљфување у место. Македонија како земја со ограничени ресурси и природни и чевечки, нема капацитет на подолг рок да ја издржи таа вечна транзиција.
Некои луѓе мислат дека се родени да владеат,само затоа што владеат. Од секогаш било така, и така ќе биде и во иднина. Историјата е полна со такви ликови. Од египетски фараони, преку средовековни деспоти до мали балкански диктаторчиња. Она што ние како општество треба да го направиме е да пронајдеме инстиуционален механизам како тоа да го спречиме. Како да превенираме она што е природен инстикт кај луѓето, желбата за надмоќност кон другиот, да биде општествен проблем. Ова борба денеска не е само борба за промена на власт. Ова е многу повеќе од тоа. Ова е борба за промена на цел систем кој е гнил во својата суштина. Тој систем, така поставен им служи само на структурата на власт и на никој друг. Тој систем одсекогаш бил таков, Груевски само го усоврши. Ние мораме да направиме систем кој ќе му служи на народот, а не народот да му служи на системот. Груевски не ја сфати основната демократска премиса, дека можеш да си ја сакаш сопствената земја, а истовремено да не ја сакаш сопствената влада. Секоја критика кон него, се пренесува како напад и критика на државата. Таа матрица и начин на владеење беше карактеристична за Луј XIV - Државата тоа сум јас.
Во услови кога масовната злоупотреба на државниот систем станува правило на владеење најдобар начин, да го спречите тоа е да ја доближите власта до самите граѓани како носители на суверенитетот. Во таа насока потребни се неколку измени кои ќе имаат за цел да ги доближат механизмите на непосредно одлучување до самите граѓани, или EXIT стратегија од сегашнава состојба.
Премиерскиот мандат да биде ограничен на 4 години со право на уште еден реизбор. Тоа се 8 години на премиерска функција. И толку. На тој начин уште неседнат на премиерската функција секој нареден премиер може да го види на календарот денот на неговото заминување. Оваа ограничување од само 2 мандата на премиерската функција значи дека ќе се намали притискот кон основните човекови слободи и права на граѓаните затоа што кој и да седне на премиерската фотелја, ќе знае дека времето му е ограничено. Таквото ограничување има кај претседателската функиција која има далеку помали надлежности од премиерската. 8 години се доволно време во политиката да се види дали некои политики даваат конкретни резултати во реалноста. Ова временско ограничување спречува појавување на мали наполеончиња кои се гледаат вечно на таа функција. За оваа да успее, оваа одредба треба да биде уставно решение со цел нејзината измена да биде тешко остварлива. На овој начин и Македонија како држава има можност да ја зачува својата стабилност на подолг рок, затоа што и да имаме најлош премиер, времето му е ограничено.
Второ, уставот предвидува дека овластени предлагачи на закони се Владата, секој пратеник и 10.000 гласачи. Оваа бројка е нелогична од еден многу важен аспект за граѓанското општество. Имено, ако се анализираат резултатите од парламентарните избори, може да се види дека за добивање на еден пратенички мандат се потребни околу 8.000 гласови во една изборна единица. Значи еден пратеник вреди 8.000 гласови, и истиот може да предлага закони. Бројката од 10.000 гласачи потребни да предложат законско решение, всушност го потиснуваат граѓанското партиципирање на власта и претставува дополнителна препрека за обичниот граѓанин. Дека оваа право, граѓаните ретко го остваруваат, покажува и фактот дека во 24 години независна Македонија само неколку пати е искористено. Иницијативата на АМАН за поевтинување на ел. енергија, Законот за бранителите кој го иницираше Достоинство ( и двата предлога поминаа неуспешно),се примерите кои ги памети македонската јавност. Оставам простор да имало уште некој, но очигледно станува збор за многу мала бројка. Со цел поголемо граѓанско учество во власта оваа бројка би требало да биде барем половина од тоа што е сега. Значи најмалку 5.000 гласови наместо сегашниве 10.000 потребни за предлагање законски решенија. Со самото тоа граѓаните би имале поголема мотивација за иницирање на законски решенија и почесто "досаѓање" на власта, што во суштина претставува механизам за нејзина контрола и вежбање на демократија. Ова бројка ќе значи дека предност се дава токму на ваквото граѓанско учество во власта.
Заради ограниченоста на просторот само ќе го споменам референдумот како начин на непосредно учество на граѓаните во власта, кој како модел односно начин на негово остварување во Македонија ќе мора да претрпи промена, ако сакаме вистинско граѓанско општество. Бројките од 150.000 граѓани за иницирање референдум на државно ниво и 50% +1 за дабиде успешен се бројки кои всушност го ограничиваа остварувањето на оваа право како на локално така и на државно ниво.
Овие предлози заедно со моделите за една изборна единица и отворени гласачки листи за кои пишував во минатиот текст ќе претставуваат промени кои треба да не ослободат од стегите на власта, како на оваа така и за секоја наредна влада. Евидентно е дека не само власта, туку ние мораме да го менуваме системот, кој ваков како што е сега, продуцира перманентни кризи кои циклично ја достигнуваат својата кулминација.
П.С Четврочлено семејство во Куманово. Еден ден таткото доаѓа од работа и им вика на своите дома: Жено пакувај торбите, дај на децата по некој транспарент и излегуваме во дворот на сопствената куќа да покажеме колку ни е убаво што тука си живееме!?! Некако ова е логиката на собирот на ДПМНЕ пред собрание каде тие го имаат мнозинството. Може да се насети на што ќе се темели одбраната на врхушката на ДПМНЕ во некој нареден независен судски процес. НЕПРЕСМЕТЛИВОСТ.
Филип Јаневиќ Филип Јаневиќ, портпарол на ЛДП Куманово
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*