×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Flex Credit

    Година за пресврт

    Бране Петрушевски

           Најпрвин на почетокот од колумнава дозволете да Ви посакам здрава и среќна Нова година.

       Што посакувам за Нова година? Со еден збор - подобар живот. За сите! Затоа што мојата индивидуална среќа, индивидуалната среќа на секој од нас, зависи и директно и индиректно од среќата на секој друг човек во овој град, во оваа земја. Се надевам дека луѓето кои се моментално на власт некогаш ќе го сфатат тоа. Како и да е, не вреди само  да се посакува нешто - за желбите да станат реалност мора да се работи. Да се работи, промислено и вредно, и секој чекор што ќе го направиме, секое дејство што ќе го преземеме, треба да не води кон нашата цел - подобар живот. Не за поединецот, туку за сите луѓе. 

       За жал секое дејство што го презема моменталната ни власт, секој нивен направен чекор, непоправливо не враќа назад. Секој нивен потег не уназадува и прави несреќна нација. Моменталната власт гради ретроградно и дистопично општество, во кое богати се само малкумина, во кое просперираат само малкумина, во кое среќни се само малкумина. А сите знаеме кои се тие... Тоа се истите луѓе на државни функции што си купуваат дуќани во големи молови, тоа се истите луѓе што возат луксузни автомобили на државна сметка, што сами на себе си доделуваат тендери и стипендии, кои тргуваат со туѓата несреќа, на кои ништо не им е свето. Тоа се истите луѓе за кои државата е само извор за зголемување на нивното лично богатство. Тие најубаво функционираат во криза, затоа сега си создадоа дури три, зашто најубаво ловат во матно. Секогаш кога ќе дојдат на власт, зад себе оставаат пустош. Само погледнете околу себе и кажете дали навистина не е така. 

       Електричната енергија поскапува енормно, парното поскапува, цените на производите вртоглаво се зголемија, парите полека ја губат својата вредност. Заглавени сме во нерешливи спорови во кои непромислено не втурнаа. Имаме секаква можна криза. Образованието ни страда од некакви си луди реформи, во здравството се случуваат невидени катастрофи, во правосудниот систем никој не верува. 

       Само едно сакам да се запрашате - одиме ли напред? Макар со микроскопски чекори - одиме ли кон подобар живот? Ќе им се приближиме ли вака, барем од далеку, на развиените земји? Вака сигурно не. Мора нешто да се смени. Не може да ги оставиме истите луѓе, да ги прават истите нешта и да очекуваме нешто различно, нешто подобро. Ајнштајн вели: Лудост е да се прават истите работи, а да се очекуваат различни резултати.  Зарем не е така? Апатичност, незаинтересираност за сопствената судбина и судбината на своите деца - тоа властодршците најмногу го сакаат и верувајте многу работат за тоа да не се смени. Многу работат за да помислите дека сите се исти.  Статус - кво е состојба во која тие најмногу просперираат. 

       Затоа драги мои сограѓани, ајде заедно со старата година да ги испратиме во минатото и сите оние кои не влечат назад, на кои колективната среќа и просперитет им е последен приоритет, заради кои ни се иселуваат блиските, кои не држат во лимбо состојба толку години и не спречуваат во остварување на заедничката цел - подобра иднина за сите. 

       И на крај уште еднаш нека ни е среќна Новата 2022 година! Нека нѐ изненади со подобар живот. Нека нејзиниот почеток означи ново поглавје во нашите животи исполнето со страници на успех, среќа и просперитет. Да сте ми живи и здрави!

    Бране Петрушевски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*