Изминативе месеци имавме доста бурна политичка состојба во Република Македонија. За среќа преовлада разумот (по онаа народната паметниот попушта) и полека - но сигурно, се враќаме во нормалното секојдневие. Полека - но сигурно сè си доаѓа на свое место. Последните рејтинзи сработени од меѓународни институции покажуваат раст на рејтингот на Владата, наспроти пад на рејтингот на опозицијата. Признанијата за посветената и успешна работа на Владата доаѓаат од сите страни, а како најрелевантни ги издвојувам извештајот на Светската Банка „Дуинг Бизнис“ (Doing Business) и извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија. Реално друго и не можеше да се очекува, која некои уназадувачки сили патот во Владата не го гледаат преку победа на избори со идеи и програма, туку преку узурпација на министерствата, под политичка присила, за да се удоми една политичка врхушка.
Народот може многу лесно да направи анализа на она како СДСМ управува со општина Куманово и аналогно тоа да го преслика на државно ниво. Начинот на кој локалната власт го подразбира менаџирањето со градот јас ќе го опишам само со еден збор – изговори. Нашиов кумановски градоначалник има изговори за сè и сешто и нормално најчест изговор зошто тој и неговата администрација ама баш ништо не работат му е Владата. Сега нема да пишувам зошто во нашиот град ништо не се гради од ветеното, зошто постои урбанистички и сообраќаен хаос, зошто ни се рушат куќи „пред нос“, зошто нема асфалтирања на нови улици, зошто постојните улици ни се полни со дупки, зошто имаме голем број на диви депонии, зошто делови од градот се заборавени од локалната власт, зошто не се градат водоводни и канализациони системи, зошто не се одржуваат парковите, зошто немаме улично осветлување, зошто не се чистат речните корита, зошто е запоставен кејот, зошто немаме културни збиднувања организирани од општината, зошто немаме катна гаража, зошто јавните претпријатија се пред колапс и милион други прашања на кои кога и да ги поставите до локалниве властодршци секогаш ќе добиете ист изговор - Владата ги мрази. Сметаат на онаа - стопати повторена лага станува вистина.
Сепак некој паметен рекол – Човек кој навистина сака да направи нешто наоѓа начин, другиот наоѓа изговор... Очигледно е дека градоначалникот или не сака ништо да направи, или сака да направи нешто, но само за неговата камарила. Ете од камарилата на градоначалникот произлезе и т.н. технички министер, но уште не влезен во кабинетот веднаш направи хаос во неговото министерство, па потоа се дообјаснуваше и бараше изговори. Не оделе така лесно работите, како во народната видела жабата коњот се потковува, па кренала и она нога. Не треба само да сакаш, треба и да умееш...
И кога веќе тргнав со цитати на мисли, на крај ќе ја наведам и оваа - Еден човек може да не успее повеќе пати, но тој не е губитник се додека не почне да обвинува некој друг. Изгледа губитници во нашата општината има колку сакаш!
Бране Петрушевски член на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ-Куманово
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*