×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Извинете „другари“ ама лицемерни сте

    Бране Петрушевски

    За една реакција да биде сфатена искрено од народот, неопходно е политичарот кој реагира да има континуитет во своите ставови и делувања. Обраќајќи им се со „другар“, асоцирајќи на именувањето од времето на комунизмот, за чии наследници се сметаат денешните социјалдемократи, не можам, а да не им кажам јавно дека се лицемери. 

    Не може „другарот“ Пендаровски да изјавува дека во Битола била именувана установа според соработник на фашистичкиот режим, а истиот како пратеник да гласа за бришење на одлуките на АСНОМ од Уставот. Не може „другарот“ Ковачевски веднаш по преземањето на функцијата Премиер да се сретнува со Петков, со месеци убедувајќи нѐ во неговите пријателски намери за Македонија, а да го премолчува фактот дека однесувањето на Петков во Битола беше како онаа на Каракачанов во најдобрите денови, што од македонскиот народ се сфатени како провокација и национална навреда. Не може „другарот“ Спасовски жестоко да најавува затворски казни за величање на злосторства врз некои други народи, а да не реагира на однесувањето и соопштенијата на бугарското културно друштво од Битола кое за Република Македонија вели дека е окупирана бугарска територија, притоа игнорирајќи ги сите злосторства врз Македонците и другите граѓани во Македонија од страна на бугарскиот фашистички окупатор за време на Втората светска војна. Спасовски наместо да молчи мора веднаш да покрене соодветна постапка за преиспитување на делувањето на тоа културно друштво. Затоа извинете „другари“ ама лицемерни сте. Премногу лицемерни.

    Не смее да биде доведен во прашање фактот дека политичарите, кои впрочем ги гласа и плаќа народот, се должни да го штитат токму тој народ од национални понижувања, да го почитуваат и спроведуваат Уставот и да спречат секое подривање на македонскиот национален идентитет. Нешто што воопшто не го прави оваа власт, туку чувството е напротив. Како да беа малку на овој народ сите понижувања и предавства што произлегоа од Преспанскиот договор, па денес проблем кој порано не постоеше, а кој произлезе од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка помеѓу Македонија и Бугарија создава чувство на повампирување на бугарскиот хегемонизам, а најмалку создава пријателство, добрососедство и соработка. Затоа што пријателите не треба да се понижуваат, провоцираат и да има се навредуваат националните чувства, туку напротив, треба да се помагаат и поддржуваат меѓусебно. За жал, денес Македонците и Бугарите скоро никогаш и да не биле подалечни.

    Затоа мора од корен да се промени пристапот кон овој проблем. Очигледно е дека лицемерието кон народот и коленичењето кон други влади не придонесува за решенија на проблемите. Мора власта да застане цврсто на црвените линии за непреговарање за идентитетските прашања и воспоставување на принцип на цврст реципроцитет. Што би се рекло, какви права имаат Македонците во Бугарија, такви права да добијат и Бугарите во Македонија. Но, оваа власт дефинитивно нема капацитет за ваков пристап, затоа што покажа дека нема никакво национално чувство и ја интересираат само пари и моќ. Оваа власт покажа и докажа дека е разединета со народот и како однародена власт треба час поскоро да си замине... Неопходно е тие да си заминат за Македонците да не си заминат од Македонија...

     

    Бране Петрушевски пратеник од ВМРО-ДПМНЕ

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*