ЈУРИШ НА БУЏЕТОТ

Бране Петрушевски

Општина Куманово е најголема општина во Република Македонија и со тоа располага со еден од најголемите буџети, кој безмалку изнесува 2 милијарди денари. Или ако се подразмисли подлабоко, само актуелниот градоначалник Максим Димитриевски за 4 години потрошил околу 7 милијарди денари. Оставам на вас драги читатели да пресметате колку пари потрошил СДСМ овие 30 години владеење во Куманово и да размислите дали тие пари завршиле за општо добро и развој на градот или завршиле во приватни џебови на локалните функционери.

    Токму овој голем општински буџет и можноста за испумпување на парите во приватни џебови е причината за раздорот во редовите на општинската организација на СДСМ во Куманово. Легитимно е во демократско општество партиите преку внатрепартиска битка да овозможат избор на најдобриот кандидат за одредена функција. Но во СДСМ Куманово оваа битка одамна ги надминала внатрепартиските кругови и се прелеала надвор. Честите блокади и препукувања помеѓу истакнати функционери на СДСМ, сакајќи другиот да се прикаже како неспособен, прави голема штета на Куманово и на реализација на барем некој проект во градот. Безобзирноста на потенцијалните кандидати на СДСМ дава за право да се заклучи дека тоа не е демократска битка, туку јуриш кон големиот буџет на општината. Токму овој јуриш на кандидатите на СДСМ го разоткрива целиот нивен начин на перцепција на општината: лична своина на СДСМ, за себефинансирање и себебогатење. Толку!

    Големиот буџет на Куманово дава можност за развој на градот. Иако голем процент оди на плати и надоместоци, иако најголем процент од вработените се партиски војници, сепак и тие вработени се ресурс кој треба да се насочи кон реализација на проекти за подобрување на животот на кумановци. Зошто за 30 години СДСМ не го зголемила потенцијалот на општината и јавните претпријатија за самостојно вршење на надлежностите? Или свесно преку разни тендери за одржување на површини, санација на улици, зимско одржување и слично намерно испумпуваат пари од буџетот во приватни фирми, кои по правило се блиски или спонзори на СДСМ? Дури и за спортски и културни активности основан е сомнежот дека 30 години се прелеваат финансии исклучиво до луѓе или организации блиски до СДСМ. Дали свесно локалната власт не се грижи за општинскиот имот, па истиот за багателни кирии го користат поединци познати во градот како истакнати членови на СДСМ, а да не зборувам што дел од општинскиот имот е незаконски оставен на управување на политичката партија СДСМ, која од тоа незаконски остварува приход. За сето ова ниту треба да се молчи, ниту да се толерира. Јас нема да молчам!

    Куманово со ваков голем годишен буџет изминативе 30 години мораше да добие некој нов булевар, нови улици, проект за обиколница, нови модерни паркови, комплетна гасификација на големите загадувачи, нови туристичко излетнички места, нови и модерни градинки, ново основно училиште во центарот, развиена индустриска зона каде ќе работат кумановци... Жално е што и денес зборуваме за водовод, канализација и пристапен пат за сите, нешто што требало да се изгради уште во минатиот век.

      Најлошото за Куманово е граѓаните да се разочараат, да станат апатични, да им е сеедно и СДСМ да си продолжи со владеењето со градот. Имаме човечки и интелектуален потенцијал како град за многу подобро и многу повеќе од ова. На Куманово насушно му се потребни нови луѓе и свежи идеи, луѓе искрени кои го сакаат овој град и кои можат различно. Доста беше власт на СДСМ во Куманово!

 Бране Петрушевски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ

*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*