Навраќајки се на мојата претходна колумна каде беше поставена дилемата дали заслужуваме подобра власт од оваа што ја имаме, и дали сме подготвени како граѓани да се одважиме и да избереме власт која земјава ќе ја направи пристојно место за живеење, не можам а да не започнам со една мисла на Сократ која вели:
Сиромашните ќе сакаат дел од имотот на богатите. А демократијата тоа ќе им го даде.
Младите ќе сакаат да бидат уважувани како стари, жените ќе сакаат да бидат како мажите, странците ќе ги сакаат правата на староседелците. А демократијата тоа ќе им го даде.
Крадци и измамници ќе сакаат важни државни функции. А демократијата тоа ќе им го даде.
А кога крадците и измамниците конечно ја превземат власта, затоа што криминалците и злосторниците тешко ќе можат, ќе настане поголема тиранија од времето на било која монархија или олигархијара.
Го живееме токму времето кое Сократ го предвидел многу одамна.
МАКЕДОНИЈА СЕУШТЕ Е ВО ГОЛЕМА КРИЗА.
Доживеавме уште еден договор, овој пат во Пржино, повторно се покажавме некадарни сами да си ги решаваме домашните работи и проблеми. Повторно некој од надвор требаше за да ги смири спротивставените страни, небаре сме во војна.
Каде е излезот?
Крадците и измамниците како да го студирале Сократ и од нашата мила Македонија направија земја во која веќе е неподносливо да се живее. Младите, а и не само тие, масовно ја напуштаат земјава. Не сакаат некој да се задолжува во нивно име без да бидат прашани за тоа. Задолжувањата оваа година изнесуваат два милиони евра дневно. Да, да добро прочитавте два милиони евра дневно. А гледаме дека парите непродуктивно се трошат, а непродуктивните трошоци не можат да покренат механизам за обезбедување на средства за враќање на парите, каматите секако ќе мора да се вратат. Ги задолживме децата на нашите деца, внуците на нашите внуци.
Секојдневно во ваше име ќе се задолжат едно евро, нормално без да ве прашаат, истото ќе мора да го дадат за да ја платат администрацијата која секако е незадоволна од својот статус...Ќе садат палми, жални врби...Панорамски тркала...А коритата на реките неисчистени, опасни по живот за граѓаните, цели населби без капка вода за пиење, надмудрувања кој е виновникот, на штета на граѓаните...
Земјоделците ќе ги натераат да се заглават во кредити за да кога ќе ги добијат „субвенциите“ ги употребат за раздолжување. Субвенциите им служат како инструмент за купување на гласови. Го узурпираа трудот и на овие чесни луѓе, ги лажат, им ветуваат, ги соголија.
Апсурдот е голем. Свесни сме дека имаме потенцијал, имаме знаење, мудрост, интелегенција да се справиме со сите неправди кои ги трпиме од домашните узурпатори. Како да го надминеме ова, како да си ја направиме Македонија пристојно место за живеење, секако не како што вели Протуѓер: „Треба едно десетина луѓе да се убијат во државава, за да биде ко што треба“
Каде е излезот?
Само Македонија и Сомалија немаат спроведено попис во последните десет години. Дали се прашувате која е причината поради која власта не сака да спроведе попис на населението што е најнормална домашна работа на секоја нормална држава која се спроведува на десет години. Размислувајќи може да се фатите во сопствена замка ако навистина мислите дека ова не се прави заради Албанците, демек ќе се видело дека не се соодветно застапени за да на одредена територија се применува двојазичност, во одредени форуми да се употребува Бадентер и така натаму. НЕ, и ова е уште една магла која ни ја продава власта.
Бидејќи нема попис, можат да продаваат магла дека од Македонија емигрирале неколку десетина иљади граѓани, всушност бројките се фрапантни. Кај нас нема соодветни податоци, секако некому не му одговара да ги соопшти, но светските институции објавуваат информации кои се релевантни и кои може да се проверат.
Според Светската банка, до 2010 година се отселени 447.100 жители. По метода на екстраполација додаваме уште 90.000 до 2014 , вкупно иселени се 537.100 жители. Според проекцијата за 2015 година доаѓаме до бројка од 550.000 жители што претставува 27% од популацијата во Македонија. Ова секако е егзодус кој најдиректно е испровоциран од нашите политичари.
Дали сега ни е појасно зошто не им одговара да спроведат попис?
Се сеќавате на паролата „Индекс или Пасош“
Можеби нашата влада вршејќи го овој егзодус сака да ја зајакне дијаспората, којзнае?
Во државната администрација има доволно кадри, некои дури земаат плата седејќи дома затоа што нема место за сите, затоа што од 2006 година до денес, јавната администрација е дуплирана. Затоа веројатно размислувањето на политичарите е дека ќе се намали гужвата на бироата за вработување, а и ќе се вброиме во друштво на земји каде невработеноста не е алармантна. И паролата ,,Сите на студии,, која придонесе да преку 95% од средношколците запишуваат високо образование служи за оваа цел. Но, како ќе се справиме со „Интелектуалната револуција“ која, кога тогаш ќе ни се случи?
Од земјава не емигрираат само младите и студентите. Емигрира секој оној кој има и најмала шанса за тоа. Знаеме ли колку имаме државјани на Македонија кои имаат земено Бугарски пасош? Најголем дел од нив имаат амбиција да емигрираат во земјите на ЕУ. Емигрираат и бизнисмени, а како да не емигрираат кога во државава нема ист третман за сите. Некаде мора да се почитува законот за пушење во затворени простории, некаде тоа не е неопходно. Некаде мора да се издаваат фискални сметки а некаде може да се работи дури и без фискални апарати. Некаде мора на јавно место да се означи името на фирмата која стопанисува со објектот, некаде не мора. Селективен пристап кон законите на секој чекор. Селективен однос на УЈП кон даночните обврзници, секако во зависност од тоа „чиј е чаушот“. Неправди на сите страни, неподносливо, нехумано и безобзирно безобразно.
Несериозната најава на владата за електронски попис во најмала рака е уште едно продавање на магла и обид за дефокусирање на јавноста и граѓаните од вистинските проблеми. Имаше мандат оваа влада пописот да го спроведе 2011 година. Зошто не го направи тоа? Сега веќе оваа влада нема ни легитимитет ни кредибилитет да го спроведе пописот, причината е едноставна, воопшто немаше отчет за неуспешниот обид за извршување на попис во 2011 и за потрошените пари на граѓаните. Дали се сеќавате на изјавите на премиерот од тој период, демек со прекин на пописот спречиле фалсификат. Но, дали се сеќавате дека некоја од надлежните институции превзеде чекори за откривање на обидот за фалсификат? Јас не се сеќавам. Ниту пак некој одговараше. Уште едно продавање на магла.
И уште еднаш прашањето:
Каде е излезот?
Македонија една изборна единица, отворени листи.
Почитување на законите и во Велес како во Чаир и Арбанашко, но и на улица 11-ти Октомври како и на Илинденска.
Драган Митевски Драган Митевски, член на ЛДП
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*