×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Уште еднаш сме пред историски избори

    Драган Митевски

    По кој знае кој пат, уште еднаш сме пред одлука, како понатаму ...

    Почитувани мои, замислете ситуација, одите на избори, ви даваат листа на кандидати, иако распоредени по партии, поединци, независни листи и.т.н. , вие ги заокружувате оние за кои сметате дека треба да се најдат во парламентарните клупи, и тоа, независно кој на која листа е, може да гласате за кандидати од повеќе листи, и за ДПМНЕ, и за СДСМ, и за ЛДП, изборот ќе биде само ваш, а не на племенските старешини и за нивниот избор кој ќе биде дел од парламентот.

    Моделот е "Македонија една изборна единица, отворени листи"

    Ако сите се стремиме кон демократија, ете тоа е демократија.

    Многумина аналитичари, експерти, познавачи на приликите и неприликите наши, се убедени дека и избраните на 11 декември нама да траат долго, максимум две години ?! Некако се повеќе сум убеден дека се во  право, дека навистина ќе биде така. Повторно треба да избереме "историски" состав на парламентот кој ќе донесе суштински закони, многу важни за демократизација на Македонија, и да створат услови занаредни  "фер и демократски избори" и дури тогаш ќе сме биле спремни за понатаму (читај, Европа, Нато, ... бла, бла, бла ...)

    Ќе бираме и ќе избереме, но, далеку сме од избор каков што ни треба. И на овие избори ќе избереме партиски војници, послушници, луѓе кои некој ги поставил на добитничките позиции на листите на партиите, луѓе кои со нешто "заслужиле" да се најдат таму каде што ќе треба да ја кројат судбината на електоратот, но, дали е тоа избор? Верувам дека најголемиот број од нас гласачите и овој пат сме убедени дека нема да направиме соодветен избор тоа е така затоа што нема да имаме понуда за која ќе можеме да се определиме и да се сложиме дека тоа е нашиот избор.И овој пат тоа ќе биде избор на поглавиците, на племенските старешини, на кројачите на нашата судбина, а ни ја скроија последниве децении ептен убаво.Ете затоа и не можат да издржат повеќе од една до две години, затоа секоја година ќе си одиме на избори и ќе бираме едно големо ништо, ќе бираме понатамошно исселување на граѓаните надвор од границите, ќе бираме безперспективност, апатија ...

    Во која насока треба да се упатиме за да излеземе од овој зачаран круг, од овој лавиринт од кој нема излез повеќе од две децении на самостојност. Каде да се упатиме за да ги избегнеме новите Охридски, Пржински и секаков вид на историски договори, по кои ќе се самоубедуваме дека сме донеле историска одлука за зачувување на идентитетот, државноста ... а сеуште сме ПЈРМ, сеуште имаме знаме кое не го почитуваат ни половина од населението кое мораше да остане во земјава бидејќи нема каде, сеуште не можеме да се преброиме бидејќи некому тоа не му одговара, сеуште градиме пруга кон Бугарија ...

    Кога би ни дозволиле да го направиме вистинскиот избор, секако дека нема да има вакви пропусти во раководењето со државата, како секоја нормална држава на секои десет години ќе имаме попис на населението кој ќе ни даде голем број на информации од цивилизациски карактер, и ќе ни покаже каде се движиме, пругата ќе си ја довршиме, нема да мора да бираме специјални обвинителства и други помалку или повеќе специјални јавни и полујавни државни органи, нема да мора дел од вработените во јавната администрација да не одат на работа а да земаат плата  бидејќи нема место за сите нив, се ќе си функционира во некоја хармонија, Македонија ќе биде навистина пристојно место за живеење.

    Ехх колку би било убаво, нели? ...

    Кога би ни дозволиле кога отидеме на избори да го заокружиме токму оној кандидат на кој му веруваме, за кој знаеме дека совесно, чесно и достоинствено ќе си ја врши својата задача, дури тогаш ќе знаеме дека се направени сите предуслови за нормално функционирање на државата. Има начин сето ова да се оствари, го знаеме тоа сите, но на големите тоа не им одговара, големите не сакаат да се откажат од можноста токму тие да се кројачите на судбината на нас обичните граѓани.

    Почитувани мои, замислете ситуација, одите на избори, ви даваат листа на кандидати, иако распоредени по партии, поединци, независни листи и.т.н. , вие ги заокружувате оние за кои сметате дека треба да се најдат во парламентарните клупи, и тоа, независно кој на која листа е, може да гласате за кандидати од повеќе листи, и за ДПМНЕ, и за СДСМ, и за ЛДП, изборот ќе биде само ваш, а не на племенските старешини и за нивниот избор кој ќе биде дел од парламентот.

    Моделот е "Македонија една изборна единица, отворени листи"

    Ако сите се стремиме кон демократија, ете тоа е демократија.

    Драган Митевски Драган Митевски, член на ЛДП

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*