Зачестија природните непогоди во светот како што се земјотресите, цунамите, ураганите што порано биле поретки и послаби. Сето ова наметнува нов однос и размислување кон природата и нова задача и предизвик за науката. Уште повеќе што сето ова силно влијае врз животот на земјата. Научните кругови сериозно започнаа да ја проучуваат атмосферата и и нејзината врска со активностите што ги има човекот на земјината површина. Ги проучуваат и меѓусебните влијанија и условеност.
Овде ќе се обидеме да презентираме некои сознанија за меѓусебните взаемни влијанија на човекот и природата и последиците од тоа.
Благодарение на положбата на нашата планета во сончевиот систем и безграничниот простор во вселената, природните услови овозможуваат жив свет на неа. Тоа значи дека оваа атмосфера, овој релјеф, овој распоред на копно и вода, како и одалеченост од сонцето; овозможуваат опстанок на живиот свет и рамнотежа меѓу живите организми. Но таа природна хармонија човекот со својата секојдневната работа ја нарушува. Со секојдневното усовршување на техничките средства и технолошките процеси оди се подлабоко во земјата и повисоко во атмосферата. Колку повеќе ја искористува природата, толку повеќе ја менува и деградира, често пати создавајќи услови неповолни за себе. Посебно со развојот на рударството, индустријата, користењето на класичните извори на енергијата, сообраќајот и др. човекот влијае врз климата. Испуштајќи енормни количини на гасови, хемиски соединенија, смеси и разноразни други хемикалии, тој ја збогатил и згуснал атмосферата која натежнала; па наместо да се издига и шири во вселенскиот простор, се задржува над земјината површина. Кога сончевите зраци удираат на земјината површина, се одбиваат и се задржуваат во оваа воздушна обвивка која создава т.н. „стаклена градина“. Најзастапени се т.н. стаклечки елементи-озонот, јагленмоноксид, јаглендиоксид, метан, водена пареа и др. Тој згуснат атмосферски слој во просек условува поголемо затоплување на воздухот што придонесува кон глобално менување на климатските прилики. Зголемувањето на температурата на воздухот условува и различен воздушен притисок, кој пак влијае врз движењето на воздушните маси од области со постуден воздух и повисок воздушен притисок кон области кои се потопли и имаат понизок воздушен притисок. Ете затоа на земјата се создаваат големи воздушни струења во вид на циклонски активности познати како урагани, тајфуни, цунами, оркани и сл.
Во светот постојат силно развиени и помалку развиени стопански подрачја. Затоа е и различно испуштањето на гасовите, па затоа и е различна структурата на приземните атмосферски маси. Но тоа не значи дека поедини делови страдаат од природните непогоди. Познато е дека секогаш постојат различни движења на воздушните маси предизвикани и од други природни услови. Никогаш и никаде не е гарантирана стабилност на климатските услови. Но сепак, има разлика во одредени периоди во годината кога можат да се појават послаби, а некаде посилни потреси. Затоа се некогаш и спротивни временските услови - од големи поплави до големи суши, од високи температури до изразени студени подрачја. Но тоа е менливо и ќе потрае додека не се измешаат воздушните маси и барем приближно воспостават рамнотежа со температурата, воздушниот притисок и другите климатѕки елементи.
Според изнесеното, најголемите промени се случуваат во најразвиените подрачја -Северна Америка, Западна Европа и Источна Азија каде и е најголемата промена и најчестите природни непогоди. Но во целиот свет постои глобално затоплување и никој не е поштеден од него.
Според стручните анализи, ако продолжи ваквиот однос на човекот кон природните услови и атмосферата, природните непогоди ќе зачестат со уште поголеми последици, дури и катастрофални. Со зголемувањето на температурата на воздухот во индустриско развиените региони ќе се појави разлика во однос на неразвиените и ќе настане движење во тропосферата. Притоа колку е поголема разликата толку ќе се движењата посилни и поштетни. Од поларните студени области нагло ќе се спуштаат студените маси кон помалите географски широчини, но и кон индустриските региони над кои се создаваат стаклените градини. Од овие пак ќе настанат струења кон помирните и потопли климатски подрачја така што движењата ќе бидат во разни насоки и тешко предвидливи и следени од земјата. Доколку продолжи оваа темпо на затоплување во атмосферата од 2-6 °С на секои 10 години и зголемувањето на СО2 дури до 90%, ќе се среќаваме со уште поголеми промени и со потешки последици за животот на земјата. Со топењето на снежните маси на Артикот, Аљаска и Сибир ќе се зголемува нивото на Светското море. До 2100 година се очекува тоа да се покачи од 50 до 90 см. Со тоа ќе се загрозат ниските континентални делови во светот како што се Бангладеш, Холандија, Океанија, дел од Русија и северниот дел на Италија; на кои им се заканува потопување. Според наведеното, големите осцилации во приземниот дел на атмосферата силно ќе влијаат на животот, човековата активност и неговото здравје. Посебно влијаније ќе има врз развојот на земјоделието, сточарството, шумарството, сообраќајот и др.
И нашата земја не е поштедена од овие климатско-метеоролошки промени. Нејзината географска положба меѓу студениот Север и топлиот Југ, меѓу копнени и водени површини, меѓу планини и низини, недалеку од најголемата пустина Сахара; е погодна на големи промени, особено во последно време. Згора на тоа повремено ќе наидат и влијанија од секоја страна. Поради наведените природни фактори од една, и влијанието на човекот од друга страна, се наметнува потребата од изнаоѓање на решение, макар делумно, за ублажување на последиците. Посебно науката, заедно со најголемите потрошувачи на природните ресурси, се најповиканите да помогнат во ублажување на негативното влијание на климатските влијанија. Тие во таа насока се договараа повеќе пати. Првиот светски собир на оваа тема беше во 1992 год. во Рио де Жанеиро, во 1995 год. во Берлин, во 1997 год. во Кјото/Јапонија/ кога е договорено да се намалат емисиите на стаклечките гасови и тоа: во ЕУ-8% во САД-7% и во Јапонија-6%. По Буенос Аирес и Хаг, последниот меѓународен настан се одржа во Атина во 2001 година кога е и оформен Техничкиот институт за следење на глобалните климатски промени. Инаку како членка на ОН нашата земја, согласно Конвенцијата, ги следи временските промени и ги известува светските стручни служби. Должни сме и ние како и сите други да се однесуваме посовесно и покоректно, затоа што иако природата е дарежлива, таа може и да казнува. Принудени сме честопати и да се прилагодуваме и навреме превземаме заштитни мерки. Во таа насока треба да се следат и временските прогнози, кои за жал не се секогаш прецизни и се пренесуваат различно од средствата за информирање.
Круне Младеновски
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*