×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Реформа на реформите

    Круне Младеновски

    Постапноста и темелните подготовки за секоја промена даваат резултати, и обратно. Секоја необмислена, избрзана или натрупана активност во реализација на одредена реформа не дава позитивни решенија. Освен тоа, создава песимизам и недоверба кон идните активности. Како и во другите „транзициони“ држави, така и во нашата земја се преземаа длабоки реформи во сите сфери во општеството. Кај граѓаните најевидентни се реформите во образованието и здравството. Тоа се сфери во кои се вработени најмногу јавни и државни службеници и чии услуги се наменети за целокупното население. Во овие сфери се направени големи резови во секојдневната работа и услуги. Некои од нив беа прифатени затоа што народот почувствува благодети и позитивни придобивки. Но, сите промени не се прифатени и поздравени. Доста од предвидените процеси кон реформирање на одредените состојби беа спроведени без доволна подготовка, без консултации со оние кои треба да ги „реформираат“ и без анализа која требаше да се направи по секој превземен чекор. Затоа отсуствуваа и резултати.

    Пример, состојбата во основното образование каде осумгодишното го замени деветгодишно образование, процесот со обезбедување на учебници, организиран превоз; и покрај многуте пропратни грешки и пропусти, сепак се нормализира. Во средното образование, пак новите форми беа збунувачки, а дали истите ќе го следат пазарот на трудот со поголеми знаења и вештини, останува да се види. За учениците и нивното понатамошно школување на некој од факултетите (кои ги има на секој чекор), повеќе нека му мислат родителите, отколку самите матуранти. Нивното вработување е одложено за одредено време, а тогаш барањето на работа ќе биде со факултетска диплома. Квалитетот не го знаеме, квантитетот го имаме, посебно кај вонредното студирање.

    Компјутерската технологија ги истурка сите други обврски кај учениците, како во училиштето така и дома. Можеби и тука требаше да бидат поподготвени „реформаторите“ кои требаше да направат постручна анализа што се добива, а што губи со целосна компјутеризација на училиштата. „Реформираните наставници“ (барем поискусните и афирмирани кадри) требаше да се консултираат како и до каде да се оди со структурните промени. Секоја поголема промена треба да се врши чекор по чекор, за да од наставниците не се создадат административци оддалечени од практичната работа. Сепак, не треба да се негира дека примената на новата технологија, новите методи и нагледност; даваат импулс во наставата и практични знаења за животот и работата.

    Но, истите резултати и успех со новата информатичка технологија, можеа да се постигнат со неколку добро опремени училници со квалитетна техника, покрај постојниот кабинет по информатика. Освен тоа, училиштата и родителите ќе беа поштедени и без никакви додатни обврски за нив. Наставните планови и програми пак треба да се надградуваат во континуитет, структурно да се менуваат, но не секоја година; за да не дојде до прекин и губење на смислата на наставното градиво и усвојувањето на знаења во одредената наставна дисциплина.

    На крајот, треба да се знае дека секоја нова понудена идеја и промена наидува на прием или отпор од оние кои треба да ја прифатат и реализираат. Сите очекуваат од реформите да дадат позитивни ефекти и резултати на одреден временски рок. Ако тоа не се случи, или процесот се оддолжи без успешна практична примена и квалитетни решенија, тогаш неопходно ќе биде да се изврши „реформа на реформите“.

    Круне Младеновски

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*