Секој од нас ја знае приказната за волкот и трите прасиња. Текот на приказната повеќе или помалку сите го знаеме меѓутоа главните јунаци во приказната се токму волкот и трите прасиња. Имено по главните јунаци е дадено и името на приказната. Е сега, замислете во приказната да не се појавуваат ниту волкот ниту трите прасиња а сепак името на приказната да остане исто. Нема логика нели? Така некако изгледа и приказната за странски служби што ни ја продава власта. Имаме приказна за странски служби, а ги немаме странските служби во самата приказна. Нема протерување на странски амбасадор, нема протестна нота до странска амбасада, нема уапсен странец, нема ниту именување која странска служба е осомничена. Приказна за странски служби, без еден единствен странец во неа. Делот пак за комбе кое кружело 4 години по сред Скопје и прислушкувало е толку ретердиран што му доаѓа како цреша на врв торта. Изгледа комбето има бајаги километража затоа што во "израелскиот случај" едниот соговорник е во Франција а другиот во Израел, па сега очекувам режимот да не убедува дека комбето уствари можело и да лета. Искрено ништо чудно и тој филм да почне да се прикажува по режимските медиуми.
Ова што сега премиерот сака да биде Дедо Мраз во април па дели ветувања за фабрики, работни места, покачувања и разни чуда само покажува дека смртно уплашен за својата иднина или што би рекол и тој самиот, му тече низ панталони. Веќе не е прашање дали, тука кога и како Груевски ќе си замине од владата. Но она што ќе следува по заминувањето на Груевски е едно враќање во нормала, без страв и лудило. Таквото враќање по еден ваков психолошки лом во општеството ќе одвива на побавен начин отколку што тоа сите го посакуваме. На тој пат кон нормалноста потребни ни се неколку клучни измени во политичкиот систем на земјата, но денеска заради ограниченоста на просторот ќе се задржам на две карактеристики од изборниот модел.
Ние како држава неможеме да се споредуваме со западно европските демократии со вековна демократска традиција која со развојот на општеството и таа самата еволуирала, меѓутоа имаме 24 годишно искуство, што е доволен период самите да изведеме некои заклучоци. Имено ако го погледнеме периодот од независноста до денеска ќе видиме дека Македонија како држава најмногу "забегува" во два периода. Тоа е периодот 1994-1998 кога беше спроведена најголем дел од т.н приватизација и периодот од 2008 до денеска, кој во суштина имаме криминално-мафијашка структура со деспотски карактеристики. Она што е заедничко и за двата периода е што само една партија го има мнозинството во парламентот, односно контрола над власта. Затоа погоре напишав 2008 г. иако ДПМНЕ е од 2006 на власт. Затоа е потребата од силна партија на центарот која ќе биде во власта и ќе претставува "опозиција во позиција". Таа и немора да биде голема во смисла на СДСМ или ДПМНЕ, но доволно силна да биде фактор во самата власт. Власта корумпира, а апсолутната власт апсолутно корумпира (Лорд Аткон). Концептот да се предаде власта во рацете на само една партија е како да влезете во Ферари ама без кочници. Зошто побогу би влегувале во било кој автомобил без кочници. Токму таа улога на кочница треба да ја има овој помал но во суштина многу значаен политички субјект. Но за да имаме еден ваков политички субјект како погоре опишаниот потребан ни е измена на изборниот модел. Сегашнот пропорционален модел со 6 изборни едниници не дозволува формирање на еден таков субјект. Имено со сегашниот модел една партија може да освои 40.000 гласови а ако тие сразмерно се поделени во 6 изборни единици, тогаш немате ниту еден пратеник. Меѓутоа, ако Македонија е една изборна единица тогаш сликата комплетно се менува. Тогаш секој глас има еднаква тежина и имате изборен модел кој стимулира коалициона Влада. Покрај една македонска и една албанска партија имате уште една помала граѓанска партија која го врши балансот во владеачката структура.
Отворените листи
Политичките партии како такви, ни се допаѓале или не, се клучни алки во политичкиот живот. Да ги укинеме не можеме, но можеме да ги демократизираме. Нема демократско општество ако нема внатрешна демократија во партиите. Затоа што не можете да очекувате партија која нема внатрешна демократија да практикува демократија од позиција на власт. Тоа е како да очекувате некој родител со конзервативни сфаќања, да го воспитува своето дете на либерален начин. Моделите со отворените листи ја нудат таа можност за внатрешна демократизација и разбивање на султан-партии. Како функионира овој модел. Да ги земеме за пример локалните избори. За избор на советници, секоја партија/коалиција номинира своја листа на кандидати. Кога граѓанинот гласа за предложената листа за советници тој гласа за редоследот кој е предложен од самата партија/коалиција, без можност да интервенира во неа. Моделот на отворени листи го нуди токму тоа. Така, пред кандидатот за советник под реден број 15 гласачот пишува 1 со што го означува како свој прв избор. Пред кандидатот со реден број 2, гласачот пишува 8 со што го става подолу на листата итн, итн. Значи граѓаниот најпрвин ја заокружува партијата/коалицијата за која гласа и потоа самиот ја уредува таа предложената листа. Да бидеме искрени, не секогаш најдоброто од партиите се наоѓа во првите редови на било кои листи, советнички или пратенички. На овој начин се зголемува внатрепартиската конкуренција, а во исто време слабнее улогата на претседателот на партијата затоа што наместо тој, граѓаните одлучуваат за редоследот на самата листа. Ваквите внатрепартиски процеси неминовно водат до демократизација на партиите и нивно етаблирање како храмови на демократија а не нејзини силувачи. А како велат, силувана демократија трудни граѓани.
Велат и најдолгиот пат започнува со првиот чекор. Секако дека ќе ни бидат потребни еден куп механизми со кои се ограничува и контролира власта, но сите тие измени ќе бидат залудни ако ние како граѓани сме само пасивни набјудувачи на политичките процеси. Само активни и добро информирани граѓани се гарант за слобода и демократија. Измените во изборниот модел ќе бидат првиот чекор кон таков тип на граѓани.
Филип Јаневиќ Филип Јаневиќ, портпарол на ЛДП Куманово
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*