×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Куманово е во длабока криза од која нема излез

    Виктор Божиновски

    Изминатите десетина дена, за жал, на сите кумановци им стана јасно каде со наоѓа Куманово во моментот преку извештаите за работата на сите јавни претпријатија, кои се најдоа на усвојување пред Советот на Општина Куманово. Фактот за тоа што го покажуваат извештаите за работата на јавните претпријатија укажува на алармантна ситуација во општината, уште повеќе што мнозинството во Советот на Општината ги изгласа самите извештаи без никаква посериозна расправа, барем советниците од ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ да “одглумеа“ некаква загриженост за причините кои доведуваат до ваква ситуација во извршувањето на комуналните дејности во градот, и да покажаа било каков интерес да се најде начин за санирање на ужасната ситуација. Овој факт за незаинтересираноста на советниците од мнозинството, како и фактот што самиот Градоначалник на Куманово воопшто не најде за потребно да присуствува на самата седница и да даде свој предлог за решавање на проблемите укажуваат на две работи. Прво, партиите кои го сочинуваат мнозинството веќе на големо се подготвуваат за новите локални избори кои ќе се одржат наесен и второ, Градоначалникот и општинската администрација, веројатно се свесни за нивниот рејтинг меѓу граѓаните на Куманово, па одамна “дигнале“ раце од решавањето на проблемите во клучните комунални дејности во градот.

    А, за каква состојба всушност се работи?

    Самите извештаи, иако не ја прикажуваат ужасната ситуација во целост, самите по себе укажуваат на обемноста на проблемите со кои се соочуваат јавните претпријатија. Имено, сите до едно, јавните претпријатија се во “длабоки минуси“. „Водовод“ 363.000 евра, „Чистота и зеленило“ 340.000 евра, „Пазариште“ 173.000 евра, „Куманово-паркинг“ 90.000 евра, „Куманово-гас“ 90.000 евра. Тоа значи дека сите јавни претпријатија во Куманово имаат минус од над 1 МИЛИОН ЕВРА. Ова кај секој човек кој е избран или именуван на функција од која треба да ги решава проблемите на жителите на Куманово би го “запалило“ сигналот за аларм. Меѓутоа, тоа за жал не се случува. Ниту Градоначалникот ниту мнозинството во Советот на Општината воопшто не даваат предлози како да се надмине ваквата ситуација, напротив, без дискусија од нивна страна сите овие извештаи се усвојуваат без никаков проблем и без никаков план како општината, како основач на јавните претпријатија, ќе најде излез од ваквата ситуација. Образложенијата на јавните претпријатија за ваквата состојба, пак, се повеќе од смешни.

    Прво, сите јавни претпријатија без исклучок, како прва причина за лошата состојба го наведуваат зголемувањето на платите. Јасно е дека како Општината така и менаџерите во јавните претпријатија дека го познаваат Законот за плати и Колективните договори помеѓу синдикатите и работодавачите, па оттука можеле и морале да предвидат дека трошоците по основ на зголемени плати ќе се зголемуваат, па морале да превземат мерки како да се амортизира ваквата состојба, за да нема оволкаво негативно влијание врз финансиската состојба на претпријатијата. Впрочем, јас ниту го видов Градоначалникот ниту менаџерите на јавните претпријатија да се побунат кога се зголемуваат и нивните плати, ниту видов некој да се откаже од вишокот на средства кои ги прима како зголемена плата. А, ги критикуваа пратениците кога Уставниот суд донесе одлука за укинување на одредби од Законот за плати на избрани и именувани функционери, кое предизвика зголемување на платите на сите нив за 78%.

    Второ, скоро сите јавни претпријатија функционираат по принципот на т.н. “рамка“, односно на нужни средства за функционирање на едно јавно претпријатие на месечна основа која рамка се утврдува од страна на Судот врз основа на изготвено економско вештачење од страна на лиценцирано вешто лице од областа на економијата и финансиите. Оттука, се поставува прашањето како е можно стручно лице да предвидело колку е потребно на јавното претпријатие да нормално функционира на месечна основа, Судот да го прифати таквото вештачење а јавните претпријатија да одат во уште поголем минус??! Зошто менаџерите кога увиделе дека доделените средства не се доволни за нормално функционирање веднаш не побарале нова рамка за да не се создаваат уште поголеми загуби??! На крајот, зошто Градоначалникот и мнозинство во Советот не дадат на јавните претпријатија дополнителни средства за надминување на катастрофалната ситуација што преку нови дополнителни програми, што преку зголемувањето на основната главнина на самите претпријатија, туку средствата на сите граѓани ги трошат на поставување на пример на бекатон во некои ридови во некои сокачиња кои завршуваат во приватни ниви, во кои сокачиња живеат по 20-30 жители наместо средствата да се потрошат за подобрување на состојбата на претпријатијата кои опслужуваат град од 100.000 жители??!

    Внимателно ги слушав и менаџерите или менаџерските тимови на јавните претпријатија со нивните образложенија и видувања за решавање на проблемите, па морам да кажам нешто и за нивните заклучоци.

    „Водовод“ на пример, точно е дека имаше огромни загуби поради заматувањето на водата од браната “Глажња“ односно “Липково“ како граѓаните подобро ја знаат, и дека тоа имало сигурно влијание врз финансискиот извештај. Меѓутоа, се поставуваат дополнителни прашања. Тоа заматување траеше само одреден краток период, па освен зголемените плати не може да биде единствена причина за лошата состојба. Зошто не се бара од Општината да субвенционира дел од средствата за електрична енергија чија цена е зголемена? Зошто не се бара од Министерството за заштита на животна средина субвенционирање на трошоците за работата на Пречистителната станица кога тој проект е од национално значење, а на Водовод и на Општина Куманово реално не им значи ништо? Зошто не се изврши рационализација на вработувањата во административниот дел кој во делот на платите претставува најголем проблем на претпријатието? Зошто никако да почне да се решава проблемот со атмосферската канализација, за Куманово да не биде поплавено секогаш кога ќе падне посилен дожд повеќе од 10 минути? И безброј други прашања на кои никој не дава одговор! А цената на водата се зголеми, а со тоа и приходите на претпријатието!

    „Чистота и зеленило“ е посебна приказна. Покрај ужасните резултати од тековното работење и преполните контејнери на местата во кои не се собира сметот секојдневно, се поставува прашањето како претпријатието ќе ги врати долговите спрема сопствените вработени кои се бројат во милиони денари, а кои произлегуваат од неисплатените додатоци за плати за прекувремена, ноќна, работа во празници и други додатоци, а постоењето на овие долгови е утврдено со правосилни и извршни судски пресуди? Образложенијата во стилот “гајле ми е, постои рамка и немам обврска да исплаќам“ не се само смешни, туку се и жални зашто незадоволството и бесот на вработените еден ден може да “експлодира“ и да има влијание врз цело Куманово. Каде се средствата за одржување на возилата, за горивото, зошто не се покачат средствата кои општината ги дава на јавното претпријатие врз основа на програмите кои ги има изгласано Советот на Општината? Зошто услугата на претпријатието не е подобрена кога веќе користи милиони денари наши пари трансферирани преку Буџетот на Општината? А и овде, цената на собирањето на смет се покачи!

    „Пазариште“ е посебна приказна. Имам чувство дека таму појма немаат накај тераат. “Немало средства за плати зашто производителите не изнај изнајмувале тезги“??! Па зошто е тука менаџментот? Зошто се дозволува да не се изнајмуваат тезги, а да се продава надвор од пазарот, на тротоар, без никој ништо да не плаќа? Нели порано не ви чинеше централната власт на СДСМ зашто не сакале да работат. Еве сега на власт се ВМРО- ДПМНЕ, ЗНАМ и ВРЕДИ. Каде е СВР Куманово? Каде е Пазарната инспекција? Како е можно во објект на „Пазариште“ да има диво вселени продавачи??? И после “Цацко ви е крив“!

    „Куманово-паркинг“ имало загуба зашто имало трошоци за одржување на затворениот базен! ОК! Зошто сите спортски објекти кои ги стопанисува ова претпријатие не бидат пренесени во ново претпријатие кое ќе се формира и занимава исклучиво со оваа дејност, со стопанисување со спортски објекти и кое ќе се финансира дел од клубовите и граѓаните кои ги користат ваквите објекти, ама на реална економска основа, а дел од субвенционирање преку Буџетот на Општината. Тогаш ниту „Куманово-паркинг“, ниту новото претпријатие ќе немаат загуба. Ова е најлесно да се реши, ама повторно Општината ќе треба да се откаже од луксузирање со правење на 20 кружни токови по градот, а хаосот во сообраќајот е се поголем!

    „Куманово-гас“ реално и не може повеќе од ова, ако државата и Општината не вложат средства за изградба на подолга дистрибутивна мрежа, претпријатието да го зголеми бројот на корисниците, и да дојде до некоја оптимална економска основа самото да функцинира. Во спротовно подобро нема никогаш ни да биде.

    Гледајќи ги овие поразителни резултати, на памет ми доаѓа само една работа, односно еден добронамерен совет: Јавните претпријатија, особено оние чии услуги ги користат скоро сите жители на Куманово мора да се доведат во ред. Како? Така што Градоначалникот и советниците од мнозинството во Советот ќе ги “извадат своите глави од песокот“, ќе ги согледаат овие ужасни бројки, ќе престанат да се луксузираат со викенд-прошетки до Босна и Херцеговина во групировки, и ќе се откажат од непотребните проекти од кои имаат корист само тие и мал број на граѓани, а своите напори ќе ги насочат кон доброто на сите кумановци... зашто Вие си знаете, ама избори се ближат...

     

    Виктор Божиновски адвокат

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*