На 4-ти мај се навршија 113 години од загинувањето на Гоце Делчев, апостолот на македонското револуционерно движење. Размислувајќи за неговиот живот и дело се присетив на неговите зборови:
„Јас не познавам друг народ кој повеќе страдал од предавствата на своите синови - изроди како македонскиот. Историјата не памети друг таков пример кога еден ист народ по традиција, јазик и вера се разделува на разни спротивни страни, една од друга по туѓа...“
Колку е само ова вистина... Не можам да разберам, зарем по толку години една ваква мисла да не изгуби од актуелноста. Зошто не успеавме како народ да изградиме национално единство по одредени клучни национални прашања? Сепак, овие размислувања ќе ги оставам за друга прилика.
Во изминативе години се изнагледавме и изнаслушавме се и сешто. Од разноразни протести, прислушкувани разговори, напади на полиција, обиди за насилно уривање на уставен поредок и што уште не? И сето тоа се вклопува во зборовите на великанот. Зборови кажани пред повеќе од сто години, кои како да ја опишуваат сегашната состојба во државата.
Периодов актуелна е „шарената револуција“. Но, за мој вкус веќе досадна, префорсирана и бесцелна... А, да не зборувам и за предизвиканата материјална штета. Каква таква, има обиди оваа револуција да биде имитирана и во нашиот град. Свесно пишувам „обиди“ и „имитирана“, затоа што „шарената револуција“ е успешна во Куманово, колку што е успешна работата на градоначалникот и локална администрација. Успехот во политиката, па и воопшто, е плод на макотрпна работа, посветеност, секојдневно само-надградување, учење од своите грешки и нивно исправање. Успехот не се постигнува со манипулации, монтажи, измислени клевети и лаги... Куманово е само еден аргумент повеќе зошто СДСМ не може да победи на избори!
Сепак, постои и една позитивна работа за граѓаните од оваа револуција во нашиот град. Секој кој не може да заврши одредена работа во општината, или од разно разни причини не може да дојде до локалните „чауши“, ете му шанса! Нека се приклучи на колоната шетачи кои се нарекуваат „шарени револуционери“ и таму ќе ги најде сите, од портирот до градоначалникот. Друго фајде од шетањето на општинарите, наставниците и професорите од училиштата и вработените во локалните јавни претпријатија, под превезот на „шарената револуција“, и нема!
А и како може да има фајде од ваква локална администрација, која по толку години власт успеа Куманово да го доведе до ова дереџе. Наместо да се шета на чело на колоната, поарно би било градоначалникот да си ги реализира ветувањата дадени на избори. Јас, а верувам и граѓаните, прашуваме:
- Каде е ветената 40 000 метри гасоводна мрежа? Освен уште еден загубар и трошач на средства од општинскиот буџет, друг напредок во гасификацијата на Куманово нема.
- Каде се ветените 11 мини прочистителни станици и канализациска мрежа од 73км за жителите на населените места: Сопот, Табановце, Четирце, Љубодраг, Ново Село, Умин Дол, Романовце, Брзак, Агино Село, Пчиња, Студена Бара, Вак’в, Скачковце, Орашац, Клечовце и Черкезе.
- Каде е ветената горилница за отпад?
- Каде се новите детски градинки во населбите „Карпош“, „Перо Чичо“ и „Тоде Мендол“?
- Каде е современата урбанизирана технолошко-индустриска развојна зона во атарот на село Речица?
Верувам дека од локалната администрација, на чело со градоначалникот, не ги заборавиле овие ветувања дадени пред граѓаните. А и да ги заборавиле, јас ќе ги потсетувам во секоја можна прилика. И затоа, можеби и ќе се приклучам на колоната шетачи, но за да ги потсетувам на овие нивни ветувања.
Бране Петрушевски член на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ-Куманово
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*