Постојат моменти во животот за кои, секој човек живее, твори, работи, создава, се труди, за да тие среќни и весели денови бидат онака како тој самиот си замислувал и сонувал. Резултат на нашите сонови, за убави и весели моменти се: свадба на нашите деца и нивната венчавка. Две убави и весели случки кои што се помнат цел живот и за кои се зборува со генерации. Тоа се настани за кои секој родител тежнее да поминат како што треба и без проблеми. Но толку сонуваната и посакуваната церемонија на венчавање, како основа за веселбата (свадбата) не води кон толкаво разочарување, што нашиот сон станува хорор по кој се памети и зборува. Уште во самиот почеток на веселбата најблиските, со накитени и украсени автомобили се соочуваат со проблем: КАДЕ ДА СЕ ПАРКИРААТ?! Единствен простор за паркинг на автомобилите е просторот позади Основниот суд, а тој простор дупка до дупка, кал, земја, неасфалтиран простор и неозначени паркинг места. Замислете – чевли од природна и лакирана кожа со високи потпетици и природен кожен ѓон како се однесуваат на сето оваа… Поканетите гости и сватовите на својата скапа тоалета додаваат декоративни елементи како земја на потпетиците, точки од кал на чорапите и замачкани панталони од блато. Но тие не се толку важни, ќе се „забришат”, најважни се младите кои чекорат цврсто по раскопаната и исполнета со дупки уличка пред самата зграда на Општина Куманово во која се наоѓа салата за венчавање. Разиграни, среќни, весели влегуваат во општинската зграда во хол и прво на што наидуваат – темница, прегорени и несменети сијалици. Моја препорака е ако планирате да се венчавате нека биде закажано до 16 часот, додека има дневна светлина или венчавка само во лето, денот трае подолго па се гледа... Во темниот ходник и хол постојано се слушаат гласови „пази скала“, „ме згазна“, „внимавај“, „оди право“ и така натаму. Ако не слушнете можете наместо на свадба да заминете, да завршите на ренген, во болница и да заработите некоја скршеница и гипс. За среќа се помина како што треба, македонскиот човек се снаоѓа. Конечно се најдовме и во посакуваната сала за венчавање на Оштина Куманово. Сала „БОЛИ ГЛАВА“ – просторија со доминантни уметнички слики по ѕидовите – слики од ликовни колонии „Пелинце“ или „Карпино“. Секоја слика има своја вредност но нивната убавина не може да се види бидејќи тие немаат улога на разубавување на просторијата, туку тие се закачени за да покријат ѕид кој што не е бојадисан. Ако загледаме подобро, ќе видиме и мрежа од пајаци на самите уметнички дела. Самата просторија е осветлена со неколку сијалици иако самите светилки имаат голем број на светлосни лампиони но во ред нешто свети. Тие малку светлечки лампиони што работат даваат амбиент на „СФУМАТО“ замагленост бидејќи се гледа дека стаклените лампиони никогаш не се исчистени и избришани. Од две страни на салата има прозорци за кои не сакам да коментирам измијте ги и избришете ги ... Голема среќа е што не се пуши, законот за забранено пушење во јавни простории, па платната што висат покрај прозорците се полни со прашина и мирисаат на неа , а замислете со дим од цигари, баш би било „Калаб’лк“. Има поставено нова клима ама таа ниту работи ниту е во функција, а просторијата се загрева со термо-печка (грејно тело од минатиот век) цела излупена, едно лошо ругло ,кое баш си се вклопува во ентериерот на салата за венчавање. Од лева страна на „Биро за канделарија“ каде што седат службеното лице и матичар се наоѓа радио-касетофон, а од десна страна,закачалка како од партизанските филмови, а сето оваа личи на филм од „СРЕЌНА НОВА 49 “ некое време што поминало ама изгледа незаборавно за луѓето кои што работат во оваа зграда... ЛОКАЛНАТА ВЛАСТ.
Централно место во самата просторија е мебелот (гарнитура) за седење на младите, двата сведока и родителите. Гарнитура од време на барокот или рококо, ха ха ха ха мебел излижан, излитен, испоцепан, обелен што се наоѓа на основа – црно, излупено,неофарбано нестабилно. Гарнитура што само да ја гледаш, ако е за гледање, никако да не ја користиш, односно да седнеш, зошто можеш да паднеш бидејќи и тоа се има случено, прв сведок КУМ паднат од столица. Ако не паднеш од гарнитура за седење внимавај како чекориш, бидејќи можеш да се лизнеш и да летнеш од излупениот и ефтин ламинат што е ставен на подот, а чисто за информација и старосватица се има лизнато и паднато. Венчавка од соништата е оваа.
Дали Општината Куманово со најголем буџет во Република Македонија не може да реновира и пристојно да среди една просторија од нешто повеќе од 50 квадрати простор? Каде се градските власти, каде е општинската администрација, каде е градоначалникот на Општина Куманово? Дали тие имаат влезено и дали ја виделе салата за венчавки како изгледа или нив не ги интересира културата на живеење во нашата општина. Локалната власт има само еден одговор на сите овие прашања – општината нема пари. Точно, нема пари, а има пари за нови вработувања на партиски активисти, сигурно, нововработените граѓани ќе се ангажираат за обновување и средување на салата за венчавање. Верувам дека и тие и сите примени и оние кои допрва ќе бидат примени, ама гајле си немаат ниту за салата ниту за уредување и реновирање на неа, нормално не ги интересира. Затоа граѓаните ќе ве казнат, локални избори се за година дена, народот гледа и помни, тие – граѓаните не забораваат, тие се свесни и знаат на кого да го дадат својот глас, знаат да го наградат, секако оној кој што работи и има резултати!
Граѓани на Куманово венчавајте се ама отворете очи, место да уживате вие ВНИМАВАЈТЕ!
Со среќа да е веселбата.
Валентина Јовановска Советник од ВМРО-ДПМНЕ, Валентина Јовановска
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*