×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Министерство на антиваксери

    Емил Ташевски

    Честопати во нашата мала државичка можете да чуете на вести и по порталите како сé е розово и како тече мед и млеко, а кога ќе излезете надвор во реалниот свет наидувате на секакви проблеми и животот едноставно не функционира нормално колку и вие да го сакате тоа. Често како тинејџер, па и малку покасно се бунтував против оние, кои остатокот од животот го гледаа во некоја западна држава и имав некаква верба дека со некои добри примања и овде можеш да имаш нормален живот. Подоцна сфатив дека нормален живот не се само добри примања, туку нормално функционирање на системот во државата, кој кај нас од година во година е се понефункционален.

    Можеби немаше да го пишувам овој текст ако примерот на нефункционалноста не ме изиритира до моментот кога по трет пат односно трет месец по ред моето дете не може да прими редовна вакцина, бидејќи ја нема во државата, а 
    Mинстерството за здравство дава изјава дека детската имунизација тече без проблеми. Многумина од нас знаат дека здравјето и имунитетот на секое дете зависи од неговата редовна и навремена имунизација. Иако календарот за имунизација со години бил менуван и биле додавани нови вакцини сепак оние основните останале со години.

     

    Епа господо од Mинистерство за здравство имам за вас неколку прашања:

    1. Каде тоа детската имунизација тече без проблеми?

    2. Каде може да се најде поливалентна вакцина и зошто во Куманово ја нема?

    3. Каква порака им праќате со ова на идните родители кои сакаат семејство да го оформуваат кај нас во државата?

    4. И за крај сакам онака со иронична насмевка да ве прашам, зошто плаќаме здравствено осигурување?

    Имам чувство дека живееме во некои паралелни светови. Имате прекрасен персонал кој не знае веќе што да ни каже на нас загрижените родители. Им цртате мета на чело. Не им давате никаков простор за работа. Вашето дрско однесување се гледа по тоа што не ни давате никаква информација кога може да ја очекуваме самата вакцина и кога ќе изјавите дека се тече во најдобар ред. Барем да ни дадете официјална информација како да си ги заштитиме своите деца.

    Јас не сум медицинско лице, не навлегувам во областа на медицината но како загрижен родител прашувам што може да биде ако цела една генерација од дечиња не прими редовни вакцини и дали може да дојде до поголеми епидемии во детските градинки? Кој тогаш ќе сноси последици? Дали ќе бидеме принудени нашите деца да ги носиме во соседните земји на имунизација како што тоа ние возрасните го направивме во месеците кога овде немаше абер од вакцини за време на ковид пандемија? Самиот систем кој го водите во Mинистерството за здравство се однесува антиваксерски. Давате лажни информации и не правите набавка на вакцини. До кога вака?

    Емил Ташевски Дипломиран инженер по информатика на ФИНКИ

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*