×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • ПА ДОБРО БЕ, ФРАЕРИ БЕЗ ПОКРИЌЕ, НЕЛИ ВИ КАЖА??!

    Виктор Божиновски

          Порано, една од работите кои највеќе ги мразев во животот беше кога со некој пријател, соработник или колега разговарам за некое прашање и никако не можеме да се убедиме и нормално доаѓа до кладба кој е во право. По некое време, кога веќе ќе се утврди дека јас не сум бил во право, моментално, како некоја “вруќа шамарчина“ ги слушам зборовите “нели ти кажа?“.
    Меѓутоа, како времето одминува, се повеќе разбирам дека понекогаш и јас самиот претерувам убедувајќи некого во нешто што не е точно и не е правилно, единствено сакајќи да се убедам и самиот себеси дека сум во право иако не сум... и тогаш онаа “вруќа шамарчина“ ќе ме освести дека не може да се оди со глава низ ѕид.

    Имено, за што се работи?

    На ова исто место, на порталот “Kumanovonews“, на 16.07.2022 година напишав колумна со наслов “За кумановцките работи“, во која тогаш анализирав една недела од политичкиот живот во Куманово со најважните настани кои тогаш се случуваа.
    Во еден дел од таа колумна ја анализирав и седницата на Советот на Општина Куманово која се одржа таа недела, а на која се донесоа некои “чудни“ одлуки па тогаш напишав: “Другарчињата решиле да си играат и право и урбанизам онака “како мали Ѓокица замишља свет“! Донеле одлука ако имаш парцела на која треба да градиш зграда, можеш, ама само на 30% изграденост! ОК, еве да се сложам, место повеќе поевтини станови ќе имаме помалку ептен скапи, ама ете, ќе имало дрва и зеленило. БРАВО! Ама, што викаше еден покоен пратеник од Куманово, “туј има една беља“. Во одлуката напишале дека истата ќе се применува и на оние одлуки кои Советот на Општината веќе еднаш ги донел! Оопппп, кочи мајсторе! Во Уставот на Македонија (и не само во нашиот, во сите устави на светот) постои едно правно начело кое се вика “забрана за ретроактивно дејство на законите, подзаконските акти и други прописи“. Во превод на јазикот на обичниот граѓанин, ова начело значи дека секој закон или одлука како оваа за која зборувам може да има дејство и примена само од денот кога ќе биде донесена па натаму, а не може да се применува на нешто претходно донесено. Ова го измислиле пред 200-300 години за да се создаде правна сигурност дека нема некој да ви зема било какви права кои веќе сте ги стекнале. Ама тоа за овие нашиве не важи, они мислат дека ова е “Не љути се човече“ па кој ќе изгуби нема право да се љути. Да ви кажам нешто... оваа Одлука нема да ви падне на Уставен суд, ќе ви падне на пат до Уставниот суд, некаде кај Романовце отприлика!“.

    Потоа, малку подоцна, по донесување на еден чуден заклучок од страна на Општина Куманово врз основа на наведената одлука, кој по поднесена жалба беше поништен од страна на второстепениот орган, на социјалната мрежа “Facebook“ на ден 03.09.2022 година напишав објава во која јасно и гласно стоеше: “Уште еднаш апелирам до советниците незаконската одлука да ја стават вон сила, а до општинската администрација да не донесува незаконски решенија бидејки опасно се приближува до законската дефиниција на “Злоупотреба на службена положба и овластување и до “Злосторничко здружување“.
    Нормално, веднаш по донесувањето на самата незаконска одлука, беше поднесена Иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на спорната Одлука на советот на Општина Куманово, која на барање на заинтересирани страни, ја поднесов јас заедно со уште еден колега адвокат.
    Знаеме сите дека Уставниот суд подолг период имаше проблем со избор на судии заради опструкциите на опозицијата во Собранието на Македонија, но, како така, се избраа две третини од вкупниот состав на судот за да може да се донесе одлука по иницијативата.
    И, што се случува? Овој вторник, на 20.12.2022 година стигнува соопштение од Уставниот суд на Македонија во кое се вели: “Уставниот суд денеска ја одржа 41. седница со дневен ред на којшто беа закажани осум иницијативи за оценување на уставност и законитост и едно барање за слободи и права. Меѓу предметите за којшто се одлучуваше е и предметот во којшто е оспорена Одлука на општина Куманово со којашто се овозможува да се градат станбени згради надвор од централното градско подрачје, односно: „Одлука за спроведување и планирање на површини на градење со намена А2 на парцели лоцирани вон централното градско подрачје во граница на градежен реон на Куманово, број 09-5643/4” од 12 јули 2022 година.  За овој предмет Уставниот суд на денешната седница одлучи да поведе постапка со што изрази сомнеж во уставноста и законитоста на Одлуката донесена од Советот на општина Куманово. Имено, Уставниот суд оцени дека со Одлуката директно се влијае на веќе започнатите постапки за добивање на одобрение за градење и се наметнува обврска на граѓаните кои имаат започнати постапки, а не добиле потврда за заверка на проектната документација, повторно од почеток да ја почнат постапката. Уставниот суд смета дека ова води кон правна несигурност, а граѓаните се соочуваат со тешко отстранливи последици. Поради ова Уставниот суд одлучи да го запре извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземаат врз основа на оспорената Одлука.“

    За да можат обичните граѓани да разберат за што се работи, еве просто да објаснам: Уставниот суд не само што повел постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за Советот на Општина Куманово (за која уште во јули тврдев дека ќе падне “некаде кај Романовце“) затоа што изразил сомнеж во нејзината уставност и законитост, туку донел и времена мерка со која се запира извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземаат врз основа на оспорената одлука.

    Уште попросто, сите оние кои почнале да работат врз основа на веќе издадени дозволи можат да продолжат со работа, додека оние кои поднеле целокупна документација пред донесувањето на оваа срамна одлука, МОРА ДА ДОБИЈАТ ОДОБРЕНИЕ ЗА ГРАДЕЊЕ затоа што се суспендирани сите акти и дејствија кои се донесени врз основа на таа одлука после нејзиното донесување. И ТУКА НЕМА КОМПРОМИС, тука нема простор за никакво толкување, едноставно ЗАПРЕНО Е ИЗВРШУВАЊЕТО на се што е донесено како акт од страна на Општината врз основа на одлуката по нејзиното донесување.

    И... што с‘га не ви е јасно? Нели ви кажа дека не може да си правите како ви сакате него како пишуе у Устав и у закони? Стварно сте “фраери без покриќе“! Е, арно ама, има још една беља. Во Кривичниот законик има една законска одредба со наслов “Неизвршување на судска одлука“, содржан во членот 377 став 3 од Кривичниот законик а кој вели: “Службено или одговорно лице кое ќе одбие да изврши одлука на Уставниот суд на Република Македонија што е должно да ја изврши ќе се казни со затвор од една до пет години“.
    Со оглед на фактот што самата времена мерка е одлука на Уставниот суд која мора да се изврши, е сега, драги мои службени и одговорни лица – памет у глава.

    П.С. И само уште нешто до “главниот фраер без покриќе“... дај намали малко сас тија тужбе, кривични пријаве и остали бабини деветине, никога не плашиш а испадаш како обичан плачко!

    Виктор Божиновски адвокат

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*