×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Пештера – Сенка – Македонија

    Емил Ташевски

    А на крајот на тунелот – пештера, СВЕТЛО. Ах, таа обожаванa светлина. Да можеме само да стасаме до неа. Да можеме да ја фатиме и да ја приграбиме само за себе.

    Талкаме во ноќта. Се судираме меѓусебно, затоа што мораме да гледаме само во сенките. Да гледаме во истата претстава. Се судираме со ѕидовите, затоа што тие се поместуваат и ни го стеснуваат просторот. Се судираме и со мислите, затоа што се враќаат повторно во нашите глави. Како бумеранг.

    ВОСТАНИЕ!

    Еден ден или ноќ, толку неважно за жителите на тунелот-пештера, се кренало Востание. На еден мал дел од жителите им станало тесно и загушливо. Сакале веднаш да тргнат и да стасаат до светлината. Немале веќе трпение. Се јавиле и првите доброволци, кои им ветиле дека ќе ги поведат кон светлината.

    По доста трагање го насетиле излезот од темнината. Првите во колоната, доброволци-предводници паднале пред тунелот-пештера заслепени од силната светлина. Почнале да плачат. Се држале за очите и врескале. Еден дел од жителите морале да ги вратат во тунелот-пештера и да останат заедно со нив, затоа што не го знаеле патот за назад. Или напред?

    Откако по неколку часа, малку од малку се освестиле и прибрале, почнале на другите да им кажуваат што виделе. За светлоста која убива. За болката која ја нанесува. За страдањето кое го предизвикува.

    „Браќа и сестри, немојте да се обидувате да излезете. Овде е убавината на живот. По цел ден можеме да ги гледаме нашите таинствени сенки и да погодуваме која повторно ќе помине. Доколку погодиме, ќе добиеме почест од останатите. Па, нели е тоа сон на секој од нас? Нели е тоа среќата и успехот? Немојте како нас да погледнете во светлината и да ослепите. Немојте да останете без подарокот да погодувате и да го толкувате редоследот на сенките? Тажен ќе биде нашиот живот. Тажен, бидејќи никогаш повторно нема да ја видиме темнината. Тажен, бидејќи заслепени од светлоста ќе останавме засекогаш ускратени да ја видиме убавината на овој мрачен тунел-пештера. Останете тука, бидејќи темнината овде најубаво сјае. Послушајте нè и не се секирајте. Кога ќе дојде време заедно ќе појдеме на патот кон светлината. Дотогаш, мораме внимателно да вежбаме и да толкуваме исти сенки.“

    О(П)СТАНОК

    Жителите на тунелот-пештера се уплашиле од приказната. Се уплашиле од болката и страдањето кои ги нанесува светлоста. Се уплашиле од зборовите на оние кои пред нив тргнале на патот кон светлината. Размислувале и сфатиле дека најмалку болно е да останат тука каде што се. Да молчат. Да бројат. Да го толкуваат веќе протолкуваното. Да гледаат во ѕидовите. Да слушаат исти гласови. Да се одушевуваат на истата претстава секој ден.

    Оние пак, кои не се вратија во темнината, веќе закорачиле неколку крупни чекори напред во светлината. Еден од нив се издвоил и побегнал. Бегајќи од нив, онака заслепен, извикал: „Не ми требате. Можам сам да променам сè. Можам сам да ја носам светлината каде што ќе посакам. Не сакам веќе да слушам како ми паметувате. Јас сè знам и точно знам што треба да направам. Сам ќе го променам светот. А виеееееее…“
    … Само ехо! Кажуваат дека веќе никој и никаде го нема видено.

    Останатите долго време се држеле за очите. Заслепени од светлината. Заслепени од слободата. Знале дека тунелот-пештера е позади нив. Веќе нема враќање во темнината. Се договориле да ја издржат светлината. Се држале за рацете и гледале заедно кон сонцето. Им течеле солзи. Ги болело. Врескале од болка, но никако не им паѓало на памет да се откажат. Свесни дека можат да ослепат: „Не се вртете назад! Гледајте само во светлината. Гледајте во сонцето. Можеби и ќе ослепиме, но што е тоа во однос на заробенички живот? Гледајте и радувајте се. Тунелот-пештера е нашето минато. Само заедно можеме да го запалиме светлото за сите. Само заедно можеме да ги урнеме ѕидовите. Само заедно можеме да докажеме дека жителите на тунелот-пештера се во заблуда. Да докажеме дека тие сенки не се вистинити и дека не зборуваат. Измислени се само жителите да ги даваат своите гласови. Тие се дел од една измислена претстава.“

    СТРАВ ОД СЛОБОДА

    Очите веќе почнале да се навикнуваат на светлост. На слободата. Почнале повторно да плачат, но овој пат од радост. Убавината која ја виделе, им изнудила насмевки. Се смееле, бидејќи осознале дека умеат да се смеат!

    „Мораме да бидеме мудри и да го осмислиме враќањето. Како на жителите на тунелот-пештера да им го објасниме сето ова. Ќе нè убијат. Нема да ни поверуваат. Затоа што не веруваат во светлоста. Затоа што мислат дека ропството е слободата. Затоа што мислат дека сенките се најголемата убавина која можат да ја видат. Затоа што мислат дека претставата внатре им е сè! Мораме заедно да се вратиме во тунелот-пештера за да ги убедиме. Мораме да се подготвиме за најлошото. Не смееме да чекаме веќе. Времето е важно. Наша задача е да ги разбиеме заблудата и илузијата за сенките. За темнината. За лажната претстава. Можеби од носачот на сенките да ги земеме предметите што ги носи и да направиме различна претстава? Да видат дека постои нешто различно, а не само тоа што тие го знаат. Но, сепак, најпрвин ќе треба да го придобиеме големиот дел од населението на наша страна, бидејќи не можеме сами. Носачите на сенките се уиграни и вешти. Секој чекор им е осмислен. Не смееме да дозволиме да нè прогласат за трујачи на жителите и да нè осудат на смрт. Не смееме да им паднеме во раце. Сигурно сме попаметни и мудри. Затоа што први го издржавме најтешкиот налет на светлоста. Затоа што мораме и сакаме. Затоа што сфативме дека темнината и синџирите не се слобода. Нема веќе чекање. Одиме…“

    Ах, тој ПЛАТОН. Во четврти век. И тоа пред новата ера. И нему сешто му паѓало на памет. Што ќе биде ако биде? Знаеме сите дека неговиот учител Сократ бил осуден на смртна казна под обвинение дека ја уништувал младината. Затоа што на боговите им ја негирал моќта…

    Ах, таа пештера и сенка… И претстава…

    И неговата мисла…

    „…КАКО ЕДНА ОД КАЗНИТЕ ЗА НЕУЧЕСТВО ВО ПОЛИТИКАТА Е ТОА ШТО СЕКОГАШ СО ВАС ЌЕ ВЛАДЕАТ НЕДОСТОЈНИТЕ“

    Емил Ташевски Дипломиран инженер по информатика на ФИНКИ

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*