„Внатрешната Македонска Револуционерна Организација - ВМРО - е главниот фактор во борбата за македонската независност. Оти, додека сите правно - политички активности се спроведуваат надвор од Македонија, ВМРО, како што кажува првиот збор од името, постои на почвата на Македонија. ВМРО беше основана заради единствена и директна цел - да ја ослободи Македонија и да ја осамостои во независна држава, но во текот на минатите петнаесет години, освен оваа отсекогаш присутна цел, таа ја имаше и понепосредната и неодолива мисија да го спасува самиот поим за постоење на Македонија. Оти таквиот поим забрзано исчезнуваше; Македонија стана чиста историска концепција, нешто кое постоело како држава пред повеќе од две илјади години, како Кападокија или Мизија. Тоа што таа не стана таква се должи главно на ВМРО-вското одбивање да умре.“
Ова е извадок од книгата „Херои и убијци“, напишана од Стојан Христов во почетокот на 30-тите години од минатиот век. Накратко, за пошироката јавност, кој е Стојан Христов?
Стојан Христов е роден во селото Кономлади, Костурско, Егејска Македонија на 18 август 1898 година. На својата четиринаесет - годишна возраст тој заминува за САД на печалба поради тешката политичко - економска ситуација во Македонија, една година пред Првата балканска војна. Во САД бил физички работник во ложилница на Сент Луис, а потоа и работел на изградбата на железничката линија Монтана - Вајоминг. Во периодот од 1918 до 1922 година тој успеал да ги заврши своите студии на универзитет во Индијана. Своите студии ги завршил со прекини поради тешката материјална положба и услови на живеење. Потоа му се посветува на новинарството и бил дел од редакциите на повеќе весници во Чикаго. Тогаш почнува и со пишување на раскази и романи. Се зборува дека неговиот роман „Ова е мојата татковина“, бил едно од омилените четива на претседателот Франклин Рузвелт. Во 1944 година се преселил во државата Вермонт и таму бил сенатор 13 години. По војната дошол во Македонија каде бил пречекан како голем писател. Бил избран за член на МАНУ и на Друштвото на писателите на Македонија. Во 1985 повторно дошол во Македонија, кога му била доделена титулата „Почесен доктор по филолошки науки“ на универзитетот во Скопје. Доживува длабока старост, а умрел на 98 години, во 1996 година во Вермонт.
Да се вратам на текстот со кој ја започнав оваа колумна. Иако пишуван во 30-тите години на минатиот век, сепак во неговата суштина не загубил од актуелноста сè до денес. Во овој краток извадок се согледува во целост македонската мисија низ децениите да им пркоси на планот на големите сили – Македонија да исчезне. Саможртвата на големите наши, македонски херои, кои во себе ја носеле идејата на историското ВМРО, од неговото основање, преку поделбата на Македонија, потоа преку репресиите во комунистичкиот режим, па се до ден денешен, не дозволи Македонија да умре. Затоа треба секој да разбере дека 23 октомври 1983 година е темелот на македонската борба за независност. Оти да не беше 23 Октомври, немаше да постои 2 Август, ниту 11 Октомври, ниту 8 Септември. Големината на денот на основањето на ВМРО се согледува од неколку аспекти, но за мене најважно е обединувањето. Ден кога во 1893 различни идеи, мисли и авторитети се обединуваат околу една, заедничка и поголема од сè идеја - идејата за слободна и независна Македонија, изразена во една единствена организација на револуционерно дејствување. И таа независна и самостојна Македонија опстанала и опстојува до ден денешен! И затоа знам, дека денес сите обиди за разнебитување на таа Македонија, за кои сме сведоци со најголема жестина во последниве две години, нема да успеат!
Во тие последни две години се изнагледавме на сè: уништување и газење врз нашата држава, нашите институции, нашата култура, нашата традиција... разноразни сценарија, анархистичко однесување и хаос. И за жал, тоа ќе го трпиме уште, сè до 11 декември. Сето тоа немаше да се случи доколку ВМРО-ДПМНЕ имаше 63 пратеници. Затоа како Македонци носиме историска одговорност да не дозволиме да успее уништувањето на нашиот уставен поредок, а со тоа и нашиот идентитет како Македонци. Да се сплотиме сите и на 11 декември да овозможиме победа на единствената политичка партија која ги штити македонските национални интереси, да овозможиме победа на ВМРО-ДПМНЕ која ќе биде изразена со најмалку 63 пратеници.
Додека постои ВМРО ќе постои Македонија! Додека постои Македонија ќе постои ВМРО!
Нека е вечен 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба!
Бране Петрушевски член на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ-Куманово
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*