Еден од најгледаните македонски филмови несомнено е Тетовирање. Има една сцена на почетокот на филмот каде еден човек автостопира, меѓутоа застанува полициска "марица" и го собира. Наеднаш се наоѓа во марица полна со затвореници каде што гласно негодува на што легендарниот Колозов меѓудругото му одговара "Еми кој ти е крив што стопираш баш денеска, вторник е ееј", на што овој ја изговара познатата "Ај ноона, што сум кревал рака бе". Верувам дека последната реченица, се разбира во поинаков контекст и видоизменета форма, си ја поставуват првите луѓе во владата кои се нафатија на ваков начин да експериментираат со образовнието во Македонија. Можеби и самиот премиер, којзнае? Што и требаше на Владата ваквата авантура со измените во законот за високото образование, авантура која денеска скапо ја чини. Покрај бомбите каде се открива концептот "Нема држава, има само партија" фалат уште студентски движења од вакви огромни размери. Во тој контект би сакал да се здржам на студентското движење како такво и неговите специфичности.
Дечките одлично си ја тераат својата работа и тоа може да се види низ неколку клучни делови. Како прво го отфрлија државниот испит и пакетот "реформи" во целост. Значи нема преговарање околу некаков модус, некакво заедничко решение, одложување на примената на законот и сл. НЕ и точка. Тие многу добро ја сфатија поентата дека ако ве носат на бесилка безсмислено е да преговарате со оној кој има намера да ве обеси, околу дебелината на јамката што е на вашиот врат. Дали таа да биде 3 или 5 сантиметри дебела, или дали јажето на кое треба да висите е изработено од природни влакна или не? Ако сакате да останете живи јамката треба во целост да ја тргнете од вашиот врат, тоа е единствениот можен излез. Токму заради тоа е битно што студентите "реформите" ги отфрлаaт ан блок, во целост без никаква намера да се впуштаат во нивните техникалии. Затоа се нивните ставови и повик за вистински, коренити реформи во образовнието.
Втора клучна работа е апсорбционата моќ на протестите и сега на автономната зона. На протестите можат да се видат од средношколци до пензионери. Нивните професори стојат во првите редови со своите студенти. Граѓани со различна етничка и социо-екониомска позадина носат намирници кои се потребни во слободните зони. Тоа е проклето добро. И во нивните соопштенија до јавноста тие повикуваа на ова солидарност од сите сограѓани, која во реалноста и ја добиваат. Во овој дел кај солидарноста доаѓаме до она што власта преку Груевски, Спировски и во помала мерка Адеми, го толкува на следниов начин: Нема зошто студентиве да протестираат кога државниот испит ќе го полагаат наредните генерации и тие нема да имаат ништо со тоа, тоа ќе важи за оние што допрва ќе се запишуваат на факултети. Овој проблем околу разбирањето на солидарноста како темелна вредност на едно општество е системски карактеристика (која полека но сигурно почнува да претставува проблем за оваа власт), кој се манифестира низ целиот период на веќе 9 годишното владеење на ДПМНЕ. Ако нешто не се однесува лично на тебе, немаш право на збор/говор/акција/иницијативност..! Колку и да е дебилна оваа аргументација во исто време е и многу опасна. Во превод тоа би било вака: Ако во вечерните часови низ својот прозорец забележите како непознат маж со хебла го обива станот на вашиот комшија вие треба мирно да си се завртите на страна, да си ги облечете собните папучи и да си пуштите турска серија за гледање. Дали човекот влегува да украде нешто или недај боже да убие, тоа не е ваша работа, затоа што едноставно тоа не се случува во вашиот дом. Опасноста во ваквото поимање на работите се крие во тоа што со вртењето глава на страна вас не ве амнестира од одговорност и ве прави неутрални, туку тоа ве прави соучесник во кривично дело. И токму тука е поентата, овие млади луѓе не сакаат да ја вртат главата и не сакаат да бидат соучесници во константното деградирање и уништување на образованието а со тоа и на општеството во целина. Ама кога твоето владеење е поставено принцип да зграбиш што повеќе за тебе и само за тебе, нормално дека менталната матрица ќе отфрли секаков друг аргумент како страно тело.
Трета работа за мене и најохрабрувачка е следнава. Да земеме за пример студенти од 2-ра година од било кој факултет кои излегоа на протести а денска преспиваат по амфитеатрите на автономните зони. Тие студенти во 2006 година кога ДПМНЕ доаѓа на власт запишуваат шесто одделение основно училиште. Значи тие сегашни студенти а тогашни ученици поминуваат низ сите 'реформи' на образовниот процес под власта на ДПМНЕ, од основно преку средно до високо образовние, и сега истите тие студенти се предводници на најголемите студентски протести во независна Македонија. Истите тие студенти излегуваат на улица, прават автономни зони и викаат- Вака веќе неможе. Па поавтентичен одговор дека целосно си ја промашил образовната политика, здравје.
Четврта клучна точка е успешното справување на студентите со медимската пропаганда на режимот. Кога кон вас фрлаат со тули и камења имате два избора, или ќе стоите мирно и ќе дозволите да ве каменуваат до смрт или ќе бидете проактивни и со фрлените тули и камења ќе изградите цврст ѕид и ќе се заштитите, па понатаму можете дури и да прејдете во контраофанзива. Студентите ја избраа втората опција (случајот со црвени кругови, емисијата на Јанко). Поентата е дека пропагандата на режимот едноставно не проаѓа кај оваа публика. Овие млади луѓе информациите не ги добиваат преку Сител, Канал 5, Мртв... Не, најголемиот дел од нив информациите ги возпримаат од интернет, а таму дуваат други ветришта. Башка голем дел од овие млади луѓе имаа можност да отидат во странство, и сосема природно да почнат да прават споредби како е таму, како е тука. Хоризонталната поставеност на нивниот пленум ја гледам како маневар ова движење да се врзе за идеја а не за личност и да не се персонализира. You can't kill an idea, idea is bulletproof. И пропагандата наеднаш има сериозен проблем пред себе. Не само што не функционира туку истата станува трома и исмеана.
Тука некаде на крајот доаѓам до одговорнста на власта во образовната политика. Токму оваа власт е заслужна за деградирањето на факултетските дипломи и никој друг. Оваа власт е таа што отвараше факултети како да се селски чешми со изговор еве сите да се здобијат со високо образование. Под оваа власт на ДПМНЕ имаме преку 98% средношколци кои се запишуваат на факултети!?! Во која држава на планетава наша има таков процент? Од 2006/2007 до 2012/2013 во Македонија има отворено 78 нови факултети и високи школи. Да да, 78! Па Германија со 80 милони да сме, ќе имаме проблем само професорски кадар да обезбедиме, а камоли ние кои сме едно предградие на Берлин од 2 милони. Значи целосно девалвирање на факултетската диплома преку нивна хиперинфлација. Пазарот така функционира, она што е најретко е најпосакувано и најскапо, а она што е сеприсутно најефтино. И што е државниот испит ако не "реформа" на претходните "реформи" кои ги спроведува една иста власт? Тоа е како наместо пожарникар, да повикате пироман да гасне пожар. Едноставо не оди, може само да направи нов поголем пожар. Така и оваа власт не може да направи никаква квалитетна реформа во било кој сектор а посебно не во образование. Да можеа ќе направеа, 9 години се на власт. И тие како и пироманот можат само поголема беља да направат.
Конечно и главното прашање. Дали студентските протести можат да предизвикаат поголеми општествени промени на среден и долг рок? Дали има потенцијал за едни такви промени? Дефинитивно да! Едно е јасно, студентите се предводници на македонската пролет во среде зима. Од тука враќање назад нема. За резултатите и последиците од таа пролет, во некој друга прилика.
Инаку ликот што кревал рака, што го споменав во почетокот на колумнава,... во Идризово заврши.
Филип Јаневиќ Филип Јаневиќ, портпарол на ЛДП Куманово
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*