Апсолутно е јасно дека цените на горивата и електричната енергија растат на светските пазари. И тоа не може да ја одмине ниту Македонија. Но, обврска и задача на домашните политичари, носители на јавни функции, е да ги антиципираат овие движења на пазарите и да применат реални мерки кои ќе го ублажат влијанието врз буџетот на граѓаните. Владата со недели го игнорираше поскапувањето на горивата и ставена до ѕид од опозицијата, од немај каде донесе некоја мерка со која се обиде делумно да се откаже од акцизата за горивата. Но, само делумно и само доколку цената на светските пазари на горивата е енормно висока, игнорирајќи го нашиот предлог за линеарно преполовување на акцизата, што значително ќе ја намалеше продажната цена на горивата.
Избегнувајќи суштинско намалување на цената на горивата, особено игнорирајќи го опозицискиот предлог, Владата се правдаше со тезата „имаме најевтини цени на горивата во Европа“. Замислете, токму оние што ги возат во службени возила и што полнат гориво со службени картички лицемерно ги убедуваат граѓаните дека горивата им се најевтини, без да направат иста ваква споредба и за платите. Симплифицирано, Владата во време на криза не сака да се откаже од удопствата на своите функционери, не сака да се откаже од големата акциза која ја наплаќа за горивата од граѓаните, но бара од тие граѓани да и поверуваат дека состојбата е добра затоа што сме плаќале најевтини горива??? Ќе повторам, многу лицемерно...
Дополнителна селективност на Владата, запрепастувачки, увидов на последната листа на неплаќачи на данок објавена од страна на Управата за јавни приходи. Имено, на оваа листа се наоѓаат 3 фирми во чија сопственичка структура се или биле членови од семејството на поранешниот премиер, кои не платиле над еден милион евра данок на државата. Оние кои што треба да бидат пример за останатите граѓани воопшто не плаќале данок, додека некое гранапче за една неиздадена фискална сметка веднаш се казнува со илјадници евра. Така правна држава не се гради. Уште повеќе запрепастувачки е информацијата што токму преку една од овие три фирми се испумпале 36 милиони денари од затворената Еуростандрад банка, на име на кредит за кој цели 620 дена се нема исплатено ниту еден денар.
Токму заради ваквите фирми и ваквото селективно, но и расипничко однесување на Владата, државата нема доволно пари во криза да помага на своите граѓани и да гради инфраструктурни проекти. Тоа неплаќање на даноците и расипничкото однесување на функционерите го покриваат граѓаните преку казни, даноци, акцизи, такси, надоместоци... Само нова прагма во политиката и нови вредносни особини на политичарите ќе ја придвижат ваквата ситуација од зачмаеност. Чесноста, работливоста и љубовта кон државата и народот мора да прераснат во вредносни карактеристики кои ќе се почитуваат и вреднуваат кај политичарот и никогаш нема да поминува коментарот – не го бива, толку време е во политиката, а не направил пари. Граѓаните се носители на својата судбина и преку уставното неприкосновено право на глас секогаш одлучуваат кој и какви ќе ја управуваат државата, а преку тоа и нивните судбини.
Бране Петрушевски пратеник од ВМРО-ДПМНЕ
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*