×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Три клучни елементи за победа

    Виктор Божиновски

    Во изминатите неколку месеци се изнаслушавме разни експерти, доктори на науки и магистри со сомнителни рефернци и секако режимски мегафони кои секојдневно, под превезот на „политички аналитичари“ ни објаснуваат што не чини со државата и како на се победи на легални фер и демократски избори оваа криминална, ненародна и авторитарна власт. Како прво, јас лично, отсекогаш сум бил скептик дека ваква власт, слична на онаа на Милошевиќ од крајот на минатиот и самиот почеток на овој век воопшто може да се победи на избори, туку дека ваква власт се руши `само на улица`, но сепак, преминувајки преку првиот и вториот Пржински договор, бескрајните преговори и договори меѓу најголемите партии се до првото и второто учество на опозицијата во преодна Влада задолжена за спроведување на самите избори се создаваат какви-такви, макар и минимални избори после кои победениот ќе мора да ја признае победата на победникот, а овој вториот да ја врати Македонија на вистионскиот пат на економски развој и европските и евро-атлантските интеграции од кои во изминатите десет години целосно забегавме. Второ, повторно јас лично, воопшто не сум убеден дека власта сака нормални фер и демократски избори и дека многу е веројатно дека со укинувањето на Законот за Специјално јавно обвинителство повторно ќе се обиде целиот процес да го терминира и Македонија да ја вовлече во уште подлабока криза од едноставна причина што овој пат не се работи само за тоа кој ќе победи на изборите туку се работи и за изборот помеѓу останување на слобода или одговарање за сите тешки кривични дела од страна на самото раководство на владеачката партија што само по себе е многу поголем влог од победата или поразот на изборите.

    Но, за момент ќе преминам преку сите сопствени скепси по однос на сите наведени дилеми кои самиот ги имам, сепак не е доволно да се создадат услови за фер и демократски избори (што патем е нешто сосема нормално за земја кандидат за ЕУ и НАТО), и ќе се задржам на три клучни елементи кои покрај исполнувањето на претходните услови се нужно неопходни за победа на опозицијата на парламентарните избори.

    Прво, сеедно дали ќе се вика Визија за Македонија, План за Македонија или како и да е, ИЗБОРНА ПРОГРАМА во која детално `до милиметар` ќе бидат дефинирани сите приоритети на новата Влада предводена од сегашната опозиција како за првите сто дена така и за сите четири години по секоја година одделно, сите работи кои треба да се поправат во оваа `расипана машина` која се вика Македонија. Тука не е само доволно да се напише што ќе се направи, туку и како ќе се направи бидејки 4-5 сектори во државата се целосно руинирани и за нивно `оправање` треба време, знаење а богами и пари, кои државата како што сите ние добро знаеме, не само што ги нема туку и должи толку многу што за враќање на претходни долгови се земаат нови и тој `маѓепсан круг` никако нема од еднаш да се затвори.

    Правосудниот систем во најголем дел е руиниран и не создава кај обичниот граѓанин ниту пак кај некој од надвор минимум верба дека имате правна сигурност во државата, како по прашање на личните права и слободи така и по прашања поврзани за правната сигурност на финансискиот капитал и на домашните и на странските правни лица, па затоа имаме ситуација во која домашните инвеститори не го `шират` својот бизнис, а странските доаѓаат тука да инвестираат под услови кои ниедна друга држава не ги дава.

    Системот на здравството е посебна приказна. Мислам дека не постои полош сегмент во Македонија и дека на овој и ваков му е потребен целосен ремонт. Да имате јавно здравство во кое 10% од лекарите кои останале разбираат медицина, 90% се примени со партиска книшка а појма немаат од здравство, да имате нефункционален Фонд за здравство кој нема никаква шанса да ги покрие потребите на граѓаните ве доведува во ситуација едноставно да се плашите да не се разболите.

    Фондод за пензиско осигурување е `бисер` на оваа власт. Не знам дали ние разбираме дека има толку малку вработени во Македонија што плаќаат пензиско и инвалидско осигурување што годишно недостасуваат 400 милиони евра во овој фонд кои се надополнуваат од Буџетот на државата односно од други даноци кои немаат врска со придонесот за пензиско и инвалидско осигурување.

    Образованието е уште една посебна приказна ... недовно квалитетен кадар кој сам себе не се образувал доволно а камо ли да е спремен да образува деца кои еден ден ќе мораат да ја земат судбината на оваа држава во свои раце. Дефинитивно раскрстување со екстерно полагање и престанување со примена на разно-разни Болоњски, Кембриџ, Оксфорд и којзнае какви се други програми, кои можеби се добри сами по себе ама се неприменливи во Македонија. Ставање на точка на отворање на универзитети на секоја ливада и преиспитување на акредитациите на универзитети на кои не мора ни да се појавиш а можеш да донесеш диплома која вреди исто колку и онаа на Скопскиот универзитет ... и уште мал милион други глупости со кои оваа држава секојдневно тоне. Да не зборувам воопшто за расчистувањето со целиот криминал во овие десет години кои веројатно ја чинел оваа држава повеќе од 5 милијарди долари и одговорност за сите кои го правеле без никаков компримис како услов никогаш повеќе да не се повтори.

    Второ, формирање на најширока можна коалиција на политички партии кои ќе се обединат со единствена цел-рушење на овој режим. Сосема е јасно дека идеолошки разлики мора да има, но сметам дека е погрешно да се оди со две различни коалиции, една лево-центристичка и една десно-ориентирана затоа што сега е историски момент со сите капацитети да се нападне Груевски и неговата дружина, а после изборната победа и создавањето на нова Влада без ДПМНЕ и решавање на клучните проблеми во државата кои претходно ги набројав, тогаш може идеолошки да се поделат партиите и на нови избори граѓаните сами да одберат која и каква опција ќе ја води потоа државата. При ова КЛУЧЕН фактор е и обединувањето на граѓанскиот сектор, на сите оние невладини организации кои јасно и недвослислено во изминатиот период ги лоцираа сите мани и дисфункции на овој режим и нивно ставање во оваа голема коалиција зашто тоа е вистинскиот начин да се постигне `договор со граѓаните` дека она што им се нуди гарантирано ќе биде и спроведено од страна на идната Влада. Тука мислам и на студентите, на средношколците, на ШАРЕНИТЕ, на интелектуалците па дури и на оние кои немаат иста идеолошка матрица, ама многу добро знаат дека ова вака више не оди. Надминувањето на личните суети можеби ќе биде најголемиот проблем за создавање на ваква машинерија, ама ако има лични суети тогаш нема ни што да се бара. Ако не можеме да се договориме самите со себе, сигурно не можеме да се договориме ни со граѓаните да ни ја дадат својата доверба.

    Трето, кога би се направила таква програма и таква коалиција можеби најтешкиот дел е на граѓаните да им се понудат луѓе кои ќе гарантираат спроведување на сите програми, идеи и менаџирање на она што јас го нарекувам `процес на ресетирање` на Македонија. Без квалитетни луѓе кои ќе се нафатат да изработат она што е договорено и она што е важно за `нов почеток` на Македонија. Мораме еднаш засекогаш да престанеме на состаноци да предлагаме луѓе `по нарачка`, да се погледнеме во очи, да си признаеме кој колкав капацитет има и да ги избереме наајквалитетните за овој процес. Не мислам дека ќе има било кој привилегија да се нафати да поправа нешто што ептен е расипано, напровив, ќе има `ѓаволски` тешка работа, ама откако ќе разбереме дека не може секој да биде она што тој мисли туку дека за секој ќе има место онаму кајшто највеќе може да помогне, и тоа под услов да има капацитет сам да си признае колку и до каде може, тогаш и крајниот резултат ќе биде добар.

    Овие три услови, ако успееме да ги разбереме и да имаме храброст да се бориме со сите сили за нивно реализирање, победата е неизбежна !

    Виктор Божиновски Виктор Божиновски

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*