×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • За една елка и еден град

    Бране Петрушевски

    Месец февруари... Се шетам на плоштадот како секој ден и гледам - елка. Тажна, искривена, полунакитена елка. Се запрашав - зошто уште стои таму? И ми текна! Стои таму за на оние на кои уште не им е јасно сликовито да им покаже колку нивниот градоначалник и неговата партија се грижат за Куманово.  Во таа кутра елка се гледа сета ажурност, работливост и експедитивност на локалната власт. Цел еден месец и повеќе на никого не му се замарало да ја тргне од таму. Ама сигурно имале попаметна работа, нели? Стварно, знае ли некој општо вака, што работат луѓето од локалната власт? Мислам, освен што се расправаат кој партиски војник, чиј другар или член од семејството, каде да вработат? Тоа е нивната единствена мака и преокупација. За тоа време градот си стои заглавен како елката на плоштадот.

    Дивите депонии наголемо дивеат. Дури и во центарот на градот. Ќе ги подзачистат некогаш онака колку да се каже, но без план и идеја, и тие самите знаејќи дека ништо суштински не решиле и градот ќе го остават да тоне во ѓубре. И знам што ќе кажат „Кумановци се криви“, „невоспитани се“... Да знете нешто, никогаш не се криви луѓето.  Криви се оние кои не ги спроведуваат законите и не ги казнуваат тие малку луѓе кои навистина СЕ криви, иако за тоа ги имаат сите механизми. Зошто не ги казнуваат и дали имаат корист од нив е тоа е веќе друго прашање.

    Тротоарите узурпирани. Возачите нема каде да возат, пешаците нема каде да одат и секојдневно го изложуваат на ризик својот и животот на своите најмили. Дечињата мораат да ни се движат по улица заедно со возилата. Решението на „таткото на градот“: за многумина нефункционалната и ни од далеку доволна естетска грдотија во центарот на градот наречена (едно) катна гаража.

    А зелени површини? Слушнал ли некој во СДСМ за тоа? Знаат ли дека се гушиме? Знаат ли дека секојдневно нè трујат? За гасификција никогаш не е време, нели? Па тие не се одважија ни едно дрво да засадат (а многу испосекоа), а парк да направарат. Два парка на над 100 000 жители! Навистина, да не е многу?

    И замислете секоја година градоначалникот и локалната власт трошат милијарди денари наши пари за сето она што НЕ го работат. Пари изгубени во неповрат и за ништо. И кога ќе ви кажат нема пари за нешто, да знаете дека лажат. Пари има. Битни се приоритетите, парк или нови 10 партиски вработувања. Нашиот ни градоначалник секогаш го избира второто.

    Споменав само мал дел од морето на проблеми на овој град. Решенијата за сите нив понекогаш се едноставни, колку и да ви ги прават сложени. Секој град во светот некогаш ги имал овие проблеми. Но тие градови имале градоначалници кои се грижат и луѓе околу нив кои работат. Само толку. За секој од овие проблеми има лесно остварливи па дури и брзи решенија. Ама треба да се има волја и да се вложи барем минимален труд. За сè. Па дури и да се раскити една стара елка...

    Бране Петрушевски пратеник од ВМРО-ДПМНЕ

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*